Интервју Виолета Златкова: Мојата интимна средба со хроно исхраната

Таа е иницијатор на една цела група пеперуги. Пеперуги кои се среќни со себе и задоволни од новиот одраз во огледалото. Виолета Златкова својата битка ја претвори во убава инспиративна приказна која ја сподели со многу луѓе. Таа стана нивниот херој. Во групата за хроно исхрана им помогна во насочувањето, мотивирањето и практикувањето на искуствата. Оваа група стана убаво движење со навистина импозантна бројка на следбеници. Тука со задоволство се охрабруваат новите, се мотивираат оние кои за миг паѓаат во искушение, се едуцираат сите. Рецепти, разговори, искрени совети и аплауз за постигнатиот успех за секого, се дел од убавата атмосфера која се шири како убав вирус. Таа знае како. Својата приказна несебично ја дели со сите. Денес ја сподели и со нас. Виолета Златкова од душа и со многу емоции ја разоткрива својата приказна за тоа како таа стана дел од хроно начинот на живот и кои се придобивките со кои се стекна. Среќна, задоволна и здрава ја раскажува својата интимна средба со овој начин на живот.

Женски Магазин Новата ера во исхраната за многумина се случува со Хроно исхраната. Која е целта на ваквиот начин на исхрана?

Виолета Целта е всушност и она на кое се заснова исхраната. Трите основи принципи:

    • Создавање на алкална средина во организмот (обезкиселување) затоа што закиселувањето предизвикува хронични воспалителни и дегенеративни заболувања (карциноми, инфаркт, дијабет и сл.)
    • Правилен временски распоред на дневните оброци – задолжителни се три главни оброци во денот (појадок, ручек, вечера) со временско растојание од 4-6 часа меѓу нив, кога не треба да се внесува никаква храна.
    • Глуциден индекс (ГИ) – брзината со која одредени храни го зголемуваат нивото на шеќерот во крвта (гликозата) односно примена на така наречени спори шеќери, т.е. сложени јаглехидрати во исхраната.

Женски Магазин Зошто се одлучивте да се храните по овој концепт?

Виолета Во животот имам пробано скоро сè од диети, начини на исхрана, со и без физичка активност и од ништо не успеав да имам долготраен ефект на намалување на инсулинот, тироидна под контрола и најважното, никогаш не успеав да го средам липидниот статус во нормални рамки. При тоа, во многу од начините на исхрана и покрај сите мои напори, првенствено да го средам здравјето, бев гладна. Со самото присуство на глад, кога ќе стане секојдневие, многу често е присуството на раздразливост и тешка концентрација, умор и откажувања.

Првичното што ме привлече во хроно исхраната е тоа што каде и да тргнев да прочитам, дали искуства или пак интервјуа од Ана Гифинг, го среќевав податокот колку многу позитивно влијае на хиперинсулинемијата. Односно чистењето од секаков вид на шеќери во рестриктивниот период, го смирува панкреасот и почнува да работи подобро. А и подоцна, во траен режим, целиот начин на исхрана се заснова на хормоналниот и ензимскиот статус во организмот, па панкреасот останува како „крал“ затоа што е заштитен од брзите шеќери.

Но, да бидам искрена, сè додека проучував и анализирав, цело време ме одржуваше она што бев свесна дека нема да бидам гладна. Многу е важно начинот на исхрана да стане дел од нас, за да може да биде начин на живот. А никој не би избрал да биде гладен.

Женски Магазин Кои се придобивките кои ги чувствувате сега? Што се смени кај вас? Кои се разликите на кои им се радувате?

Виолета Здравствено јас се чувствувам како нов човек. Со самото тоа што инсулинот ми е нормален повеќе од една година, јас имам сила (и волја) да живеам во сопственото тело.

Ги нема сите оние гликемични шокови на паѓање шеќер, прејадување, па пак неконтролиран глад и сè така во круг на изнемоштување.

