Интервју Јован Илиески: Македонскиот Mariano Di Vaio, создаден за пишување!

  Писателите отсекогаш ги носат најдлабоките мисли што сите ние сами ги мислиме, но ретко ќе ги напишеме. Не освојуваат со нивната меланхолија и болка, радост и романтизам во недоглед. Да се биде писател, не е мода ниту тренд а уште помалку нешто што може да се научи. Пишуваш со срце, а главното оружје ти е моливот, мислата те води кон новите редови на листот хартија, и полека испишуваш нова емоција со безвременски рок на траење. Релативно млад, но доста зрел за своите години, овој млад колумнист го заслужи вниманието на издавачката куќа на Матица, па со голема чест и задоволство ги издаде неговите книги „Сенки на полноќ и „Кругот на животот“, кои достигнаа голем успех, со кои ги освои срцата на читателите. Вели дека најчесто најдобрите текстови всушност му се инспирирани од случајно слушнат стих или секојдневна ситуација. Денес зборуваме со Јован Илиески, авторот којшто се крие зад псевдонимот „Белешките на Катерина Монсен“. Јован е студент на Филозофскиот факултет Скопје, на Институтот за психологија. Женски Магазин Здраво Јован, навистина интересни цитати, уште поинтересни наслови на книги. Од кога започна епохата на твоето пишување? Јован Откако знам за себе пишувам. Нешто што го имам правено и сè уште го правам во мигови на немерлива среќа, тага, чудни мигови на емотивна состојба и едноставно тоа е моето бегство од реалноста. Пишувам од мал. А и кога не сум пишувал, целиот тој предвремен процес, го сметам како време кое течело за да ја пронајдам својата страст. Сега ја знам и го правам тоа. Пишувањето е тоа што сум, во суштина. Женски Магазин За кого пишува Јован? Јован За секого кој сака да го слушне гласот, а во секојдневниот живот, не може да го слушне. Пишувам за луѓе со тивко его, пишувам за емотивни срца, за залутани умови. Јован е човек што сака да навлезе во сечија душа и да го разбере тоа. Пишувам за луѓе кои сакам да ги разберам и тоа што на нив им се случува, без разлика дали тоа ќе го пренесам во краток прозен текст или еден роман. Се работи за приказната. Јован знае да пишува најчесто за несекојдневни приказни од секојдневниот живот. Женски Магазин Рај и пекол на душата, споени во еден текст, но ги дели еден ред. Како балансираше? Јован Јас како човек не сум балансиран. Јас не знам за баланс - во ништо. Не знам да ставам еднакво помеѓу две нешта, без разлика дали се работи за кариера, љубов, пријателство или нешто поврзано со механичкиот живот. Спонтан сум по природа, па и кога пишувам, јас сум оној што сум и тоа несвесно го правам. Па, доколку се забележи баланс во моите дела, тоа е сосема случаен судир на неколку нешта. Обично делата ми тежат со човечки емотивен хаос и тоа знам најдобро да го правам. Сепак, на крајот од денот - и тоа за некого претставува баланс. Женски Магазин Издавање на прва книга, посебно на 16 години, е навистина голем успех особено на овие простори и реткост пред сè. Која беше твојата првична реакција и каква е емоцијата да се најдеш на иста полица рамо до рамо со почитувани писатели како Ксенија Николова, Дарко Лешоски? Јован На многу лица од книжевната сцена сум им се воодушевувал и не сум разбирал какви луѓе се, туку сум ги перципирал преку нивните дела, се разбира. Стапив на сцена прилично во истиот период кога пристигна и Лешоски, а Ксенија е поодамна тука. Иако, сите сме различен тип на писатели, ова е нашето време. Јас повеќе бев изненаден од самиот себе кога моите читатели ме споредуваа со европски бестселери на мистерии, особено од издавањето на „Сенки на полноќ“. Но, првичната реакција дојде природно и сите некако се спогодивме. Оваа деценија е ерата на младите автори кои ја издигаат македонската литература на најразлични начини. Секој од нас го прави своето, а Ксенија ми е особено драга пријателка, па најчесто сме тука еден за друг и на професионален план. Женски Магазин Колку едукативнита заднина, тоа што си студент на психологија, ти е инспирација за дел од твоите текстови? Јован Инспирацијата е незамисливо релативна работа. И инспирацијата најчесто не доаѓа од моите избори, туку од консеквенциите на тие избори. Психологијата не е инспирација, туку мотивација, а тука има голема разлика. Психологијата ме мотивира да бидам подобар човек, позрело изграден карактер