И тато е важен како мама

Секој е важен. Оваа реченица често ја слушам од мојот син. И да, да бидам искрена, во право е. За успешно семејство секој е важен. Исто како тимот кој се натпреварува. Исто како и секоја успешна компанија. Секој од нас е еднакво важен. Победата и успехот ги носат заедно сите. Мајките играат клучна улога во воспитувањето, подигнувањето и насочувањето на децата. Но, никако и никогаш не смееме да ја занемариме улогата на таткото. Мајките се темелот на секоја фамилија, но да бидеме искрени, постојат работи кои татковците ги прават подобро. Овој факт е еднакво важен за развојот на децата. Јас мислам дека сум добра мајка. Но, морам да признаам дека за играње Лего, откачени игри и многу забава, мојот сопруг е подобар од мене. И да, тој е одличен татко. Тато може да биде секогаш другарче за игра, кога мама и онака веќе е презафатена. Токму и затоа, треба умешно да го искористиме овој волшебен факт. Играта „тато и деца“ е одлична за интеракција. Да не заборавиме и на фактот дека тато во себе, често има многу повеќе победничка стратегија од мама. Не дека мајките не можат или не сакаат. Татковците можат да ги подучат на чувството на победа своите деца, притоа да не ја заборават и лекцијата за порази, бидејќи и тоа е важно. Мама може да ни укаже како да се однесуваме во иднина со женските личности. Но, многу подобро и полесно децата ќе сфатат ако тато тоа го покажува преку личен пример, преку начинот на кој се однесува со мама, дада или баба. Примерите секогаш полесно се емитираат. Затоа овој личен пример е посебно важен. Сликата за реалноста и за животот воопшто, ја создаваат и мама и тато. Децата секогаш мора да знаат дека имаат родители, кои се еднакво важни. Притоа мора да се знае, дека немаме сите исти светогледи, но мора да се усогласиме, да научиме да комуницираме. Убаво е да имаме слични мислења, но понекогаш треба да покажеме дека е исправно да се покаже и свој личен став или мислење, да се биде различен. Ова ќе им помогне на децата да сфатат дека треба да ги почитуваат личностите со кои ќе се среќаваат, па дури и кога не се согласуваат со нив. На овој начин ние им помагаме на децата да ја развијат сопствената слика за светот во кој живеат и ќе живеат. Се сеќавам на моето детство. Мама беше тука за сè. Но, тато беше мојот херој. Тој ме учеше како да бидам храбра. Ми покажуваше дела солзите се олеснување, но не и алатка за победа. Заедно гледавме фудбал и навивавме. Ме слушаше кога зборувам и ми укажуваше дека секој човек е во право, па дури и да згреши. Секој став е важен. Сите ние сме исти, нема помали или поголеми луѓе. Има само луѓе и личности кои грешат. Денес грешат тие, утре ќе погрешиме ние. Затоа, сите сме важни, ме учеше татко ми. Децата ги сакаат и мама и тато. Затоа се важни сите. Да се прифатиме дека сите сме добри, но заедно СМЕ ПОДОБРИ. За Женски Магазин, Вики Чадиковска