,

Одри Хепберн – Симбол за елеганција и безвременски стил

Речиси сите ја препознавате оваа дама од култниот филм „Појадок кај Тифани“, но да дознаеме нешто повеќе за неа. Одри Хепберн е британска актерка, балерина, модел, а во подоцнежните години е и хуманитарец. И покрај тешкиот живот успева да се избори со голема кариера и слава. Можеби принцеза на филмското платно, но во реалноста нејзиното исправено држење го има наследено во своите вени од аристократските корени на својата мајка. Поради тоа не треба да не изненадува нејзиното чувство за стил, елеганција, префинетост.

Поради честите селидби, на шеснаесет години започнува со учење балет во Амстердам, а подоцна продолжува со балетот во Лондон, каде и поради својата слаба ухранетост е оневозможена да стане прима балерина и се откажува од балетската кариера. На почетокот се појавува на филмското платно во неколку помалку значајни улоги, пред да ги сними култните филмови „Сабрина“, „Одмор во Рим“ „Појадок кај Тифани“. Добитник е на неколку филмски награди и тоа: Златен глобус, БАФТА, Греми, Тони, Еми и Академи награди. Во подоцнежните години се посветува на хуманитарната работа со УНИЦЕФ, каде се стекнува со титулата позната како Амбасадор на добрата волја.

Меѓу другото, остава силен белег во модната индустрија, поради нејзиниот изглед и стил. Таа станува пријателка и бизнис партнер со познатиот дизајнер Хјуберт де Живанши, кој го дизајнира нејзиниот прв фустан за филмот „Сабрина“, а подоцна и еден од најпознатите мали црни фустани во „Појадок кај Тифани“. Нивната соработка и пријателство траела долго со што многумина би се запрашале дали Хепберн го создаде Живанши или Живанши ја создаде Хепберн.

Од елеганција, класика, па се до лежерна варијанта, омилена во сите стилови. Идолизирана од многу генерации, можеби многу почесто од женскиот пол поради нејзината ситна и витка фигура. Безвременски стил кој стилистите и ден денес го копираат.

За крај да се потсетиме на шармот на оваа прекрасна дама од „Појадок кај Тифани“. How do I look?

За Женски Магазин, Ана Јордановска