и подобар психолог и за моите ликови и за моите идни пациенти. Психологијата не знае за инспирација, туку е токму она што јас само треба да го разработам, за да напишам нешто кое тежи. Женски Магазин Да се навлезе во душата и сржта на болката, и притоа да се пренесе на хартија е вештина и талент. Кога си ги напишал најдобрите твои текстови? Јован - Најдоброто од мене излегува во мигови кога јас сум најлошата верзија од себе. Ете, тоа е тајната на еден, па и секој уметник. Најубавите работи не се напишани во најубавите времиња, туку токму во она спротивното. Многу луѓе ме перципираат како сè уште недоволно зрел за пишување долги животни приказни преточени во романи, но си го погазиле зборот откако ги прочитале моите дела. Годините имаат само мала врска со искуството. Искуството доаѓа во ненадејно време, а ненадејното време ги носи највпечатливите мисли во умот на еден човек. За техника на пишување не знам, пишувам диво, а потоа сето тоа го шминкам. Тоа за мене претставува уметност. Женски Магазин Покрај кратки цитати, текстови, дали си размислувал некогаш да напишеш и некоја песна за македонската естрада, и доколку да, во чија изведба би сакал да ја слушнеш? Јован Нема да лажам, сум имал неколку понуди да го направам тоа. Но, сега за сега сметам дека тоа не треба да го направам, иако сум размислувал. Во таа една песна треба да ги соочам сите мои емоции, а да се поклопат и со изведувачот на мојот текст. Слух и ритам, сето тоа сметам дека го поседувам за да бидам дел од некој таков проект, но и доколку тоа се случи, мислам дека мојот вид на зборови може да бидат испеани само од ликови како Тамара Тодевска и Игор Џамбазов. Мислам дека многу добро би се вклопиле. Женски Магазин Модата е несомнено силна твоја страна исто колку и пишувањето. Со твојата појава и стил навистина потсетуваш на италијанскиот моден блогер Mariano di Vaio. Колку модата е дел од твојот личен карактер? Јован Најпрво, благодарам за зборовите. Модата не знам како да ја изменаџирам да изгледа светски, но знам како навистина да изгледа светски, ако разбирате. Се работи за тоа што го облекувам во мигот кога чувствувам дека тоа треба да го облечам. Знам да експериментирам со секакви парчиња - стари, најнова мода, скапи брендови, евтини најдени парчиња. Модата треба да го изразува нашиот внатрешен карактер, треба да зборува за нас, пред да ја отвориме устата. Мојот стил е токму таков - среден хаос. Иако сето тоа го правам целосно сам, а дотичниот италијански блогер има свои стилисти. За ексцентричната мода треба храброст, а потоа сè останато. Женски Магазин Која е твојата најголема поддршка од твоите најрани детски денови кога започна да пишуваш? Дали можеби твојот талент беше препознаен од поблискиот круг? Родителите, учители или професори? Јован Сакам јавно да ѝ се заблагодарам на мојата наставничка во основно, од која навистина добив неизмерна поддршка и јас сум ѝ вечно благодарен. Жена која навистина ме научи што е добро, а што не е, во рамките на литературата. Како да препознаам што има книжевна вредност, а што не. Жена која ме научи како еден писател треба да звучи, треба да пишува и треба да изгледа. Секако на прво место се моите родители, кои стојат зад секој мој чекор, исто мојот најблизок круг на пријатели, несомнено моите роднини. Во секој од нив имаше малку скептичност, но откако успешно се пробив во светот на писателите, а потоа во модниот, сега сето тоа е во ред и како што треба да биде. Женски Магазин Во еден инспиративен текст, што би им препорачал на идните писатели? Јован Да веруваат во себе. Што и да правиме, да веруваат во себе и во тоа што го прават. Нека земаат примери, нека учат, нека читаат од други веќе изградени автори, но никогаш да не го менуваат својот стил на пишување според нечие влијание. Како и секој човек, така и секој автор, треба да остави свој личен белег по кој ќе го препознаваат. Јас сум на пат да го најдам тоа во себе. Еден автор треба да има свој препознатлив ген, а тоа значи - после секое негово ново дело, без да знаат дека е негово, да знаат да препознаат и да можат да забележат дека тоа сум јас, дека тоа е дело на Јован Илиески. Личен белег, пред сè. За Женски Магазин, Нина Беадер, Fb strana : https://www.facebook.com/BeaderHristina/ Web Strana : https://ninabeader.wixsite.com/styleinmotion