ИНТЕРВЈУ Јоци: Кога нема фер плеј, вадам боксирач!

Нејзината мисла знае да биде луцидно прецизна, посебно кога ќе се инспирира од нешто. Нејзиниот мозок како сунѓер ги впива информациите и фактите. Тоа знае да го покаже кога сака да го изрази својот став за што и да е, на нејзиниот профил. Со новинарството расчистила, по заминувањето од Дневник. Нејзиното образование како политиког често и го насочуваа интересот да ја следи и анализира политичката состојба во земјава. Ја поседува таа особина на родените во знакот на Бик. Да биде трвдоглава, но едновремено и ментално брза, префекционист кој не се плаши да премолчи се што мисли за вас.  Ја сака уметноста, пријателите, но и храната. Женски Магазин разговараше со Јорданка Ивановска Јоци Женски Магазин Вие сте пример дека не мора да се соблечеш, за да имаш следбеници. Со што ги привлековте своите следбеници? Јоци Со храброста. Со вистината. Со јасната мисла, острината, ножот, срцето. И визијата. Луѓето, кои, ме читаат веќе девет години, не ги лажам, манипулирам, напротив им кажувам и однапред работи од политичката сцена. Потоа тоа го процесираат, понекогаш и со месеци, одбиваат да веруваат, па се мислат, премислуваат, но на крај сфаќаат дека сум била во право. Сепак бев новинар, располагам со многу информации од одлични извори. И јас ја разбирам многу добро публиката и јавното мислење, како се формира постепено, не со еден допир. Учев на факултет за тоа, го работев 17 години. Јас сум на многумина нивното второ јас. Оној дел од нив, кој, сака да вресне. Она што не можат самите гласно да го кажат, а го мислат. Така самите често знаат да ми кажат. Сепак не се сите пишувачи, напротив имаат други професии. И не се вешти ем околу тоа, ем околу социјалните мрежи. Женски Магазин Ве сакаат и ве мразат. Нема помеѓу. Си размислувала ли зошто? Јоци Не баш. Не сум личност која се заморува зошто не ме сака некој, бидејќи сум свртена кон себе и кон оние кои ме сакаат. Јас сум хедонист, нарцисоидна, талентирана, човечна, некоја на која одморот и сонот ѝ се многу важни. Макар и бомби паѓале. Тешко дека ќе стасаат на дневен ред тие луѓе. Тоа го сфатив уште од средно училиште, секогаш ќе има луѓе кои ќе бидат против. Дури и без причина. Едноставно, не ме разбираат поради ред сопствени гледишта и интереси и јас немам ништо против тоа. Тие не се мој приоритет, не сум личност која има за цел да се допадне секому. Моите приоритети се далеку поголеми од сечии виртуелни фантазии, лаги, перцепции. Сепак, далеку поголем е делот од јавноста, кој ме разбира и поддржува. И тоа е одличен почеток на нешто друго, многу убаво. Женски Магазин Своите ставови ги споделуваш јавно. Ви се заканувале ли досега? Ве обесхрабруваат ли некои пораки кои ги добивате? Јоци Сериозни закани добивав додека професионално бев новинар. Секакви, луѓето немаат мерка кога ќе им брцнете во џигер, поточно во парите. Особено, добивав, како еден од двајцата автори на серијалот Урбана мафија, пред 15 години. Не е лесно човек да пишува за урбанистички криминали. Некои од заканувачите се во затвор заради своите криминали, други починати. На социјалните мрежи има закани, но најмногу навреди. Не ги ни читам повеќе. Доаѓаат од луѓе кои не ги познавам, не од политичари. Кога ќе ви се заканат мафијаши, министри, моќници, закана на социјални мрежи, делува смешно. Сепак, оној кој е сериозен-не најавува ништо. Женски Магазин Не посакавте ли некогаш, своите цитати да ги соберете и да ги спакувате во книга? Јоци Да, размислувам. Убаво е хронолошки сето тоа да се спакува со црвена панделка, за да остане трага. Мислам дека веќе имам две книги само од објавени текстови на социјални мрежи. Женски Магазин Сакате ли да читате? Има ли книги кои ги доживувате како инспиративни? Јоци Да, политичкиот маркетинг и креирање на јавно мислење се моја пасија. Значи, читам стручна литература. Со години. Но, Горан