,

Како да обезбедите повисока пензија?

Веројатно не постои човек кој сака и е подготвен да работи до крајот на својот живот. Повеќето луѓе се надеваат дека кога ќе го финализираат својот работен век, ќе имаат доволно приходи за мирен пензионерски живот во кој ќе може да си овозможат сѐ што посакуваат. Но, за многумина тие надежи не се исполнуваат бидејќи не успеваат за време на работниот век да обезбедат доволно приходи кои ќе им овозможат удобни пензионерски денови. Што можат да направат за да го сменат тоа? Единственото решение е навреме да почнат да размислуваат за иднината и да ги зголемат своите лични заштеди. Со реформите во пензискиот систем во Македонија, се отвори можност граѓаните да остваруваат дополнителни пензиски заштеди преку вториот (задолжителен) и третиот (доброволен) пензиски столб. Со овие два столба управуваат двете пензиски друштва, НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје (www.nlbnpf.mk)  и КБ Прво пензиско друштво АД Скопје (www.kbprvo.com.mk) , а супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk  (тел. 02 3224 229). Повеќе информации за пензискиот систем во земјава може да се најдат и на интернет страницата www.penzija.mk . Кога станува збор за планирањето на пензиската иднина, добро е да ги имате на ум следните совети:
  1. Почнете да штедите навреме    
Навременото планирање на финансиите носи долгорочни придобивки не само за вашата иднина, туку и за иднината на вашето семејство. Колку порано почнете да штедите за пензионерските денови и да инвестирате во вашата иднина, толку поголем принос ќе добиете како што одминуваат годините. Ако сте блиску до пензионирање и немате доволно заштеда, ќе мора да штедите поголема сума на пари, а можеби и ќе треба да го одложите пензионирањето.
  1. Издвојувајте пари за заштеда секој месец, макар и минимална сума
Кај Првиот и Вториот пензиски столб износите на уплатите се законски дефинирани. За лицата кои се членови само на државниот пензиски фонд (Прв столб), придонесот за пензиско и инвалидско осигурување во висина од 18% од бруто-платата во целост се уплатува во Фондот за ПИОМ. Кај членовите на задолжителниот пензиски фонд (Втор столб) од 18% на придонес за пензиско осигурување од бруто-платата, 12% се уплатуваат во Фондот за ПИОМ, а 6% се уплатуваат во задолжителниот пензиски фонд на индивидуалната сметка на осигуреникот. Доброволните пензиски фондови (Трет столб) се формирани за на граѓаните да им се овозможи да ја надополнат пензијата од Првиот и Вториот пензиски столб и да си осигурат дополнителни примања за старост. Личната одлука за тоа кога и колкави средства ќе се уплатуваат за пензиска заштеда важи само за доброволниот (Трет столб). Во овој столб средствата се уплатуваат индивидуално или од страна на работодавецот на доброволна пензиската сметка на членот. Со Закон се дефинирани даночни стимулации и ослободувања за физичките лица или компании кои ќе одлучат дополнително да уплатуваат доброволни пензиски придонеси.
  1. Повлекувајте ги акумулираните средства во вистинско време
Членовите на вториот столб може да ги користат средствата од нивната индивидуална сметка откако ќе остварат законско право на пензија, што е 62 години за жени и 64 години за мажи, со остварен работен стаж од минимум 15 години. За разлика од овие членови, тие што членуваат во третиот столб имаат право на исплата најрано десет години пред возраста за стекнување право на старосна пензија, односно на возраст од 52 години за жени и 54 години за мажи.