ИНТЕРВЈУ-МИЛАНКА РАШИЌ: Вистинско време е за ТВ камбек

Кога влегов во МТВ имав 19 години и многу брзо ми понудија да бидам спикер на вести. Да прифатев, ќе бев најмладиот спикер, но не се гледав себеси во таа улога. Прво, зашто не ме интересира политика, второ, зашто сум многу емотивна и тешко би останала професионална кога би читала вести за несреќи и војни и трето, зашто знаев дека сакам креативна работа во забавната индустрија и атрактивни ТВ настани. Миланка Рашиќ е повеќе од две децении познато ТВ лице. Кариерата ја започна како водителка на бројни емисии за танц, филм и музика на МТВ, а беше дел и од фестивалските сцени на „Макфест“, „Скопски фестивал, „Интерфест“, „Браќа Манаки“, „МАРС“, „Езерски бисери“, „КС Денс“. Коментатор е на најголемите ТВ настани: доделување на Оскари, Греми, Евровизија, Европските филмски награди, Сан Ремо, Мис на светот. Таа е една од првите која правеше интервјуа со ѕвезди како Хулио Иглесијас, Синди Крафорд и Џони Логан. Беше судија во првата сезона на „Танц со ѕвездите“. По заминувањето од МТВ, во 2004 година, ја отвори агенцијата за Тв дистрибуција и производство „Миракс“ и соработува со речиси сите домашни телевизии. Јавноста често ја коментира појавата на Миланка како секогаш иста. Младешкиот изглед и дух, таа вели дека ги негува со здрав живот, а и помага и генетиката од нејзините родители. За Женски Магазин, Миланка изјави дека е среќно вљубена, но за неа нема потреба фотографии од партнерот да споделува на социјалните мрежи. [caption id="attachment_7885" align="aligncenter" width="640"] За време на преносот од Оскарите ми снема сигнал на мониторот во студио., немаше слика, само тон. Мавтав, се трудев да ме забележат во режија, ама тие загледани во преносот не ме забележува. - Миланка[/caption] Женски Магазин - Неодамна се собра екипата од „Канал 3“ на Македонската Телевизија од која и ти беше дел. Како си поминавте, кои спомени ги евоциравте? Миланка - Во Канал 3 ја започнав телевизиската кариера, првата емисија за танц, за филм, музичката „Некогаш и сега“, музичките маратони Топ 100, коментирав MTV Music Awards, American Music Awards, за прв пат Оскарите. Навистина имам убави спомени. Одамна се немавме видено со колегите и таа вечер беше полна со смеа и сеќавања на луди моменти од студиото и програмата која се емитуваше во живо. Шармот на „Канал 3“ беше во забавните емисии и многуте гости, но имаше и многу неочекувани ситуации. Еднаш, на сред одјава на празнична програма ни се скрши каучот од едната страна, а ние неколку водители седевме стуткани на него. Никако не можевме да престанеме да се смееме и да ја завршиме емисијата! Женски Магазин - Ти недостасува ли тоа време во МТВ, и што најмногу од него? А што не ти недостасува? Миланка - Ми недостасува креативноста, возбудата, адреналинот, задоволството по добро направено интервју или емисија. Ми недостасуваат колегите од филмската редакција кои со години ми беа како семејство, како и многу други прекрасни луѓе, монтажери, режисери. МТВ ми е прва љубов. Таму научив многу и се вљубив во волшепството на телевизијата. Ме интересираше се, научив да монтирам сама, да титлувам, да обмислам концепт за емисија, за репортажа. Не ми фали поминувањето на сите празници и Нови години на работа, наместо со блиските. Женски Магазин - Како гледаш на денешното ТВ водителство-новинарство, што е она што ти пречи и во кои млади колеги препознаваш квалитет? Миланка - Долги години од кариерата во МТВ, бевме неколкумина водители и презентери многу често пред камерите. Еве ќе ги издвојам презентерите на вести, Александар Деловски и Борче Николовски. Радиофоничен глас, совршена дикција, професионално однесување, почитување