, ,

ЗОШТО СЕ ЈАВУВА ЉУБОМОРА КАЈ ПОСТАРИТЕ ДЕЦА И КАКО ДА СЕ ИЗБОРИТЕ СО НЕА

Во не толку далечното минато, кога семејствата биле многубројни, родителите никогаш не помислувале дека може да се јави љубомора помеѓу браќата и сестрите, имале многу поголеми обврски. Денес многудетните семејства се реткост, ама затоа љубомората на постарото дете во однос на новиот член на семејството стана глобален проблем. Приновата во семејството во која веќе има едно дете претставува голема промена за целото семејство. Новороденото дете го презема целото внимание на родителите па и на поширокото семејство. Постарото дете наеднаш се наоѓа во ситуација во која не е повеќе центар на внимание“ и не разбира како се случило тоа. На оваа промена во семејството, многу деца во зависност од возраста и подготвеноста на оваа промена реагираат со љубомора. Децата својата љубомора ја изразуваат на различни начини. Некои деца љубомората ја потискаат длабоко во себе, некои почнуваат да го цицаат палецот, некои имаат чести напади на бес. Тоа што е заедничко кај сите деца е што не умеат вербално да го искажат тоа што го чувствуваат. Љубомората е најизразена од третата до седмата година кога вербалниот аспект сѐ уште е во развој. Како постарото дете ќе го прифати новиот член во семејството најмногу зависи од родителскиот став. Љубомората е природна, нормална фаза на борба на децата за свое место во семејството, но пожелно е да се обидете на секој начин да спречите во оваа борба постарото дете да се повлече во себе, да има агресивни напади и слично. Како да го подготовите детето за помалиот брат или сестра што доаѓа? Најдобро е да почнете неколку месеци порано. Најважно е да му кажете дека во стомакот на мама расте бебе. Можете заедно да одите и да купувате работи за бебето и полека да го учите да биде самостојно се разбира во зависност од возраста. Често разгледувајте слики или видеозаписи кога тој / таа бил мал како и тој / таа не знаел да оди, да зборува и слично. Поведете го со вас на ултразвучен преглед, нека ја почувствува вашата возбуда, истовремено тоа ќе влијае да од почеток биде вклучено во очекувањето на бебето. Објаснете му на детето дека бебето што доаѓа никако нема да ја загрози љубовта што ја чувствувате за него. Постојано кажувајте му на постарото дете колку многу го сакате и продолжете со тоа и откако ќе се роди бебето, затоа што колку и да е свесно детето за вашата љубов, ова е време кога треба да го потсетувате. Што се однесува до посетата на градинка на постарото дете во време кога пристига бебето, ви советувам тоа да го одложите за некое време. Ако го издвоите детето од семејството, баш кога ќе стигне бебето, ќе се почувствува додатно запоставено и отфрлено. Ќе мисли дека вие дома поминувате прекрасно време, па неговиот отпор кон градинката ќе биде многу поизразен. Многу деца тогаш се враќаат на веќе одамна надминатото однесување (повторно почнуваат да мочкаат во кревет, да бараат цуцла и сл. ) затоа што несвесно мислат дека на тој начин ќе го привлечат вашето внимание како бебето. За Женски МагазинРужица Митровиќ-Дипломиран педагог