Над 100.000 евра државни пари за „Скопски џез фестивал“ и „Офф фест“

За новите изданија на традиционалните културно-уметнички манифестации „Скопски џез фестивал“и „Офф фест“ Министерството за култура одобри 105.000 евра. За 37-то издание на „Скопски џез фестивал“ кое е предвидено да се одржи од 18 до 21 октомври државата одвои буџет од 4,5 милиони денари. Со народни пари ќе биде потпомогнато и 17-то издание на „Офф фест“ кое би требало да се одржи од 24 до 27 мај. За овој фестивал Министерството за култура одобри 2 милиони денари. Солидна сума, речиси 50.000 евра (3 милиони денари), треба да биде исплатена и за Фестивал на албанската песна „Евент“. Меѓу одобрените проекти од програмата „културно-уметнички манифестации“ кои според Министерството се од национален интерес во културата за 2018 година е и фестивалот „Фолк-фест Валандово“ за кој се одобрени речиси 30.000 евра (1,8 милиони денари). Колку за споредба, претходната владејачка гарнитура на едно од изданијата толку пари издвои само за победникот и за второпласираниот. Помалку пари Министерството годинава ќе одвои за „Макфест“. Од дирекцијата на штипскиот фестивал побарале над 40.000 евра, а Министерството за култура им одобри само 16.000 евра (1 милион денари). 3.200 евра (200.000 денари) ќе бидат уплатени на сметката на интернационалниот фестивал на забавни мелодии „Еврофест“, а двојно помалку средства ќе има на располагање менаџментот на интернационалниот фестивал „Охрид фест – Охридски трубадури“. „Женски Магазин“ вчера ексклузивно ги објави одобрените суми за проекти од музичката и од музичко-сценската дејност каде најмногу средства се одвоени за концертите од јубилејниот проект „25 години Авалон продукција“ и за шоуто во чест на легендарниот пејач и автор Тоше Проески.   За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов