,

Направи сам брзо и едноставно: еластично ременче

За многу кратко време направете едно еластично ременче кое ќе ви врши многу работа за долги кошули и фустанчиња. Сè што треба е да земете декоративни ленти, ластик, закопчувачи (машко - женско), парче кожа (природна или вештачка), конец и започнете со работа. Најпрвин земете две ленти и еден ластик, ставете ги едно до друга и започнете да плетете плетенка. За да не ви се отплеткува на почетокот, можете да искористите штипка која ќе ги држи лентите. За оваа плетенка, јас искористив две разновидни ленти и ластик за поинтересен изглед. Кога ќе ја завршите плетенката, исечете две мали парчиња од кожата. Ставете ги парчињата на краевите од плетенката и сошијте ги доколку е помека кожата, ако не залепете ги. Откако едниот крај од кожните парчиња го зашиете на плетенката, на другиот крај ставете го закопчувачот (машко – женско) и сошијте го крајот на кожното парче. На крајот ви останува само да го декорирате предниот дел за да се скрие закопчувачот. Можете да направите некаков детаљ од монистра, или пак од платно. Јас направив ружа од платно. Зашијте или залепете го детаљот на крајот од едниот закопчувач, така што ќе може да го покрие и едниот и другиот. Со овој завршен детаљ, вашето ременче е спремно за носење. За Женски Магазин идеите ги прави Ана Јордановска-апсолвент на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер