Интервју Цаци Паковска: Вљубена во дизајнот

На телевизискиот
 екран ја запознавме преку Стилисимо
. Но, таа беше присутна и во низа други проекти каде се грижеше за визуелниот печат. Уметничката душа на нејзината мајка, темпераментот на татко ѝ, архитектурата како професионална определба во живот, комбинирани со нејзиниот љубопитен дух и овозможуваат да создаде вистинска уметност во својата работа. Вљубена во Италија, посебно во Милано. Мајка на Војдан, која ужива максимално во љубовта и посветеноста кон него. Од неодамна и со своја линија на чевли. Цаци Паковска ни раскажува за себе и своите животни предизвици  

Женски Магазин- Колку музика има во вашиот живот? 

Паковска Музиката е една од најзначајните работи во мојот живот. Дури и според изборот на музика, можам да направам животна или естетска анализа за некој човек. За мене авторите на добра музика се генијалци. Тоа секој не го може. Музиката ме развеселува или комплетно може да ме онерасположи. Музиката ме инспирира. Можеби и затоа многу ретко слушам радио, бидејќи ми пречат разговорите и рекламите. Јас сум од оние кои постојано имаат пуштено плеј листа во автомобил или на работа. Има музика од која се ежам и не можам да го сфатам фактот што многумина би можеле да слушаат и народно, и техно и поп или рок. Дури и мојата нетолеранција кон неквалитетна музика ја има наследено мојот син, за што сум посебно горда.  

Женски Магазин- Модата, убедена сум дека кај вас ја има во изобилство. Кој беше првиот контакт, кој практично и беше ваша инспирација да влезете на свој начин во светот на модата? 

Паковска Можеби ќе звучи како клише, но мене отсекогаш ме интересирала модата. Оние луѓе кои ја познаваат мојата мајка, веднаш можат да претпостават и од каде се наследени моите гени. Таа е уметник во вистинска смисла на зборот и уште од мала растев во опкружување, каде благодарение на креативноста на мојата мајка, убавите нешта, како убавото уредување на домот или пак убаво спакуваниот подарок беа навистина важни. Уште како мала уживав во дотерувањето на моите другарки, некои од нив ги стилизирав и шминкав дури и за полуматури и матури. Бев вклучена и во повеќе телевизиски проекти, благодарение на мојот татко, кој ме воведе во телевизиската магија. Татко ми беше режисер на многу познати ТВ проекти, како и на детскиот серијал Дајте Музика, а јас во времето кога се снимаше серијата имав 13 години, и уживав во дотерувањето на дечињата на кои од дома им ги носев моите шапки, марами и трегери. Големо влијание во сето она што денес го работам е благодарение и на моето студирање на Архитектонскиот факултет, бидејќи архитектурата е една гранка која во себе ги содржи сите уметности. Во 1998 година, добив шанса да се грижам за шминката и стајлингот на водителите од познатата тинејџерска емисија Акција 99 која ја реализираше продукцијата на мојот брат. Така започна сè. Имав голема среќа да работам на еден таков урбан проект, во кој ми беше дозволено да ја искористам мојата креативност. Горда сум што имав прилика да работам на емисија «99 акција» каде што всушност заштитен знак на водителките беше мојата шминка и стајлинг. Потоа се редеа низ на музички спотови, реклами, политички кампањи, а набрзо мојот стил стана препознатлив и се надевам автентичен до ден денес. 

Женски Магазин- Што прво ви фаќа за око, како човек кој во своето лично портфолио има архитектура? Дали структурата на материјалот, дизајнот, бојата или можеби нешто друго успева да го привлече вашето внимание на прв поглед?  

Паковска Освен во модата, јас сум вљубена и во архитектурата, која е мојата примарна професија и мојата страст. Всушност јас сум вљубена во дизајнот! Скоро цело мое слободно време го поминувам правејќи решенија за ентериери, но и истражувајќи ги сите сфери на дизајот. Моја пасија се модерните столици од почетокот на минатиот век, па така не постои катче во мојот дом каде што ги нема столчињата на Мис Ван Дерое, Вернер Пантон, Филип Старк, Еро Саринен, Џорџ Нелсон. Обожувам комбинации на бои и структури, а мојот заштитен знак се црно белите пруги. Дали тоа ќе биде фустан, блуза, ваза, перниче или столица, пругите се мојот потпис во сѐ она што го работам. 

