Интервју со Ива Матиќ: Прва жена воен пилот во Македонија

Оваа прекрасна дама е кралица на небото. Таа работи една од петте највозбудливи професии на светско ниво. Ива Матиќ е 29 годишна скопјанка, корчагинка, магистер по електротехника и прва жена воен пилот во Македонија. Таа е капетан во Армијата на Република Македонија, и во последните 3 и пол години нејзиниот просечен работен ден подразбира управување со воен хеликоптер Ми-17. А кога е на земја и не е во униформа, обожава да патува и вози велосипед, ужива до друштво, книги, стрипови, астрономија… Женски Магазин - Ова е генерално професија во која ретко има жени. Токму и затоа веднаш би сакале да ни откриете какво е вашето искуство? Како ве доживуваат колегите? Како се однесуваат?  Ива- Од аспект на тоа дали и како сум се прилагодила на околината можам да кажам дека немав / немам никаков проблем затоа што и претходно бев во средина каде што преовладуваа мажите бидејќи завршив Факултетот за електротехника и информациски технологии. А за тоа како ме доживуваат колегите треба да ги прашате нив, јас само можам да кажам дека во мојот потесен круг колегите имаат коректен однос со мене. Женски Магазин - Какво е чувството да се биде на небото, да се контролира воздухот на некој начин?  Ива- Фантастично! Ги сакам предизвикот и слободата што доаѓаат под рака со оваа професија. Голем вљубеник сум во природата а нејзините неверојатни пејзажи и убавини најубаво се доживуваат летајќи. А токму хеликоптерите ја даваат таа слобода скоро совршено. Фактот дека можеме да полетаме и слетаме од скоро секаде најубаво ја доловува таа слобода. Женски Магазин Како се одлучивте да станете пилот? Кога се роди љубовта кон оваа професија?  Ива- Многу спонтано. Бев темпераментно дете и знаев дека професија која ќе побарува 8 саати дневно поминување во едно место нема да ми одговара карактерно. Уште пред да се запишам на факултет ги разгледував можностите за завршување на различни обуки за пилот, меѓутоа самата обука за пилот освен што е обемна и бара посветеност (што секако ми беше предизвик) бара и соодветно финансирање и со самото тоа не е така лесно достапна. Желбата ми остана во текот на моите додипломски студии така што дипломската работа а подоцна и мојата магистерска теза ми беа поврзани со авијацијата но овој пат од инженерски аспект. Всушност сакав да станам меѓупланетарен пилот, меѓутоа сега за сега до овде стигнав. Женски Магазин Како реагираше вашето семејство на одлуката да бидете пилот? Дали безрезервно ве поддржаа?  Ива- Самото пријавување на конкурсот од страна на најблиските беше дочекано со негодување, меѓутоа желбата ми беше преголема и целта беше поставена. Подоцна секако ја прифатија мојата одлука и најголема поддршка ја имав токму од нив и од пријателите. Женски Магазин За што вообичаено размислувате пред полетување? Ива- За летот што треба да го направам. Меѓутоа, секако, пролетуваат и други мисли. Женски Магазин Кои се вештините кои треба да се поседуваат за да се биде пилот? Ива- Да сте добри во мултитаскинг, одмерени, самоуверени во своите способности и знаење, одлучни, одговорни, добро да функционирате под притисок. Меѓутоа пилот е пред се a-state-of-mind. Реченицата во романот Catch 22, малку парафразирана тука на хумористичен начин го доловува одговорот на прашањево: треба да си луд за да бидеш пилот, меѓутоа ако си луд не смееш да леташ. Женски Магазин- Дали некогаш ве помешале со стјуардесите? Ива - Не, никогаш. Како реагираат патниците кога ќе дознаат дека пилотот е жена?  Ива- До сега имало само позитивни реакции и реакции на воодушевување. Женски Магазин Се вели дека пилотите посигурно се чувствуваат на небо, отколку на земја. Има ли вистина во ова?  Ива- Подеднакво удобно и сигурно се чувствувам и на небо и на земја, помеѓу нив како и во вода... Женски Магазин - Кој е вашиот најдолг лет?  Ива- 3 часа. Можеби Ви изгледа малку меѓутоа за разлика од комерцијалните пилоти, нашата работа е доста подинамична и бара многу повеќе енергија. Женски Магазин - Кој е најголемиот предизвик за вас како пилот?  Ива- Да летам многу многу многу и да летаат со мене Дарио, Пандора и Марјан. За Женски Магазин, Вики Чадиковска