Кристина: Ме погоди што има малку жени за градоначалници

РАЗГОВОР СО КРИСТИНА АРНАУДОВА ЗА МАШКО-ЖЕНСКИТЕ ОДНОСИ, КАРИЕРАТА И БРАКОТ Има долгогодишна музика кариера, четири албуми зад себе, многу хитови, а она што најмногу ја исполнува е времето поминато со синовите Максим, кој следниот месец ќе наполни 7 години и двегодишниот Матео. Најголемата поддршка и се е мајката Мери и сопругот Александар Петровски, новиот директор на СЦ Борис Трајковски. Кристина Арнаудова е позната како личност која своите ставови секогаш јавно ги искажува, и во медиумите и на социјалните мрежи. Пред неколку дена, пејачката прозборе за еднаквоста помеѓу мажот и жената кај нас, пишувајќи на својот Фејсбук профил дека еднаквоста во нашето општество е тежок популизам и фарса. „Вистината е дека жените овде се третирани како робови, иако заработуваат многу често и повеќе од мажите. Овдешните мачо типови жените ги третираат како чистачки, беби-ситерки, готвачки, потрчковци, додека јаките мачо мажи доаѓаат од работа и си ги креваат нозете на фотелја пред нив. Три пати УА за сите лажни мажи, кои не знам од што предизвикани,  а мислат дека се супериорен пол. Морам да ве разочарам и да ви кажам, не нѐ сте. Кога кој било маж би го имал дневниот распоред на една жена, би легнал тешко болен по седум дена“, е статусот кој го напиша Кристина. Таа вели дека инспирација и биле нештата коишто секојдневно ги гледа околу неа. „Гледајќи ги листите на предложени градоначалници, видов дека има многу малку жени, па така, малку ме погоди тоа. А и ние жените, сакајќи да покажеме колку сме способни, во одреден момент преземаме се на свој грб, без разлика колку успешни кариери имаме. Сакаме да сме добри домаќинки, готвачки, совршени мајки, па ги навикнавме мажите дека можеме се, а тие така со радост го прифаќаат тоа. Зборувам генерално. Има исклучоци секако. А мажите денес сакаат да имаат се, и жена со кариера, која е совршена домаќинка и мајка, дотерана, убава, стокмена, и навежбана, плус лавица во кревет. Сето да се направи треба денот да трае бар 50 часа“, ни изјави Кристина. Таа вели дека себеси никогаш не може да се види во улога на политичар, ни под претпоставка. „Но кога би била, би била екстремен екологист, би направила најчист град, среќни луѓе, би забранила плукање и фрлање ѓубре и би вовела големи казни за луѓе кои не си го сакаат градот и го уништуваат “, размислува таа. [caption id="attachment_978" align="aligncenter" width="596"] Кристина и Александар на отварањето на фестивалот "Браќа Манаки" во Битола[/caption] За сопругот Александар, вели дека е човек кој сака се да постигне и секаде да стаса, па по тоа прашање се многу слични. Двајцата се свесни за кариерите на другиот, и дека за тоа е потребен компромис. „Кога беше втор тренер во Металург, играа по два натпревари неделно, во странство. Од 7 дена, дома беше едвај три. Сето тоа е компромис, јас верував и верувам во него, и тој верува во мене и ме поддржува. Но, и дома кај нас работите се поделени на машки и женски, за жал. Јас не знам да сменам сијалица, а тој не знае да пушти машина. Тој е прекрасен татко, и внимателен маж, но е балканец, а и јас сум балканка, сакала или не“, ни раскажа Арнаудова. За новото работно место на Александар, вели дека е совршено за човек како него. „Тој  влегол и работел во повеќе спортски сали во светов отколку некој друг што ги има видено на телевизија. Од друга страна, сега има нормално работно време, се враќа дома како сите нормални луѓе во 16.30 на пример, додека до скоро како тренер доаѓаше дома во 21, кога децата веќе беа заспани. Јас сум веројатно најсреќна со промената на неговото работно место. Секако и децата, кои го обожаваат“. [caption id="attachment_979" align="aligncenter" width="640"] Со синовите Максим и Матео и со сопругот Александар на летување во Грција[/caption] Она што во последниов период ја окупира Кристина и на него посветено работи е здружението „Проект среќа“, кое таа и нејзините соработници го посветија на луѓето кои имаат недостаток од тоа чувство и со кои животот бил суров. Летниот камп „Шарено лето“  во Маврово, со кој обезбедија летување на деца кои не можат да си го дозволат, како и проектите „Среќно матуранти“, „Среќна школска година“, „Дедо Мраз постои“, се дел од годишната програма на здружението. Следен проект е одбележувањето на 17 октомври, денот за борба против сиромаштијата, потоа Новата година и подароци за сите деца на кои среќата не им е секојдневие. Проект среќа “е мојот мир, мојата среќа, тоа е најубавото нешто што во мојот живот, по моите деца секако, го имам направено. Ако создадеме среќни деца, ќе создадеме среќна нација! Ги учиме нашите деца на се, освен на најважното, да бидат добри луѓе. Тоа е мојата мисија. Да направиме од децата добри луѓе, кои ќе сакаат да помагаат на оние на кои им е потребна помош, кои нема да дискриминираат, кои ќе подаваат рака на немоќниот. Овде почнувам со моите деца, тие да бидат такви, а сонот ми е да влијаам на сите деца“, ни рече Кристина. [caption id="attachment_981" align="aligncenter" width="720"]  Кристина со децата од кампот "Шарено лето" во Маврово[/caption] За нејзините синови, Максим и Матео, вели дека се златни деца и секој ден им повторува: Благодарам што ме правите волку среќна! Ги учи да сакаат, да гушкаат, да ги сакаат сите луѓе, да бидат добри, културни и воспитани, да се борат за она што го сакаат, да не се предаваат. „Се друго ќе научат во школо. А и да не научат, не е важно. Важно е да се здрави, среќни и добри луѓе. А јас секогаш ќе бидам тука за нив, нивниот грб и нивната мајка.“ Што се однесува до музиката, Кристина вели дека сега почнува нејзината сезона на живи настапи, со нејзиниот бенд кој го обожава. Има снимено и нова музика, па чека погоден момент да ја промовира. Кристина жали што нема медиумски услови за музика, нови емисии, шоу програми, нов закон за медиуми и заштита на македонската продукција и јазик. „Чекаме. Оптимистите не се предаваат“. За крај помуабетивме, што е за неа среќна и убава жена. Кристина размислува дека за жената е важно да е среќна сама со себе. „Ако ја прави среќна да јаде, нека јаде, ако ја прави среќна да е убава и одржана, нека го прави тоа. Ако ја прави среќна домот, нека биде домаќинка. Среќата во домот доаѓа од жената, од мајката. Без среќна мајка, нема среќни деца, без среќен дом, нема ништо“, ни раскажа Кристина. За неа, убавината по триесеттата година не е случајна, на жената како и на мажот им треба дополнително одржување и внимание ако сакаат да се во топ форма. „Јас внимавам на себе, на храната, на козметиката. Сега многу повеќе од порано. Затоа е тука Бабор, мојот чувар на убавината, и многу сум им благодарна што се моите партнери во убавината. “   За Женски Магазин со Кристина Арнаудова, разговараше Милица Џаровска