Стефановски е мој омилен македонски драмски писател кој ме инспирира. Го читам и по неколку пати во годината. Особено Диво месо, често и го цитирам кај мене. И секојпат ме инспирира одново. Можеби затоа што ништо не е сменето 30 години. Тоа е феномен. А, тој тоа однапред го знаел. Сега повторно ќе го читам, четири негови книги. Македонија нема многу такви луѓе, кои, така добро го сецираат македонскиот менталитет како тој. Женски Магазин Дали во Македонија, жените се еднакви со мажите? Дали исто тежи кога нешто ќе каже или направи жена, и кога истото доаѓа од маж? Јоци Не се еднакви и тоа е видлив контраст во многу професии. Пример, иако во новинарството во нашата земја, најголем процент се новинарки, наназад 20 години, на прсти може да се набројат главни уреднички на медиуми. А, за тежината на зборот, да, еднакви сме. Тука веќе немам дилеми. Јавноста ја сака вистината и фактите, не гледа дали тие доаѓаат од маж или жена. Женски Магазин Во Македонија политичарите се ѕвезди. Со оглед на тоа дека студираше политикологија, не посака во ниеден миг да станеш политичар? Јоци Сакав. На мои 20 години. Бев и член на  СДСМ. Не е тоа никаква тајна. Се насочив кон тоа, но по игра на нештата, подоцна се одлучив за новинарство. Сега не сакам да се занимавам со македонска политика одблиску, можеби во иднина. Не знам. Познавајќи се себеси, не. Во вакви околности и со ваква деградирана политичка сцена, без почитување на елементарни правила на игра, јас никому не му требам да му кажувам како треба. Женски Магазин Кој е твојот најиспиративен лик, кога се во прашање медиумите и новинарите воопшто? Јоци Додека студирав ме инспирираше Катерина Блажевска. Нејзината мисла. По десет години, ми стана шеф и инспирацијата исчезна. Така наеднаш. Пуф. Години наназад, ретко гледам телевизија и читам весници. Има бивши колеги кои ги почитувам, секако, и од постарата и од помладата генерација. Кои знаат и како и зошто. И се држат. Малку се. Женски Магазин Дали социјалните мрежи влијаат врз професионализмот во медиумите? Дали придонесоа за унапредување или уназадување на јавната комуникација? Јоци Сепак за уназадување. Јавната комуникација е на многу ниско ниво во виртуелниот свет, а се префрли и во мејнстрим медиумите со тек на време. Едноставно, никој не работи на зборот, фактите, културата, ферплејот, сите се свртени кон навредите. Интернетот придонесе за тоа. И тоа е магичен круг на недоразбирања. Некој ќе почне, друг продолжува. А, крај нема. Се обидувате да одговорите и да се одбраните соодветно, во секој случај. Ако некој не е за фер плеј, вадите боксирач. Поточно, мавате со зборот како што некој заслужил. Женски Магазин Може ли новинарството повторно да стане почитувана професија? Јоци Не. Затоа и ја напуштив. Кажав што имав како новинар и не сакав повеќе да се мешам со мнозинство од луѓе, кои, не се мој ранг.   Женски Магазин Имате хоби. Сликате. Што ја разбранува таа љубов? Јоци Љубовта кон аматерска графика и резба ја имам од дете. Уште од основно училиште. Наставничката по ликовна уметност, Светлана, беше многу посветена кон талентираните и од оваа дистанца, таа, е претпоставувам виновникот. Моите цртежи и резби ги подарувам на луѓето кои ги сакам. Некои ми се врамени и дома. Женски Магазин Не посакувате ли свој весник, кој Вие ќе го уредувате? Јоци Никогаш. Особено, не сега. Иднината е во интернетот. Тоа го сфатив уште пред девет години. И работев напорно на тоа. Женски Магазин Со која песна би се опишале себеси? Јоци „ Forever J од Тери Хал. Јас многу добро се познавам себеси и сум на чисто со себе. Стихови од оваа песна, има и кај мене на профил. Зборува за жена која во исто време знае да биде и пекол и рај, добра и многу лоша, не се задоволува долгорочно туку-така, не се добива лесно, има прекрасни очи, прави магија и секогаш го добива она што навистина ќе го посака. За Женски Магазин, Вики Чадиковска