МИНА БЛАЖЕВ ЗА НАСТАПОТ НА „ДЕТСКИ ЕВРОСОНГ“: На сцената ќе бидам сама, подготвивме впечатлива анимaција

Одам да се претставам во најдобро светло, достојно да ја претставам нашата земја. Одам и да запознаам деца од различни држави, да видам до каде се моите врсници со пеењето и да стекнам едно ново и огромно искуство. Би била пресреќна доколку бидам во најдобрите три, вели младата пејачка Има 14 години, сака да патува и да запознава нови култури, обожува да танцува, а идоли ѝ се Аријана Гранде и Џастин Бибер. Мина Блажев на 26 ноември ќе ја претставува Македонија на детскиот „Евросонг“ во Тбилиси, Грузија. На годинашниот избор ќе се натпреваруваат шеснаесет земји, а наш адут е темата Dancing through life, дело на докажаниот продуцент и автор Александар Масевски. Младата пејачка за „Женски магазин“ открива како ќе изгледа нејзиниот настап на спектакуларното ТВ-шоу со милионска гледаност и каков пласман очекува. Женски Магазин Каков концепт ќе ѝ понудиме овојпат на Европа? Која е пораката која во трите минути колку што ги имаш на располагање ќе се обидеш да им ја пренесеш на гледачите? Мина- Насловот на песната е многу соодветен и мотивирачки, дава една јасна слика за тоа што се зборува во песната. Сепак, лично, со оваа тема сакам да кажам дека колку и да поминуваме низ тешки моменти треба да гледаме на позитивната страна на животот и да го доживуваме светот и нашиот живот лесен и убав како танц. Без оглед на сè, треба да знаеме дека постои следно утро кое ќе биде подобро и едноставно со позитивни мисли да патуваме низ животот. Женски Магазин Македонија последните години нема позначаен резултат на ова европско натпреварување. Кои се твоите очекувања? Мина- На „Детска Евровизија“ прво одам да се претставам во најдобро светло, достојно да ја претставам нашата земја. Одам и да запознаам деца од различни држави, да видам до каде се моите врсници со пеењето и да стекнам едно ново и огромно искуство. Би била пресреќна доколку бидам во најдобрите три, но искрено немам некои очекувања. Женски Магазин Како е замислен настапот? Кој ќе те придружува на сцена? Мина- Подготвивме анимација која ќе оди на лед - екраните зад мене. Мислам дека тоа е едно многу добро и современо решение кое се движи по светски принципи. На сцената ќе бидам сама, но мислам дека визуелните ефекти успешно ќе ја доловат приказната. Женски Магазин Кога македонската делегација заминува за Грузија и каква програма има предвидено организаторот за земјите-учеснички? Мина- Заминуваме на 19 ноември. Точно за организацијата и случувањата не сум известена. За сè ќе бидеме информирани кога ќе пристигнеме. Женски Магазин Имаш искуство со јавни настапи. Поширокиот аудиториум те памети по учеството во регионалното шоу „Пинкови ѕвездички“. Кои други ангажмани можеш да ги одвоиш како позначајни во твоето портфолио? Мина- „Пинкови ѕвездички“ беше посебно искуство за мене и одлично доживување. Сум учествувала и на други натпревари меѓу кои би ги издвоила реномираниот интернационален фестивал „Славјански базар“ во Белорусија, украинскиот фестивал „Поколение јуниор“ каде го освоив првото место и секако нашиот „Езерски бисери“ во Струга каде годинава ја добив најпрестижната награда „Бисер“. Женски Магазин Во која насока посакуваш да се развива твојата музичка кариера? Мина- Би сакала да учествувам на уште голем број натпревари ширум светот, но исто така да работам и на мои песни, па дај боже да стекнам и светска слава. За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов Преземање на текстот е можно само со дозвола од редакцијата на Женски Магазин