Лина Ѓорческа: „Нема поубаво чувство од успехот за кој сами сте заслужни”

Лина Ѓорческа е тетовска убавица која во гладијаторски стил се бори на светските тениски терени и постигнува завидни резултати. Вели дека е горда на досегашните успеси и ветува уште многу подобри резултати од светските натпреварувања. Силно веруваме во нејзините способности и до некој нареден разговор и посакуваме многу успеси и искачени скалила на ВТА листата. Од мали нозе започнавте да тренирате тенис, но од каде желбата токму за овој спорт? Ѓорческа Со тенис почнав на шест години во Тетово. Брат ми е главниот виновник за тоа. Тој веќе подолг период тренираше тенис, па така, покрај него и јас почнав. Ги правев истите вежби што ги правеше и тој. Најпосле и јас почнав да одам на тренинзи.   Ми се чини дека релативно брзо почнавте да се искачувате на ВТА листата и достигнавте многу значајни резултати во спортската кариера. Дали се сложувате? Ѓорческа Па, искрено мислам дека може и побрзо да се направат значајни резултати и има доста такви примери, меѓутоа со оглед на тоа какви услови и помош имаме во Македонија, дефинитивно е доста брзо. Отсекогаш сум велела дека за сè во животот, не само за тенис, најдобро е постепено да се напредува - чекор по чекор. Доколку сме упорни во тоа што го правиме сè ќе си дојде на свое место. Што значи за Вас „да се достигне плафонот“? Дали е тоа одлична позиција на ВТА листата или нешто далеку повисоко? Ѓорческа Еве вака кратко ќе ви кажам, ќе бидам скромна - сите сакаме да бидеме први во светот, но јас и со топ 50 на ВТА листата ќе бидам задоволна. Индивидуален спорт е, еден од најпопуларните и има премногу натпреварувачи кои имаат иста цел. Така што, јас и за досегашниот успех сум горда на себе и ви ветувам дека ќе има уште подобри резултати. На кој начин тенисот го промени Вашиот живот? Ѓорческа Имам доста поразличен живот од моите врсници, исполнет со премногу патувања и запознавање различни луѓе од сите страни на светот. Бидејќи е индивидуален спорт, ме научи да бидам многу одговорна личност и да созреам многу порано. Точно дека секој ден сум на тренинзи и дека немам време и можност секојдневно да бидам по дискотеки, што нели е соодветно за девојки на моја возраст, но искрено и не ми е жал. Напротив - уживам во тоа што го правам. Кој е Вашиот идол во македонскиот женски спорт? Или во светскиот? Ѓорческа Имам огромна почит за сите спортистки од Македонија. Знам како е да бидеш спортист кај нас и навистина сите ги почитувам. Од светски рамки, еве поточно од тенисот, ќе ја издвојам Серена Вилијамс која е легенда во нашиот спорт и е пример за тоа како треба да изгледа еден спортист на терен - секогаш борбена и покрај тоа што толку години е број еден. Колку и во што сметате дека македонскиот тенис се разликува или е сличен со тенисот што се игра надвор? По што се издвојуваат тенисер/-ките со поголем ранг на ВТА листата? Ѓорческа Нема некои разлики во начинот на игра, но во условите, популарноста и финансиите од државата, федерацијата… мислам дека сме многу години поназад од сите држави во светот, а и во регионот. Тенисерите на врвот на листата се издвојуваат со тоа што имаат, што би се рекло, „ветер во грб“ поточно помош од институциите и од спонзори, константност на јаките турнири, а со самото тоа и огромно искуство. Целото интервју прочитајте го тука: http://www.takt.org.mk/mk/programi/unapreduvanje-na-zenite-preku-sport/intervjua/159-lina-gjorcheska-nema-poubavo-chuvstvo-od-uspehot-za-koj-sami-ste-zasluzhni