на публиката, на сето ова ме асоцираат нивните имиња. Имаше систем на вредности, се знаеше кој може, а кој не може да е пред камера. За мене е единствено прифатливо да се работи на тој начин. И сега има професионалци во повеќе телевизии, но, поретки се. Систем на вредности скоро и да нема. Не можам да разберам зошто се на телевизија некои луѓе кои зборуваат на скопски или друг дијалект, не внимаваат на јазикот, неразбирливо зборуваат, немаат речник и не умеат да се изразат, луѓе кои не ги почитуваат гледачите, не се подготвуваат за разговор со гостите или им фали половина азбука. Моќта на телевизијата е огромна, а со тоа и одговорноста на сите ТВ лица. Искрено, многу ми значи кога ќе ми кажат дека сум им била пример. Снеже Велков е една од првите водителки која јавно кажа дека гледајќи ме на телевизија посакала да се занимава со оваа професија. Ми го наполни срцето со радост! [caption id="attachment_7883" align="aligncenter" width="640"] Во јули бев во Пафос, Кипар, земјата на митови и легенди, каде што бев фасцинирана од Сината лагуна и најтиркизната вода што ја имам видено. - Миланка на Кипар[/caption] Женски Магазин - Дали си посреќна сега, кога работиш со сопствена продукција и како фриленсер, без постојан ТВ ангажман? Миланка - Да, зашто кога сам одлучуваш за проекти на кои ќе работиш, преземаш ризик, но истовремено си слободен и можеш да си го организираш денот и животот како што ти одговара. Преку „Миракс“ сум купувала ТВ права за емитување на доделувањето на Оскарите, Греми, фестивалот Сан Ремо, сме работеле и доста емисии и проекти, евровизиски репортажи. Се грижам за се, од договорите до финансиите и реализацијата на проектот. Работам со години и како дел од организацијата на меѓународниот арт фестивал „Езерски бисери“, како и на меѓународниот натпревар во кореографија „Икс Денс“. Минатата година бев еден од основачите на филмскиот фестивал „КинеНова“ и работев на првото издание заедно со група големи ентузијасти. Женски Магазин - Евровизија е една твоите специјалности. Сега, кога МТВ објави дека и Македонија сепак ќе учествува, имаш ли кандидат за кој навиваш или каков претставник треба да пратиме оваа година? Миланка - Факт е дека имаме одлични пејачи и докажани автори, но многу често бледа презентација на целата идеја. Сум работела на 15 Евровизии и сум правела анализа на успехот на земјите учеснички. За добар пласман, треба тим од најдобрите професионалци кои цела година ќе работат на проектот, да се направи квалитетна песна со одлична продукција, која е во стилот на пејачот, а не да се прави со сила вештачки хибрид од икс причини. Песната мора да има приказна, порака и впечатлива визуелна презентација, целата претходна промоција да е дел од приказната која милионската публика ќе ја види на евровизиската сцена. Се подразбира дека МТВ не смее да должи на Европската Радиодифузна Унија која е организатор на фестивалот и дека сите рокови треба да се испочитуваат. Во спротивно сите напори понатаму се бесмислени. Женски Магазин - Кој Евросонг од оние на коишто си била ти оставил најсилен впечаток и зошто? Миланка - Сите имаа нешто специфично, тешко е да се издвои еден. Бирмингем во 1998 година беше посебен, зашто беше последниот Евросонг со оркестар во живо и прво учество на Македонија. Стокхолм 2000, беше фасцинантен по иновативноста во преносот и целата организација. Во Копенхаген во 2001, имаше рекордно многу публика, скоро 20.000 и го паметам тоа неверојатно чувство, од огромните аплаузи и овации трепереше целата коментаторска кабина која беше на првиот кат. Рига во 2004 година, ја паметам по ерупцијата на среќа во публиката по победата на Турција и Сертаб Еренер и по најљубезните луѓе во организацијата. Истанбул следната година ги фасцинираше сите од првиот ден и свеченото отворање со забавата на Босфор, извонредниот пренос, а за нас беше посебен поради настапот на Тоше Проески. Белград 2008 е посебна приказна. Бевме со Тамара, Врчак и Адриан, а јас како шеф на делегација и коментатор. За песната „Во име на љубовта“ имаше одлични реакции, ја снимивме на повеќе јазици, имавме одличен спот. И бевме десетти во полуфиналето, значи требаше да влеземе во финале. Е ама во тие 2-3 години ЕРДУ ги менуваше правилата. И само таа година и уште една, важеше правилото дека 9 од 10 песни од едно полуфинале влегуваат во финале од гласовите од публика, а последната од жирито. Така наместо нас влезе Шведска, односно Шарлот Нилсон, за која, како победничка на Евросонг во 1999., ќе беше страшно да не влезе во финале и ќе ставеше крај на кариерата. Евровизијата во Москва беше грандиозна и се течеше беспрекорно, го памтам моментот кога претседателот Путин ненајавен дојде на генералната проба да си провери со свои очи дали е сѐ во ред. Женски Магазин - Ќе се пренесува ли доделувањето на Оскарите догодина кај нас? Миланка - Да, секако. Недела, 4-ти март резервирајте го уште сега за 90-та Оскаровска церемонија. Поради големиот јубилеј продуцентите најавуваат незаборавно шоу. Најавено е дека Џими Кимел ќе биде водител повторно, а се очекува да се појават импозантни имиња на американската кинематографија и ѕвезди од златното време на Холивуд. Женски Магазин - Кој филм ти е тебе лично омилен, некој кој ти оставил најсилен впечаток и одново можеш да го гледаш? Миланка - Има долга листа на филмови кои ме восхитиле, ме допреле, ме терале да размислувам. Имам големо почитување за седмата уметност, но филмовите ги гледам еднаш, најчесто во кино. Има ретки исклучоци како „Амадеус“ (1984.) на Милош Форман (замислете само колку бев среќна кога снимав репортажа за Прага и бев во студиото Барандов каде што се чуваат и голем број костими од снимањето на филмот) и „Друштвото на мртвите поети“ (1989.) на Питер Вир. Сум ги гледала повеќе пати, тоа се многу инспиративни безвременски приказни. Како дете уживав во црно - белите филмови од педесетите години, ги сакав Одри Хепберн и Грегори Пек во „Празник во Рим“ (1953), како и романтичната приказна во „Сабрина“ (1954). Од поновите наслови, ќе ги издвојам „Животот на Пај (2012.) на Анг Ли, „Соба“ (2015.) на Лени Ебрахамсон и „Девојка од милион долари“ (2004.) на Клинт Иствуд. Интересно е дека сите овие остварувања имаат освоено Оскар во различни категории. [caption id="attachment_7886" align="aligncenter" width="640"] Имаше систем на вредности, се знаеше кој може, а кој не може да е пред камера. И сега има професионалци во повеќе телевизии, но, поретки се. Систем на вредности скоро и да нема[/caption] Женски Магазин - Имаш ли некоја интересна анегдота да споделиш од пренесувањето на Оскарите? Миланка - Пред некоја година, за време на преносот ми снема сигнал на мониторот во студио. Тоа значи дека немаше слика, туку само тон од преносот од Оскарите. Јас продолжив да коментирам и не спомнав ништо пред гледачите. Мавтав, се трудев да ме забележат во режија, ама тие загледани во преносот, плус си гледаат кога е време за рекламен блок за да го подготват и никој не ме забележува мене како мавтам. Така коментирав неколку минути кои ми изгледаа како вечност. Женски Магазин - Музика, филм, танц, во што најдобро се снаоѓаш и што е она што го работиш со најмногу љубов? Миланка - И музиката и филмот и танцот ги работам со иста љубов, сето тоа е забава во светски телевизиски рамки. Јас секогаш сум работела во таа област, не сум сакала да работам на