,

Како да се преживее разводот?

Разводот е тежок. Но, не е крај на светот! Иако во тоа понекогаш е тешко да се поверува, бидејќи е потребно да се вложи многу сила тој процес да се преброди. Кога донесовме одлука да се венчаме со нашиот сакан/сакана, сакавме да основаме семејство, да имаме здрави и убави деца на кои ќе им бидеме добри родители, дека ќе остариме заедно и ќе ги чуваме внуците на нашите деца…Знаеме, луѓето се разведуваат, но тоа нам не може да ни се случи. Но понекогаш пропаѓаат и овие убави соништа. Денес луѓето се подготвени многу енергија и време да потрошат за да успеат во работата, а за бракот мислат дека се случува сам по себе бидејќи љубовта може се. Меѓутоа, бракот е премногу сериозна работа за да се заснова само на љубов. Дали работата може да се развива само ако ја сакате и пуштите да се развива сама по себе? Во денешно време кога се живее брзо, кога жената веќе не е само домаќинка и мајка, а од таткото се очекува да не биде само издржувач на семејството, кога секој има право на свој избор и очекува неговите потреби да бидат задоволени, рецептите за успешен брак и семејство на нашите баби, дедовци, па и на нашите родители повеќе не успеваат. Во вакви околности разводот може да му се случи на секој. Разводот секогаш е тежок. Тоа секогаш е лична работа и е резултат на процесот кој често долго трае со месеци па и години. Разводот е болен бидејќи целосно го менува животот. Семејството во кое верувавме исчезнува, повеќе не живееме заедно, заедничките пријатели и роднини веќе не се тоа, еден ја презема грижата за децата а другиот децата ги гледа само привремено, важните датуми мора да ги одбележуваме на поинаков начин (родендени, слави, Нова година), одморите ги поминуваме посебно, мораме да го поделиме имотот. И се тоа боли. Боли тоа што со својот избраник/избраничка не успеавме. Како што кога одиме кај забар очекуваме дека ќе не боли но заради здравје тоа ќе го поднесеме, така и болката поради развод треба да се преживее и надмине. Забарот може да ни даде инјекција за да не боли помалку интервенцијата, така и во ситуацијата на развод можеме да си олесниме себеси така што ќе побараме стручна помош на терапевт, адвокат, групи луѓе со слични проблеми. Тоа е неопходно бидејќи секоја криза која во животот свесно се надмине донесува нова сила, искуство и овозможува почеток на нов подобар живот. Како што вели една стара изрека: „Тоа што нема да не убие тоа ќе не направи посилни“.