Женски Магазин- Како според вас би изгледала канцеларијата на моќна политичка личност, жена? Посебно ако би ја правеле вие. 

Паковска За мене убаво уредениот дом или работно место е едно од најважните нешта. Сѐ околу нас индиректно не инспирира, ни влијае на одлуките и расположението. Стилот на еден човек се чита и преку неговиот дом или работен простор. Нашиот карактер треба да се чита од ентериерот на нашето работно место. Ако се работи за една моќна политичка личност, тогаш треба тоа да го прочитаме и во самиот ентериер. Кога станува збор за дизајнирањето на една канцеларија, навистина не постојат цврсти и брзи правила. Кога се разгледуваат различните идеи за уредувањето, ќе сакате тоа да биде простор кој ќе ве прави вас да се чувствуваат удобно, но исто така тоа да биде е функционален простор за вашата работа. Контрастите на старо-ново, класично и модерно, еднобојно и шарено се мојот главен акцент кога станува збор за внатрешното уредување. 

Женски Магазин- Од неодамна, во интересна улога. Сите ние сакаме чевли, а вие имате фантастична прилика, да ги обликувате, да ги дизајнирате, да им го дадете изгледот. Како се одлучивте на овој чекор? 

Паковска Соработката со Марвел се случи сосема ненадејно, но прерасна во еден прекрасен концепт кој веќе втора сезона го реализираме. Самата можност да бидете вклучени во дизајнот, но и во производството ви ја дава комплетната слика за тоа како едни чевли би требало да изгледаат, но ве прави и свесни дека чевлите треба да бидат удобни. Не би сакала да поседувам чевли кои поради својата висина на потпетица, или лошиот калап, не би ги облекла повеќе од три пати. Се надевам дека успеавме да ја најдеме вистинската формула за атрактивен дизајн, добар квалитет и неверојатна удобност.  

Женски Магазин- Дали веќе размислувате за следната сезона? 

Паковска Сезоната пролет/лето 2018 на големо веќе се подготвува. Со тимот на Марвел правиме една неверојатна живописна колекција во која ќе се пронајдат жените кои имаат истенчено око за детали и сакаат да бидат посебни. 

Женски Магазин- Кои се според вас чевлите кои една дама треба да ги поседува задолжително во својот плакар? 

Паковска Во зависност од професијата и се разбира стилот на жената, секоја треба да поседува чевли во кои најдобро ќе се чувствува. Дали тоа ќе бидат високи потпетици, рамни балетанки или чизми, можеби и интересни патики, чевлите претставуваат детаљ кој многу кажува за одредена личност. Чевлите се огледало на нашиот карактер.

Женски Магазин- Војдан е светлина во твојот интимен светоглед. Каква е Цаци како мајка? Колку тој го преокупира вашето време и внимание? 

Паковска Голем дел од денот поминувам со мојот син и навистина уживам во тоа. Кога се роди Војдан, па се до неговиот прв роденден, целосно му бев посветена, дури избегнував да одам на работа. Уживав во тие моменти, кои никогаш во животот не се враќаат. На ден го сликав 100 пати, снимав 30 видеа со него, не сакав тие моменти од животот да ги пропуштам. Тој сега има 6 години, ги шармира сите околу него, муабетчија е и има неверојатно око за детали. Многу убаво црта, го интересираат историските настани и личности, сака добра музика и математика. Историјата се повторува. Гледам дека ги забележува убавите работи.  

Женски Магазин-Кои нешта ги научивте од вашите родители? Ја препознавате ли својата мајка во себе, посебно во вашиот однос кон синот? 