пример, во информативна редакција. Еве ќе ви откријам нешто што не верувам дека сум го раскажала порано. Кога влегов во МТВ имав 19 години и многу брзо ми понудија да бидам спикер на вести. Да прифатев, ќе бев најмладиот спикер, но не се гледав себеси во таа улога. Прво, зашто не ме интересира политика, второ, зашто сум многу емотивна и тешко би останала професионална кога би читала вести за несреќи и војни и трето, зашто знаев дека сакам креативна работа во забавната индустрија и атрактивни ТВ настани. [caption id="attachment_7888" align="aligncenter" width="640"] Недела, 4-ти март резервирајте го уште сега за 90-та Оскаровска церемонија. Поради големиот јубилеј продуцентите најавуваат незаборавно шоу[/caption] Женски Магазин - На кои ангажмани работиш во моментов? Миланка - Доделувањето на Оскарите ми е најголем проект од сега до март. Многу обврски се во прашање, од договори со компанијата „Дизни“ до подготовка на преносот, емисиите, обезбедување спонзори, техничка реализација и коментирање на шоуто. Во преговори сум и за еден проект, поточно серија патеписни репортажи. Исто така, сакам да работам една убава шоу емисија со гости, пејачи и танчари. Вистинско време е за ТВ камбек! На 19 години не се прават репортажи, ниту пак вакви емисии. Потребно е човек да созрее, да стекне професионално и животно искуство, па да го преточи во привлечен ТВ проект. Женски Магазин-Јавноста малку знае за твојот интимен живот, имаш ли партнер со кој ги делиш убавите нешта? Миланка - Имам. Поголема е среќата кога се дели со некој што те сака. Кога ми е денот полн со облаци, тој е мојот зрак сонце. Само што мојот приватен живот си останува приватен. Нема потреба од милион слики по социјалните мрежи. [caption id="attachment_7887" align="aligncenter" width="640"] Се восхитував на грандиозниот Лувр и Ајфеловата кула, шетав по Шанзелизе, дознав каде живееле големите уметници на Монмартр, видов каде е сниман филмот „Амели“ (еден од моите омилени). - Миланка во Париз[/caption] Женски Магазин - Што друго те исполнува и те прави среќна? Миланка - Луѓето што ги сакам, семејството и пријателите му даваат смисла на моето постоење. Секогаш кога ги гледам моите две внуки, Теа и Дина, се потсетувам колку е животот убав и едноставен, полн со љубов. Ме прават среќна патувањата, можноста да откријам нови дестинации, да создадам нови пријателства, да осознаам нови нешта. Летово бев во Хрватска и во Турција, но Кипар и Париз беа незаборавно доживување. Во јули бев во Пафос, Кипар, земјата на митови и легенди, каде што бев фасцинирана од Сината лагуна и најтиркизната вода што ја имам видено! Во август бев во Париз, се восхитував на грандиозниот Лувр и Ајфеловата кула, шетав по Шанзелизе, дознав каде живееле големите уметници на Монмартр, се сликав пред скулптурата посветена на Марсел Еме и неговото познато дело „Човекот кој одеше низ ѕидови“, видов каде е сниман филмот „Амели“ (еден од моите омилени), уживав во градините на Версај и бев пресреќна! Патувањата се мојот сон. Женски Магазин - Како успеваш секогаш кај луѓето да ги предизвикаш коментарите: оваа Миланка е цел живот иста, непроменета? Како се негуваш и како го одржуваш духот? Миланка - Благодарам. Веројатно имам среќа со гените, моите родители беа младолики. Не пушам, не пијам алкохол, ни кафе не пијам често. Сакам да танцувам, најмногу латино танци, бачата и салса, сакам да се дружам со духовити, умни и насмеани луѓе! Секогаш сум оптимист и се трудам да го гледам убавото во секој човек. Сакам да учам нови нешта и уживам во секој нов ден. А денот ми е совршен со насмевка, љубов и книга. Книгите и патувањата ми отвораат нови светови. За Женски Магазин, Милица Џаровска