Сега постои само реален глад, доколку ги надминам оние идеалните 5.5 часа помеѓу оброк. Со самото тоа ми се смени целиот ритам на денот, не сум исплашена дека и после 3 часа од оброк може да ми се слоши. Па радост ми е што не мора во сите ташни да имам по едно чоколадо за да не ми притреба ако случајно на улица почнам да се препотувам.

Се чувствувам слободно. Не се плашам да се преморам, затоа што знам дека сум здрава.

Се чувствувам среќно во своја кожа, здраво и без товар од речиси 30 килограми. Се чувствувам онака како што требаше да бидам цел живот.

Женски Магазин Дали сега сте задоволни од постигнатото?

Виолета Презадоволна сум, тоа би бил одговорот доколку треба да биде вклопен во една реченица. Презадоволна од тоа што направи хроно од мене.

Ама секогаш го има она човечкото „Ама кое во овој случај е повеќе фокус на менталниот склоп со кој сè уште имам борба. Па би била позадоволна кога ќе успеам да ги надминувам многу полесно кризите за шеќери кои за жал се присутни. Јас уште се чувствувам како зависник од шеќери и постојат моменти кога се плашам од себе дека можеби пак сум способна да изгубам контрола макар на момент, кога би седнала да јадам палачинки.

Не викам дека би се вратила на стариот начин на живот, тоа воопшто не ми е во никаков план, туку би била позадоволна од себе кога ќе бидам сигурна дека можам да се исконтролирам со количината.

Бара време и работа на себе ама после сите кризи и секакви ситуации во овие 20 месеци, јас навистина не се сомневам во себе колку многу можам.

Женски Магазин Како се снаоѓавте на почетокот? Дали ви беше тешко? Дали ви недостигаше нешто од она што претходно го практикувавте во исхраната?

Виолета Хаотично. Ако треба да се навратам на првиот месец – хаос и паника би биле најсоодветните изрази. Имав чувство дека не излегувам од кујна.

Беше тешко затоа што бев свесна дека морам да ги имам подготвени или во мала рака организирано сите три оброка, затоа што не смеев да си дозволам грешка. Знаев дека ако немам оброк кој е соодветен за мене, со толку висок инсулин и напад на глад, ќе јадев она што ми е прво спремно. Па мислам дека притисокот што сама си го правев, најмногу ме изморуваше.

Кога се почувствував посигурно во себе и кога почнав да ги надминувам основните стравови, повеќе се опуштив и несвесно веќе ми беше секојдневие.

Ми недостигаше утринското кафе на гладно. Целиот тој ритуал. Ми недостигаше овошјето и сирењето без контрола … ми недостигаше да излезам и „безгрижно“ да седнам и да јадам она што ми се јадеше во тој момент, не оброк кој е резерва од претходниот ден.

Ми недостигаа навиките, вкусовите … ми недостигаа сеќавањата за храната. Не толку самата храна.

Како непреболена љубов. Баш и така се чувствував, дека еден дел од мене е скршен. Како некој да ми одзема дел што мене ми припаѓа. А тоа е само храна …

Женски Магазин Како реагираа вашите блиски? Дали добивте поддршка? Кој ве храбреше најмногу?

Виолета Поддршка сум ја имала отсекогаш. Секогаш најблиските наоѓале начин како да ми помогнат, како полесно да ги надминам кризите … како полесно да се снајдам во сите забрани за храна. Така беше и овој пат, само разликата беше што сите беа многу загрижени за здравјето. Па целото охрабрување почнуваше и завршуваше од таму, дека мора да бидам здрава и дека по не знам кој пат морам да дадам сè од себе. А потајно и тие и јас знаевме дека можеби е време и да е за „последен пат“. Па затоа и хроното ми стана начин на живот, не е диета која ќе ме измачува само додека не ослабнам.

И на сите мои кризи го добивав „можеш ти, а и мораш“. Веројатно овој пат поддршката немаше компромис.

