Од Македонија си заминав поради љубов

ИНТЕРВЈУ СО ПОЕТЕСАТА ТАЊА КАРМЗОВА КОСТИГЛИОЛАТрнот во надежта“, на латински „Spes est spinam, е новата стихозбирка на македонската поетеса Тања Кармзова-Костиглиола. На 4 ноември, книгата ќе се промовира во Скопје, а е во издание на „Матица“. Тања Кармзова-Костиглиола по потекло е од струмичкото село Дабиле. Таа е фармацевтски техничар, и веќе девет години живее и работи во Париз со синот и со сопругот. Во 2007 ја објавила првата збирка „Распетие на душата, лани книгата „Кутија со солзи“, а работи на францускиот превод на своите дела. Вели дека првите стихови ги напишала кога имала осум години, а сега има 28. Иако е фармацевтски техничар, поезијата е нејзиниот издувен вентил. Стиховите на Тања се едни од најсподелуваните на социјалните мрежи, кои таа ги нарекува отскочна штица за писателите. [caption id="attachment_2829" align="aligncenter" width="651"] Инспирацијата ја црпам од секојдневието, тргнувајќи од традициите, личните и туѓи доживувања, од страста кон медицината чии терминологии често ги вметнувам во стиховите. - Тања Кармзова-Костиглиола[/caption]   Женски магазин - За што раскажувате во вашата нова стихозбирка „Spes est spinam“ (Трнот е во надежта)? Тања - Оваа стихозбирка е буквално исцедок од сите мои грижи, тагувања, сочувство кон туѓите тажни приказни и восклик за среќата на оние кои ме опкружуваат, но истовремено и социјален ангажман за мои ставови по чувствителни прашања како што се дискриминацијата, предрасудите и границата меѓу патриотизмот и нацизмот. Женски магазин - Колку време ја пишувавте и што ве инспирираше? Тања - Во збирката има песни пишувани во текот на две години, иако не е сè објавено. Инспирацијата ја црпам од секојдневието, тргнувајќи од традициите, личните и туѓи доживувања, од страста кон медицината чии терминологии често ги вметнувам во стиховите, од природата за чија заштита се трудам скромно да придонесам и од општеството во кое сакам сите да бидат рамноправни членови. Сума сумарум: муза ми е животот. [caption id="attachment_2825" align="aligncenter" width="654"] Франција е прекрасна земја и спротивно на она што се вели - јазикот не е толку тежок, ниту пак Французите се студени луѓе[/caption] Женски магазин - Како се случи од фармацевтски техничар да почнете да пишувате поезија? Тања - Уф, поезијата и јас имаме длабока поврзаност од многу, многу одамна. Првите мои објавени стихови се од пред 20 години, а денес имам 28. Ми помогна многу љубовта кон јазикот, но всушност поезијата ми е издувен вентил. Мислам дека ја засакав медицината воопшто во исто време со поезијата. Фармацијата дојде подоцна како вокација, а најмногу се сконцентрирав на фитотерапијата и ароматерапијата, што ги учев на медицински факултет во Париз како специјализација. Впрочем, од таму и насловот на латински на збирката. Можеби звучи апсурдно, но си наоѓам логика. Женски магазин - Кажете ми нешто повеќе за вашиот живот и работа во Париз, за вашето семејство? Тања - Во Париз сум веќе 9 години. Всушност, во околината на Париз. Го сакам градот, но јас сум дете од село и ми треба полнење батерии во рурална средина. Живеам со мојот сопруг и нашиот син, Кими, кој има 8 годинки. Франција е прекрасна земја и спротивно на она што се вели - јазикот не е толку тежок, ниту пак Французите се студени луѓе. Се адаптирав релативно брзо, бидејќи ја уживав поддршката на моите блиски, но и на земјата која ме прифати. Работам во аптека во центарот на Париз и повторно учам, имам амбиции да стекнам квалификации како предавач (овде има некој посебен статус) за луѓе кои ја учат професијата на фармацевтски техничар. Женски магазин - Зошто си заминавте од Македонија, и што од дома најмногу ви недостасува? Тања - Заминав од љубов, иако реченицата изгледа малку излитено денес. Ми недостигаат многу работи: блиското семејство и пријателите, воздухот и спонтаните собири и настани, летото ми недостига оти овде е многу кратко, ми недостига ајвар во зима и домати на лето. Понекогаш банални работи, ама ете, чувствувам празнина. [caption id="attachment_2827" align="aligncenter" width="650"] Социјалните мрежи се „отскочна штица“ за писателите и поттик за многу луѓе што изгубиле навика да читаат повторно да отворат, купат или позајмат книга.[/caption] Женски Магазин - До каде е преводот на вашите две стихозбирки „Распетие на душата“ и „Кутија со солзи“ на француски јазик, има ли шанса наскоро да се промовираат на тамошниот пазар? Тања - Почнав со препеви сама, бидејќи солидно го владеам јазикот. Бидејќи употребувам кованици, турцизми, архаизми-тоа оди многу, многу бавно. Во моментов правам препеви на наши млади поети и поетеси, бидејќи повеќе сакам да придонесам за афирмација на македонската, денешната поезија отколку само за афирмација на мојата поезија. Женски магазин - Што велите за ненадејната популарност на поезијата кај нас, и споделувањето стихови на социјалните мрежи? Тања - Ме фасцинира и интересот на македонската јавност за овој тип литература, а и поетите и поетесите чии стихови ги читам со сласт. Не знам да судам и да квалификувам поезија како добра или лоша, ама знам дека сакам поезија напишана од срце, од она што стои во длабочините на човекот. Имам фаворити меѓу актуелните автори, а истите кај мене стојат на пиедестал доколку чувствителноста на нивните песни е истата онаа што ја наоѓам и во нивните срца. Социјалните мрежи се отскочна штица за писателите и поттик за многу луѓе што изгубиле навика да читаат повторно да отворат, купат или позајмат книга. Сепак, има некоја генијалност во социјалните мрежи и новите технологии, нели? За Женски Магазин, Милица Џаровска