За лекарот, за пријателот, за Човекот….

Еднаш, двеилјадитата, ептен конкретно ми го спаси животот, кога нападот на пароксимална тахикардија, кој траеше веќе подолго од час, го смири до степен за да ме товари во брзата помош и испрати на клиника. (Мислам дека тогаш конечно сfатив колку фантастично е професионално точен, брз, организиран...). Потоа ми помогна да ги направам сите неопходни релации со профesor Рајзер од Нирнберг за да одам да го ,,заштопаат“ (така велеше Јоцко...) оној проретчен дел од ткивото на  моето срце. Откако се вратив од Германија (како нова...), редовно на шест месеци, следеа неговите повици со прочуената реченица ,,Ај биди малку помалку будала од колку што си  и дојди на контрола....“. Еднаш, 2015, речиси ми го спаси животот кога ми даваше совети како и каде да ја оперирам речиси целосно запушената каротида.... Многу пати ми спасуваше значајни делови од душата во оние полноќни разговори на мојата тераса кога ќе му се јавев и кажев ,,Молим те дојди кога сé ќе завршиш. Не можам веќе ...“. Или во седум наутро на оние брзински разговори со првото кафе на неговото биро во ординацијата. Тогаш зборувавме, се разбира, кусо (зошто веќе го чекаа пациентите), но тој чудесно умееше да го најде оној волшебен збор со кој ќе те смири, упати, ќе ти ги прочисти умот и душата.... Тој не ме лечеше само мене, туку и целото мое семејство - моите Ива, Венцо, Георги, Лиле....Со истата професионална прецизност и човечка полушеговита топлина и непосредност Доктор Јосиф Наумовски...Јоцко мој ...Или поточно -Јоцко наш.... Се знаевме оддамна. Во генерацијата 1956/57, на денес легендарното основно училиште ,,Гоце Делчев“, тројца бевме ,,најмалите“ – родени 1950. Вене (подоцна сликарот Венијамин Хаџинаумов), Жани (подоцна музичарот Снежана Анастасова Чадиковска ) и Јоцко (подоцна елитниот кардиолог Др. Јосиф Наумовски..). Освен во училиштето (кое функционираше со сите за денес веројатно старински, но чинам многу ефикасни редови на воспитание и образование) се среќававме и на оние тогаш основани секции за литература, новинарство, собирите на млади амбасадори .. Јоцко живееше во куќа со големи прозори - врати точно спроти училишниот двор. Не знам колку и како се дружевме, но просто често и на многу места бевме ЗАЕДНО.... По земјотресот, во гимназијата ,,Јосип Броз Тито“ нештата некако спонтано продолжија. Освен учењето (веќе реков, изгледа тоа не ни правеше некој особен проблем), тука беа заедичките посети на опери, театри, концерти дури и со полн воз ученици на изложба на Ван Гог во Белград... Се разбира, тука беше и училишното гласило ,,Кукурек“, претставите на училишниот ,,Не театар Кактуси“ (под водство на денес несомнено макаедонските и не само македонски мајстори на театарот, тогаш момчињата Унко и Владе...). И така натаму - нештата врвеа по некои свои редови... Студентските години, различноста на струките и градовите во кои студиравме значеа некаква пауза во нашите видувања. Пауза, која прекина кога ќерката на Јоцко и Снеже, денес препознатлива во повеќе земји на светот пијанистка Ирина Наумовска, уште  како многу мало девојче се определи за иднина на музичар. Значи, уште од најрана возраст настапуваше на концерти, натпревари, меѓународни средби на млади таленти.... Заради нејзината возраст, но и зради фактот што како родители сакаа целосно да го поддржат своето дете, Јоцко и Снеже десетина години често биваа заедно со нас, пијано-педагозите. Всушност речиси на секој концерт или настап на Ирина. Дури имавме и заеднички патувања: Чешка, Бугарија, Белград. Секогаш, одново и одново ме фасцинираше фактот колку доктор Јосиф Наумовски (сосема без лукративна причина) познаваше музика , но уште повеќе - колку суштински ја разбираше и сакаше музиката. Всушност и нашиот последен разговор во мај годинава се однесуваше на едно музичко прашање. Тој ми беше ветил свој напишан спомен за текст на кој работев, во чест на нашата оперска примадона Зина Креља. Тогаш за прв пат го слушнав да каже ,,Жани, не можам. Патувам за Виена, на лечење“. И така , денес Јоцко го нема веќе. Го нема доктор Јосиф Наумовски, лекарот и личноста која на свој сопствен начин во нашето обично премногу балканско опкружување, ја враќаше вербата во комплексноста и благородството на чинот на Човекување. Почивај во светлина, мили. Знаеш дека засекогаш  остануваш дел од нас.   Твоите Ива, Георги, Снежана и Венцислав Чадиковски 23.12.2017, Абу Даби