,

Меѓаши: Децата веднаш да се пуштат на распуст

Од првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ во Република Македонија бараат децата под итно да се  пуштат на распуст и помалите деца да не се пуштаат во градинка. „Имајќи ја предвид енормната загаденост на воздухот и неговото катастрофално влијание врз здравјето, бараме од централната и локалната власт под итно децата да се пуштат на распуст а градинките и сите установи каде престојуваат деца да се затворат се додека концентрацијата на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките се намали во нормални граници и се додека од надлежните институции не се преземат соодветни, конкретни мерки за заштита“, стои во соопштението. Од „Меѓаши“ најавуваат дека во спротивно целосно ќе го поддржат веќе најавениот бојкот од страна на родителите, најавен за 20 декември 2017. Оттаму повикуваат борбата за правото на чист воздух да не се сведува на политичка и партиска пресметка. „Апелираме дека состојбата со здравјето на децата станува се поалармантна. Се доведува во опасност животот на децата и се прекршуваат повеќе членови од Конвенцијата за правата на детето. Секое второ дете е со белодробни заболувања, астма, бронхитис и други здравствени проблеми. Апелираме дека доколку не се преземе итна заштита на децата од страна на надлежните институции, ќе бидеме приморани на ригорозни мерки, бојкот, протести, еко-герила активности, блокирање на патиштата“, наведуваат од „Меѓаши“. Информираат и дека за состојбата ќе ги известат сите членови на Комитетот за правата на детето. „Со загрозување на правото на детето на живот и здрава животна средина се прекршува и Уставот на Република Македонија. За оваа состојба во која се наоѓаат децата ќе бидат информирани и други меѓународни организации каде Меѓаши е членка“, се посочува во соопштението.