Мексико во пастелни бои со Cactus Design

Кога ќе се спомне Мексико, ме асоцира на убавиот Кабо Сан Лукас, изобилие од бои, Фрида Кало, уметност во секое ќоше, но и добро познатите кактуси. Ќе ги сретнете насекаде низ улиците и пустинските предели на Мексико, ќе ве освојат со својата едноставност, а сепак со доза на елегантност на нивната различна форма. Кога сме веќе кај кактусите, две млади девојки од Скопје, Еми и Сандра, на заедничка иницијатива го создаваат брендот Cactus Design, кој веќе постои речиси две години. Создаден со голема љубов, ова е брендот каде деталите се главниот фокус, а едноставноста е главната карактеристика по која ќе ги препознаете. Она што ми остави впечаток кај овие две млади дами, е дека брендот е настанат од првичната желба најпрво да продаваат и одгледуваат кактуси, а дел од нивните цртежи на платно односно алишта, се всушност нивните детски цртежи од далечната 1994-та година. Едноставни и речиси секогаш облечени во тандем, слични, но сепак различни, овие две девојки ќе ве освојат со нивната посветеност кон својата нова професија, како и со креативните идеи што ги имаат. Нина Беадер за Женски Магазин, зборуваше со Еми и Сандра, во преубавата галерија Акантус, каде покрај доброто кафе и финото друштво, уживавме и во пријатната атмосфера што оваа галерија ја нуди. Женски Магазин - Кактус Дизајн, од каде дојде до идеја за создавање на еден ваков бренд, и зошто токму симболот Кактус како заштитен знак на вашиот бренд? Еми -Формирањето на брендот беше резултат на големата желба и упорност да создадеме нешто преку кое можеме креативно да се изразиме. Заедничкото нешто што го сакавме беа кактусите. Така дојде идејата за името Кактус пред точно да знаеме што точно ќе создаваме. Цела година истражувавме и решивме да дизајнираме интересни но едноставни парчиња облека. Женски Магазин - Каков вид на модни парчиња може да се најдат во вашите колекции? Сандра - Минимални парчиња облека наменети за секој ден, кои се квалитетни, удобни и се издвојуваат од другите. Секоја колекција има специфични детали изработени преку различни техники (везење, рачно цртање, сито печат). Женски Магазин - Од каков материјал ги изработувате вашите облеки и кој материјал е најчесто најзастапен во Cactus Design? Сандра - Најважно за нас е материјалот да биде квалитетен и пријатен за носење. Според модните парчиња употребуваме најразлични материјали како памук, волна, кепер, а понекогаш и не секојдневни материјали како пластика, од што имаме изработено ранци. Материјалот е основата врз која се креира парчето облека, тој ни дава инспирација. Женски Магазин - Кое изработено парче ви е најдраго од досегашните колекции, и колку спојот со архитектурата и графичкиот дизајн Ве инспирира и Ви помага во креирањето? Еми - Најдраги ни се парчињата облека кои се дел од нашата прва колекција бидејќи со нив го дефиниравме нашиот бренд, квалитетот и дизајнот со кој понатака продолжуваме да работиме. Архитектурата, графичкиот дизајн и модата се поврзани меѓусебно и имаат големо влијание врз идеите за нашите колекции. Женски Магазин - Пазарот на модата никогаш не застанува, и постојано отвора нови врати кои секогаш водат до нови соработки. Дали можеби Cactus Design ќе можеме да го видиме и надвор од Македонија? Еми - Целиме кон тоа да се прошириме и надвор од Скопје. Во иднина се гледаме во Европа, со наше студио, работилница и концепт продавница. Женски Магазин - Вашите парчиња беа изложени во галеријата Акантус, што одлично се имаат вклопено со целокупната уметничка приказна како на галеријата, па така и во приказната на вашиот бренд. Каков е досегашниот одѕив на клиентелата кога покрај уметничките слики, ќе ги забележи и вашите модни парчиња? Сандра - Супер е кога ќе се соедини една целна група од сите возрасти. Луѓе со различни интереси кога ќе се соберат на едно место и ќе ја запознаат уметноста во сите форми. Акантус ни овозможи да не забележат и други генерации. Женски Магазин - Дали би можеле наскоро да очекуваме и отворање на првата продавница на Cactus Design? Еми - Да, секако, за брзо време ќе имаме и продавница. Женски Магазин - Кој стои зад брендот на Cactus Design и што се е потребно за да се издигне еден бренд на едно ниво? Сандра - Ние две сме креатори на брендот и постепено се шири нашиот мал тим. Потребна е љубов кон тоа што го работиш, И до перфекција да го изведеш секое замислено нешто. Женски Магазин - Што ни носи новата колекција? Еми  -Топлина во бои што враќа во деведесети. Женски Магазин - Што би им препорачале на новите идни креативни умови што би сакале да започнат да се бават со дизајнирање на алишта? Сандра - Да го започнат тоа што го замислиле со трпение и посветеност. За Женски Магазин, Нина Беадер Fb strana : https://www.facebook.com/BeaderHristina/ Web Strana : https://ninabeader.wixsite.com/styleinmotion