Од кој највеќе „на имав“ и имам не знам да ја направам разликата, само затоа што сите на различен начин се покрај мене, односно секој има различен пристап како да ме охрабри. Мајка ми ќе ми биде секогаш херојот, затоа што секогаш кога ќе ми кажеше „браво Виолетче“, се чувствував како мало дете во сигурни раце. А од друга страна секогаш и го гледав погледот „знам колку е тешко и знам дека ти е дојдено преку глава“, па ја имав и таа сигурност дека некој ме разбира. Кој ако не мајка.

Но најголемата благодарност секогаш ќе ја има Маја Војноска, затоа што после првиот неформален муабет, по контролата на Ендокринологија и кажав дека сериозно ја анализирам хроно исхраната, ми се јави и ми кажа дека и во Скопје има ординација која ја има франшизата и дека можеби може да ми помогнат.

Тоа веројатно ми беше и последниот аларм, има доктори, мое е само да почнам.

Женски Магазин Вие создадовте група со многу следбеници кои ги подучувате, охрабрувате, насочувате за овој начин на исхрана. Какви се реакциите најчесто на почетниците? Што ги обесхрабрува најмногу кога почнуваат со овој начин на хранење?

Виолета Сосема непланирано ама од прв ден па и до денес, ми стана втор дом. Ги засакуваш луѓето, иако не ги знам лично. Ги чувствувам, иако не го бараат тоа од мене. Па затоа и сите почетнички реакции ги преживувам и јас, можеби дека скоро се од тоа имам поминато и знам како е да си од таа страна.

Сите најбурни реакции се дека не можат без благо, без овошје … и сè почнува и завршува од таму. Мој впечаток е дека шеќерите се причината за сите реакции и не задоволства, дека во рестрикција не се дозволени грешки од таков тип, доколку сакаат да го постигнат ефектот на чистење и колку толку менување на ментален склоп.

Иако, покрај белиот шеќер, бурни реакции има и за фруктозата. Многу често уште во старт не си даваат шанса, затоа што нема овошје сè додека сакаат да ослабнат.

Втората најчеста причина е изговорот дека немаат време да готват и дека хроно исхраната бара многу време во кујна. Факт е дека бара на почетокот додека не стане секојдневие, после е сè рутина и организација. Затоа и го споделуваме искуството, дека скоро сите ги поминавме истите стравови, ама успеавме.

Женски Магазин Најчестите коментари на критичарите кои обесхрабруваат се дека има премногу месо и премногу готвење. Каков е вашиот став? Дали ова е навистина така?

Виолета Пак ќе се повторам за готвењето, дека кога ќе стане дневна рутина, оброците во хроно се многу поедноставни за подготвување отколку ете ако можам да кажам, традиционалните оброци на кои сме навикнати.

Околу месото, да се согласувам дека не смее да се зема правилото „јадеш колку сакаш“, не барем за месото. Се согласувам дека количината на местото треба да биде на некој разумен оптимум со многу зеленчук во оброкот. Во сè што се претерува, не може да е добро, ниту во намирници, ниту во количина.

Но, сите го скокаат делот дека рибата и печурките се овде, и треба да бидат максимално вклучени. Сите забораваат дека не треба да е фокусот на месото, туку на протеинот. И дека минимумот на рестрикција е 28 дена, па после тоа може да се вклучат пак сите мешункасти, скробот … може да се најде разумен компромис доколку се сака.

И ако треба да бидам прецизна (не зборувам за исклучоци), мој став е дека 200 грама месо на оброк со огромна порција на зеленчук е сосема доволно, доколку сме имале квалитетен оброк.

Женски Магазин Овој начин на исхрана може да го практикуваат ли оние кои се вегетаријанци?

Виолета Може. Дел од нив јадат и риба (иако се ретки ама во групата ги има) и по нивните искуства се снаоѓаат сосема добро. Најчестиот проблем кај вегетаријанскиот дел од хроно е што многу побрзо станува монотоно, па затоа и сите искуства што јас ги знам се адаптирано вегетаријанското хроно.

Јас имав искуство од само еден месец, кое не би го повторила затоа што не се чувствувам дека психички сум спремна за живот без месо.

Женски Магазин Нутриционистите забележуваат дека овој начин на исхрана го исклучува овошјето. Но, дали навистина е така?

Виолета Се исклучува само првите 28 дена, за да може панкреасот да се смири. После тоа може секој да си го врати во исхраната и да биде спремен дека ќе слабее побавно. Но, ова е начин на исхрана за цел живот, па нема потреба од брзање. Тоа е навистина обвинување само затоа што многу од нас избрале подолго да бидат без овошје. Со надзор од медицинско лице. А не е дека е задолжително или дека ако се внесува парче овошје за време на ужина дека нема да е хроно.

Женски Магазин Вие сте еден од главните мотиватори во групата. Како го организирате вашето дневно мени и како готвењето го приспособувате на вашите обврски?

Виолета Ти благодарам, секогаш е убаво да се слушне.

Ми остана навика, веројатно од првичниот страв дали ќе успеам, да пред спиење макар на блиц ги поминам во мислите сите оброци за наредниот ден. И јас од прилика знам што ќе јадам, дали имам резерва на оброк во фрижидер, дали имам време за нешто покомплицирано, дали ќе ми биде пренапорен денот, дали можеби ќе треба да јадам надвор или да купам готова кокошка …

Не е дека можам сè да контролирам, секакви ситуации има, ама се научив, веќе е како дел од мене да ми е организирана храната. Доколку знам дека следните неколку дена ќе ми бидат хаотични без време за подолго задржување во кујна, јас навечер останувам плус саат или два и спремам оброците за наредните 3 дена кои може да стојат во фрижидер. Па така добивам на време.

Лебот и печивата секогаш ги правам кога ќе бидам цело попладне дома и имам време за печење и правење резерви. Само замрзнувам, имам резерви и добивам на сигурност.

Женски Магазин Кому не го препорачувате овој начин на исхрана? Има ли такви личности?

Виолета Мислам дека и најздравиот човек има обврска да се консултира макар со својот матичен лекар, за да биде мирен дека е се во ред. И овој начин на исхрана, макар со адаптација, не штети на никој. Но, има премногу болести и состојби за кои е потребно консултирање со специјалист и следење и на нивните насоки.

Верувам дека некој ќе испуштам ама како пример ми се секогаш лицата кои по која било причина, имаат проблеми со бубрезите. Кај нив, секогаш е задолжително одобрувањето да го направи нефролог, затоа што во овој начин на исхрана има поголем внес на протеини, кои тие не можат да ги преработат.

Женски Магазин За крај, како искусна Хроно Пеперутка, кој е вашиот совет до оние кои сакаат да почнат, а сè уште се мислат?

Виолета Она за кое ми е криво на мене, што толку долго ми требаше храброст за да почнам. Да не чекаат ниеден ден плус. Никогаш не сме доволно спремни за да се откажеме од навики кои не следат цел живот, никогаш не сме доволно спремни за да почнеме нов живот без многу омилени комбинации ама пак, никогаш и нема да дознаеме колку многу може да издржиме ако не си дадеме шанса за поздрава, поубава и подобра верзија од себе.

И многу е важно, во целиот процес на адаптација, да си најдат храна за среќа која ќе смеат да ја јадат и секогаш ќе им биде како начин за подобра издржливост. Мене на пример ми се крилцата и виното, секогаш се потсетувам колку среќен човек сум што сепак имам шанса да јадам толку многу работи и да бидам здрава.

Никогаш не се откажувајте од себе! И никогаш не можеме да имаме сè во животот, а храната е живот. Затоа секогаш балансот треба да е од тоа што смееме и сакаме, само треба да го најдеме совршениот за нас.

За Женски Магазин, Вики Чадиковска

Преземање на текстот е можно само со дозвола од редакцијата на Женски Магазин