Интервју Лешоски: „Македонија не ми те заслужвит Дарче“

Зборовите се неговата магија. За оние кои го знаат подобро, и неговата душа не е исклучок. Тој е од оние ретките, кои ќе ви кажат „Добро утро“ и „Леќа ноќ“, ќе ви пријдат и ќе ви шепнат искрено „Извини“. Роден е во Вевчани. Книгите се неговата страст со која се запознава на 2 години. Роден е на 4 јули. Емотивноста веројатно му натежнува од  Раковите на кои астролошки припаѓа, а можеби и од семејството со кое е во нераскинлива и интензивна врска. Татко му неговиот талент го вметнал во семејниот грб, каде перото е всушност Дарко. Можеше да биде адвокат, но одлучи да студира американски културни студии. Публиката на социјалните мрежи гладно ги голташе неговите песни, кои тој ги собра во две книги досега. Едната е „Дете од лоша фамилија“, а другата која ја промовира во јули годинава е насловена „И тогаш Јаков му дари на Јосиф шарена облека“. Дарко Лешоски е како и секогаш прецизно искрен во интервјуто за Женски Магазин. Женски Магазин - Вашиот начин на пишување ја допира публиката. Што ве инспирира да почнете да пишувате? Лешоски - „Да си најдам мир. Тоа ме терало отсекогаш да пишувам. Ако се соблечеш пред огледало во празна соба сам и не ти е срам – нема да ти биде срам да се соблечеш и пред илјадници. Потрагата по мир. „Како раснеш ти учиш да си ја копаш и работиш својата градина да ти порасне цвеќе – наместо да чекаш некој друг да ти донесе цвеќе“ вели на едно место Маркес.

Женски Магазин -  Често го споменувате  вашиот татко. Дали од него го наследивте уметничкиот дух?

Лешоски - Татко ми е кулминацијата од тој уметнички ген кој се провлекувал низ нашето презиме. Интимно кај мене како слика, прадедо ми е муграта, дедо ми беше утрото, татко ми е пладнето – кога сонцето е најсветло, јас сум дури залезот на тоа сонце кое може да даде некој уметничка топлина. Често го зезам дека е кариериста–цинично. Се откажал од Ликовна академија во Белград, има Гран при за главна улога на аматерскиот фестивал за театар во конкуренција со многу театри од бивша Југославија и тука застанал, татко ми е автор на сувенирите личници, официјалните банкноти на Република Вевчани, слика икони, прави мозаици од природен камен и да, пишувам поубаво од мене.

Женски Магазин - Колку е важно семејството за Дарко?

Лешоски - Обично сакам да се изразувам со стереотипи затоа што се описни и даваат во ова модерно и брзо време полесна слика за нештата. Рак сум во хороскоп, така што за мене семејството е секогаш пред сѐ, па 10 места празни, па дури на 11 сум јас.

Женски Магазин - Сакавте ли да станете политичар?

Лешоски  - Никогаш не сум се ни замислувал, ниту пак сега самиот се перцепирам како политичар во онаа општоприфатена смисла на зборот политичар, сакам подобро, сакам повеќе, сакам правда, сакам ред, сакам почисто, сакам да останам гласот на обичниот човек помеѓу политичарите. Како што вели главниот протагонист во филмот „Јас, Даниел Блејк“ добитник на Златна Палма, „I’am Daniel Blake and I am a citizen, nothing more, nothing less!.

Женски Магазин Како ќе ги запаметите последните Струшки вечери на поезијата?

Лешоски - Како Александар Кирков од „Пред дождот“ кога се враќа дома и ја отвора со години непроветрената куќа.

Женски Магазин - Може ли Македонија да се носи со искреност, со признавање, со простување?

Лешоски - Верувам дека е тоа повеќе работа на Македонија отколку моја. За жал коефициентите на светските статистики за степенот на образование и степенот на суета кој го гледаме секојдневно околу нас се во голема дискрапанца. Јас знам кој сум и што носам во себе, за мене поезијата отсекогаш била начин на живот, одлика на карактер, однос спрема другите, етичка вредност, начин на сакање. Како старееме учиме да посакаме се најдобро и да си заминеме. Жал ми е што многу луѓе ја покажаа својата маленкост и лицемерие како луѓе наспроти убавите дела кои ги оставиле или оставаат зад себе. Драго ми беше што поезијата наеднаш стана поважна од се, а јас придонесов за тоа. Блаже Конески има еден стих вели: Боже мој, што толку се понижи за мене да ме уништиш. Во такви моменти тебе ти е срам.

Женски Магазин - Ете вие бевте искрен. Како се чувствувавте по вашето повлекување и признание? Што ви рекоа блиските, што ви спомнаа дома?

Лешоски - Најискрено? – Македонија тебе не ми те заслужвитДарче.

Женски Магазин- Кој е поетот на кој Вие се воодушевувате?

Лешоски - Премногу се, но ете еден мој постар познаник неодамна ми откри еден босански поет – Менсур Чатиќ. Во последно добрината, понизноста, простодушноста, а сепак неверојатната луцидност на хуморот на обичната босанска душа ми извлекува киселкасто задоволна насмевка кога го читам.

Женски Магазин - Што е љубовта за Дарко?

Лешоски - Кичма на духот.

Женски Магазин - Годинава, јули освен по роденденот, ќе го паметите и по вашата втора книга. Кои беа реакциите од промоцијата, кои си ги помните како убавина во душа?

Лешоски - Можам да кажам само дека посакувам на секој од нас да се почувствува толку сакано како јас. Некогаш знам да кажам: Да умреш на крајот од таков ден – да не ти е жал.

За Женски Магазин, Вики Чадиковска

Насловна фотографија: Томислав Георгиев