Најди време гушни ме

Марко е ученик во седмо одделение. Денес е посебно задоволен и среќен. На тестот по математика, кој беше многу тежок, доби петка. Одејќи кон градинка(има секојдневна обврска да го земе братчето од градинка) си замислува дека многу ќе ги израдува родителите. Со клучот во рака и тешките ранци на раменици, двете деца влегуваат во станот кој е потполно тивок. Дома, како и , ги нема мама и тато. На масата оставено ливче со порака: „Деца! Тато е на тенис, мама на козметичар, ручекот е во фрижидер, а „Моана“ гледајте на  HBO од 17 часот“. Денес сите некаде брзаат . “Брзам , веќе доцнам“ е честа изрека. Се активира во трката за некој денар повеќе или за задржување на општествениот рејтинг. Презафатените родители лесно се препознаваат. Тие никогаш немаат доволно време, постојано се во брзање, секој момент им е испланиран,  а по правило не знаат за граници во работата. Основна животна опсесија им е опседнатоста со работа, со парите и со самите себе, па затоа едновремено извршуваат најразлични задачи. Меѓу нив има и такви кои во суштина не извршуваат значајни и тешки работи. Но и покрај тоа, секогаш драматизираат, напнати се... Тие се во постојан временски цајтнот. На тој начин ја покажуваат легитимноста на својата големина и општествено значење. Родителите кои брзаат се во расчекор со самите себе и многу ретко стигнуваат до своето дете. Нивната парола е „со детето нека се занимаваат компетентните институции “. Тие за тоа немаат време, ниту трпение. За возврат ќе му обезбедат се што ќе посака - најнов тип на телевизор, скап мобилен телефон, современ компјутер, приватен наставник по математика , летување со група деца... се. Само не планирајте им го нивното време. Денес, во многу семејства преовладува традиционално сфаќање кое е наследено. Според него,  таткото е тој кој со својата професионална работа обезбедува основа или повеќе средства за живот на семејството. Тој е „големиот татко“ кој секогаш некаде патува, има повисоко општествено, политичко и професионално ангажирање, а со самото тоа и подобар третман, поголемо право на одмор и забава, како дома, така и надвор од семејството. Кога е дома, скоро секогаш покажува колку е уморен, како не му е дојдено до разговор со децата за нивните кратки или долги извештаи од училишниот живот, проблемите со другарчињата, радосните случувања и се друго. Во последно време за слободното време се борат и презафатените мајки . Со нив се затвора кругот, расте оддалеченоста , слабее  комуникацијата... И заедничкото време со детето се намалува или воопшто не постои. Детето останува само. Децата се препуштаат на воспитување на институциите (училиште, градинка), бабите и дедовците... Во семејството, а со тоа и во воспитанието, влегуваат многу луѓе кои се разликуваат по природата на животното искуство, степенот на образование, културата... се она што го определува воспитниот стил и го прави  детето различно од другите. Во ваквите семејства, децата се изложуваат на различни , неусогласени воспитни влијанија. Некој од нив ќе се обиде, свесно или несвесно, да почне со превоспитување за да ја потврди својата успешност на тоа поле. Најстрашно е кога се „претопуваат“ со децата и премногу им попуштаат. Ваквото сојузништво, децата го искористуваат наоѓајќи некој преку кој ќе ги истераат своите неоправдани барања и хирови и постепено да ја преземат “ власта “ во свои раце и никој ништо да не им може. Децата на презафатените родители имаат се, премногу облека, играчки на тони и се останато што ќе посакаат. Сепак немаат родители покрај себе, да ги гушнат, да ги погалат и заедно да си поиграат со нив . Мораме да свртиме околу себе, мораме да преземеме одговорност за идните генерации што ги растеме. Децата треба да растат со љубов чиј извор потекува од родителот.  Само таа е вистинската и потребната за детето да израсне во здрава личност, подготвена во иднина да се бори со сите животни предизвици.   За Женски магазин пишува Ружица Митровиќ-Дипломиран педагог