„Леб и сол“, „Суперхикс“, „Љубојна“… Како македонските бендови ги добиле имињата?

Постојано читаме за потеклото на бендовските имиња во светски рамки, но интересни приказни, повеќе или помалку познати, имаат и многу македонски групи. Членовите на еден од најуспешните британски состави во осумдесеттите години на минатиот век, „Дјуран Дјуран“, идејата за името ја добиле од главниот негативец во „Барбарела“, но во култниот филм со Џејн Фонда инспирација пронајде и нашиот музичар Александар Ристовски-Принц. Тој пред неполни три години го основа истоимениот македонски бенд во кој се споија четворица докажани автори и инструменталисти. [caption id="attachment_5135" align="aligncenter" width="598"] „Леб и сол“ инсистирале името да асоцира на македонската традиција[/caption] Кога се формирал легендарниот македонски состав „Леб и сол“, Влатко Стефановски побарал совет од брат му, драмскиот писател Горан Стефановски. Нему и на останатите членови им било важно името да асоцира на македонската традиција и култура. Горан направил список со десетина имиња што би биле интересни за рок-бенд. Меѓу предлозите се нашло и името „Леб и сирење“. - Самото име многу кажува за нашата култура, за традицијата, за гостопримството. „Леб и сол“ е израз за добредојде. Во текот на годините, со бавењето со изворната музика и фолклор, името одлично се залепи за групата – изјави во една прилика Стефановски. Актерот и музичар Горан Трифуновски во едно интервју откри дека неговиот бенд се вика „Пеперминт“ поради две причини.
  • Значи освежување, но во исто време е и нане, лековито растение против болки во стомакот. Идејата ни беше да донесеме освежување на музичката сцена и лек против болките во стомакот кај слушателите кои се задушени од турбофолкот – појасни тој. За симболиката на името често зборувала и Вера Милошевска, вокалистката на етно-составот „Љубојна“. Сè уште се прераскажуваат анегдотите кога фановите ја прашувале дали групата е од Скопје или од Љубојно.
  • „Љубојна“ е кованица од љубов и од бои. Но, исто така, асоцира на љубовно бојно поле. Така ние ја разбираме музиката додека сме на сцена. „Љубојна“ е и поетично име, женско име, па асоцира и на мене, како женски вокал на групата–откри Милошевска.
[caption id="attachment_5137" align="aligncenter" width="605"] „Љубојна“ е кованица од љубов и од бои[/caption] Нивните колеги од „Ај Кју“, пак, настојувале да смислат нетенденциозно име кое, како што велат, нема да крие некоја голема мистерија, а ќе биде лесно за препознавање. Сепак, низ годините се докажа спротивното, бидејќи само изговорено, името може да има повеќе значења како коефициент на интелигенција или ишарет. Близнаците Мартин и Стефан Филиповски од дуото „Некст Тајм“, инспирацијата ја добиле од филмот „Следниот“ (Next) во кој Николас Кејџ е магионичар од Лас Вегас кој може да гледа во иднината. Името им го предложила нивна блиска другарка од Мајами. Со продуцентот со кој во тој период соработувале го додале „Time“ и така станале „Некст Тајм“ (Следниот пат). [caption id="attachment_5136" align="aligncenter" width="610"] „Суперхикс“ се инспирирале од култниот стрип „Алан Форд“[/caption] Македонскиот ска-панк состав „Суперхикс“, пак, за името се инспирира од Суперхик, тотален антихерој од култниот стрип „Алан Форд“. За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов