Книжевна награда „Караманов“ ја доби поетесата Сања Атанасовска

Во чест на првиот модерен македонски поет Ацо Караманов, по 44 пат ќе се одржат „Караманови поетски средби“, коишто традиционално се случуваат во Радовиш–родниот град на Караманов. Посебна атмосфера на свеченото отворање пред поетскиот митинг ќе се даде со настапот на светски познатиот македонски музички уметник Драган Даутовски со неговиот камерно-музички настап „Апокалиптикум# во чест на Ацо Караманов. На Поетски мозаик со поетски карван на Друштвото на писателите на Македонија ќе настапат десетина еминентни македонски поети, како и десетина познати европски поети од Англија, Унгарија, Словенија, Србија, Бугарија и Турција. На крајот од централната манифестација, Советот на „Караманови поетски средби“ ќе ја додели и традиционалната книжевна награда „Караманов“ за најдобра поетска книга за автори до 35 години, којашто годинава, во конкуренција на петнаесетина поети, ја доби поетесата Сања Атанасовска за поетскиот ракопис „Стаклена градина“. Во прилог е песна од поетесата која ќе биде наградена: Трајно те губам Трајно те губам засекогаш меѓу два значајни празника како што окото ја губи солзата како што облакот растерува сноп светлина додека ја прешкртувам својата изгубена младост додека се губам во непотребни персирања. Трајно те губам засекогаш ќе барам нови светови убави места и убави луѓе. Трајно те губам изгуби ме и ти мене на патот кон дома.