Паковска По карактер јас сум сосема спротивна од мојата мајка, но горда сум што од неа сум ја наследила креативноста и добриот вкус. По темперамент повеќе наликувам на мојот татко, но ќе кажам дека на некој начин јас сум мешавина од нивните два карактера и мојот единствен карактер. Уште како мала бев независна, самоуверена и тотално несрамежлива. Се обидувам да бидам објективна за сите работи во животот и да бидам пример за моето дете. Децата не треба да ги воспитуваме, туку да ги правиме работите за кои им зборуваме, бидејќи тие само не имитираат. Возрасните се тие што треба да се воспитуваат. 

Женски Магазин- Како после многу години, гледате на Стилисимо? Како горда мајка на своето чедо? 

Паковска ТВ магазинот Стилисимо стартуваше во 2006 година како проект кој јас требаше само да го уредувам. Но, во тоа време челниците на А1 ТВ, инсистираа на тоа јас да бидам и автор и водител. Во моментов во тек е 10-та сезона на Стилисимо, а јас сè уште навистина уживам создавањето на овој ТВ моден проект. Сето она што се емитува на Стилисимо се моите модни ставови и факти кои јас сакам да ги раскажам и пренесам на мојата публика. Честопати, најпрепознатливо во емисијата беше топ листата на најдобро и најлошо облечени јавни личности кај нас, но тоа беа само 30 секунди од Стилисимо, додека останатите 25 минути беа напорна работа и едукација на полето на модата. Целта ми беше, и сè уште ми е, да се борам против шундот и кичот, како и искривените модни критериуми. Всушност сите овие 20-на години, колку што сум на модната сцена, одам во еден линеарен правец, заснован на моите модни убедувања, притоа не водејќи се од естетика со која во моментот можеби повеќе ќе заработам, а е спротивно од она во кое јас верувам. Стилисимо эа мене претставува начин да им ги пренесам сите мои знаењаразмислувања, убедувања поврзани со модата и животниот стил на оние кои всушност тоа и ги интересира. Сѐ на се јас живеам со и за модата. Модата за мене не претставува само едно парче облека од некој креатор, туку начин на дејствување и живеење. Не прифаќам компромиси и можеби затоа постепено и ненаметливо го одам патот, притоа оставајќи го зад себе мојот стил на работа.  

Женски Магазин- Која е модна икона на која секогаш и се восхитувате? 

Паковска Одри Хепберн и Џеки Оназис (другата жена во историјата на стилот, која го направи здодевниот црн фустан да изгледа привлечно) успеаа со својот еден единствен стил во текот на целиот живот. Никогаш не ја направија грешката слепо да ги следат променливите трендови, туку останаа доследни на облеката која најмногу им одговараше. Затоа станаа поголеми и од модата. 

Женски Магазин- Италија или Франција, која земја има посилен моден печат, според вас? 

Паковска Дефинитивно Милано е најкосмополитскиот италијански град, што значи дела таму практично ќе ги пронајдете сите работи кои светот ви ги нуди, од забава до храна и култура, но најмногу од се мода. Италија генерално е држава која е секогаш понапред од другите модни центри. Тоа е држава која диктира динамичен ритам во модата, во дизајнот и во целокупниот живот. Италија не е позната само по создавањето на најубавите дизајни, туку и по нивното извезување. Нивната потреба за промена и напредок, се чини дека за нив е природна. Но тоа што ја прави Италија повеќе од индустрија е нивната страст кон дизајнот, фудбалот, формулата, страста кон храната и кон животот воопшто. Италија е магична земја.  

Женски Магазин- Кој е предизвикот кој си го поставувате за иднината? 

Паковска Никогаш не сум ни помислила да се откажам од модата, бидејќи таа е мојот живот и мојата страст. И понатаму ќе работам како стилист, бидејќи навистина уживам да ги разубавувам луѓето. Изминатите години напорно работев и се изборив за моето место на македонската модна сцена. Задоволна сум од сето она што досега го направив, бидејќи благодарение на мојата работа, на некој начин станав авторитет во модата. Мојата авторска емисија Стилисимо сè уште постои, а нејзината мисија е модно да едуцирам и забавувам. Пред мене сè уште многу емисии, проекти и колекции.

 За Женски Магазин, Вики Чадиковска