Македонија гласна, вечна да е

Во Македонија сите знаат сè. И како се прави ова и како се лекува она, и дека птиците летаат и дека цвеќињата цветаат. Но, никогаш никој не сака да признае дека секој човек може да згреши. Грешките не се нешто страшно. Тие се дел од нас. Тие се наша лекција, поука која треба да ја прифатиме и да продолжиме понатаму во истражувањето на животот. Често размислувам кога ќе ми се случи нешто непосакувано, дали треба како ној да пикнам главата и да почекам тоа нешто само да се реши или да ја зграпчам ситуацијата и да барам решенија. Понекогаш и јас чувствувам потреба да се фрлам на двобој. Но, потоа си викам, која е целта? Дали јас знам доволно и дали го имам вистинското оружје со кое треба да победам. Победата во зборови не значи и издржано решение кое практично може да се тестира. Од дома сите како воајери, најлесно е да мериме тактики и да бидеме најдобри. Но, не треба да заборавиме дека и категоријата најдобро е релативна. Секој од нас е индивидуален примерок од човечкиот род, кој по законите на природата е ограничен, па дури и да го дава сопствениот максимум. Токму и затоа чудна е борбата со која сите ние се нафрламе едни на други како изгладнети лавови. Секој од нас е човек. Човек кој се бори во животот, понекогаш храбро, понекогаш бега само за да ја спаси главата, можеби затоа што стравот ќе го совлада. Сите ние имаме стравови. Се плашиме дали добро ќе ја завршиме работата, дали ќе бидеме ефикасни во задачата, дали потоа ќе викаат по нас или ќе не казнат, дали врз главата ќе ни падне некоја нарцисоидна круна, дали ќе не изневерат, дали ќе не сакат и ценат саканите луѓе, дали ќе ги загубиме парите заради невнимание или ќе не украдат, дали нашите деца ќе израснат во здрави и успешни ликови, дали ќе не предадат кумовите или пријателите, дали ќе се разболиме или ќе умреме пред време. Сепак товарот кој го носи стравот, не е секогаш лоша работа. Понекогаш не потсетува да внимаваме и да се штитиме, да следиме и да гледаме… Но, некогаш ни носи и силен стрес. Стрес кој ќе не убие. Сите ние прифаќајќи ја битката за совршенство, влегуваме во некој филм. Тој филм не турка напред, ни го загрева адреналинот да не води до излуденост во трката во која за да победиме, подготвени сме да жртвуваме сè. Во трката да трчаме најбрзо, често забораваме да погледнеме кого газиме, а и кој не гази. Не охрабрува и води системот кој се темели на манипулации, па така разединети, се лактаме едни со други, трубиме дека ние сме најдобри, се радуваме тогаш кога другиот тагува. Нашите апетити растат, а порциите се намалуваат. И, која е цената? И без победа може да живееме, но без воздух не можеме. Секој од нас има право на избор и желби. Факт е дека сите ние еднаш си заминуваме од овој свет. Смртта не може да ја избегнеме. Но, може да го живееме животот како посреќни луѓе. Луѓе кои посакуваат добро утро. Луѓе кои кажуваат дека изгледаш убаво и со бушавата гривна на глава. Луѓе кои се радуваат на сонцето, но и на облаците и капките дожд. Луѓе кои и во ветерот наоѓаат простор да бидат безгрижни деца. Сите ние сме луѓе. И грешките се дел од нас. И тие го прават животот, па затоа треба да им се радуваме.   За Женски Магазин, Вики Чадиковска