,

Папаз го отвара Модниот Викенд Скопје 2017

Андреј Папаз Ѓоргиевски е релативно млад моден дизајнер и костимограф во Македонија. Има завршено студии по моден дизајн на ФОН Универзитет и својата кариера ја започнува уште за време на своите студии, соработувајќи со естрадни личности, работејќи на разни едиторијали за месечни и неделни магазини. Како прв сериозен проект на кој работел е Македонски идол, каде заедно со своите колеги ги подготвувале стајлинзите на изведувачите, а потоа се случува и евровизискиот проект во 2013 година, каде заедно со неговата колешка Викторија Арсовска го креираат костимот на Влатко Лозаноски. Својата кариера ја продолжува со голем број на костимографии за претстави ширум македонските театри, а и костимографии за телевизиски серии. Препознатлив е по раскошните креации и гламурозните фустани. Тој ќе го отвори Модниот Викенд Скопје 2017.

[caption id="attachment_2168" align="aligncenter" width="540"] ФОТО: Владимир Видановски и Славе Викторијоски[/caption]

Непосредно пред неговото модно шоу Женски Магазин, разговара со Андреј Папаз Ѓоргиевски.

Женски Магазин: Релативно млад дизајнер Папаз, оваа година го отвораш Моден викенд Скопје, со ревија за Содома и гомора? Какви се подготовките? Папаз: Токму така, второ учество на „Моден Викенд Скопје“, а на мое задоволство веќе прв во програмата за оваа година. Последнава недела минува во интензивни подготовки, проби со манекенки и се она пропратно што се нарекува подготовка на еден ваков настан. Оваа година колекцијата е насловена „Подем на гревот“, каде инспирацијата се темели врз приказната за Содома и Гомора. Женски Магазин: Што може да се очекува на ревијата? Папаз: Хаос-се разбира во најпозитивна смисла. Беспрекорниот тим на „Моден Викенд Скопје“ и мојата екипа, сметаме дека ќе направиме впечатливо модно доживување. Ќе бидат прикажани четиринаесет модели, каде ревијата повторно ќе ја отвори Ана Калачовска. И оваа година е истиот тим на соработници, каде за музичкиот дел повторно е задолжен Димитар Андоновски, а во оваа приказна се вклучуваат и светски музички имиња, каде веќе постоечки мега хит е специјално адаптиран за ревијата со претходно доследно добиени авторски права. За рекламниот материјал се задолжени „Pixel print“, додека за дел од реализацијата се заслужни Министерство за Култура на Република Македонија, институтот за истражување во животната средина градежништво и енергетика „ИЕГЕ“ и „Симпекс“. [caption id="attachment_2171" align="aligncenter" width="640"] ФОТО: Владимир Видановски и Славе Викторијоски[/caption] Женски Магазин: Колку време се подготвуваше самата ревија и од каде идејата? Папаз: И оваа тема некако стоеше во фиока и чекаше момент да биде реализиран. Всушност кога и подобро ќе размислам, сѐ она што следно може да се очекува од мене како дизајнер е веќе дефинирано, затоа што штета ако чекам идеите да ми доаѓаат на сон, сепак јас сум стратег и кај мене се е подредено и однапред јасно зацртано. Темата е приказната за потопот на Содома и Гомора, каде колекцијата е симбиоза на таа библиска приказна, поврзана со блискиот исток, како денешна територија каде се смета дека се наоѓале овие два града и сето тоа спакувано во една современа форма окарактеризирана со провокативност и сексапил. Женски Магазин: Каков предизвик е да се креира нешто различно за љубителите на модата? Папаз: Креирањето е моја професија, а ако во тоа нема предизвик и страст сигурно не би го работел тоа. Во тој поглед сум можеби малку себичен. Пред сѐ создавам за себе, па за среќа на публиката тоа им се допаѓа. Јас само предлагам во кој правец би можеле креативно да размислуваат и своите модни гледишта да ги прошируваат. Сега за сега мојата концентрација е насочена кон доследност на избраната тема и изворот на инспирација, мислам дека тоа недостасува и затоа на тоа инсистирам. Сметам дека имам време за подготвување на целосни ready to wear колекции, всушност преку соработката со моите клиенти го работам и тој сектор од модата. [caption id="attachment_2169" align="aligncenter" width="640"] ФОТО: Владимир Видановски и Славе Викторијоски[/caption] Женски Магазин: Кога ќе може да се најдат во продажба? Папаз: Колекцијата ќе може да се разгледа online, и во ателјето на Викторија Арсовска. Моделите се комбинација на носливи и помалку носливи парчиња, кои би можеле да се адаптираат кон желбите на потрошувачот, затоа што сметам дека секој клиент е посебен и неповторлив. Женски Магазин: Папаз колку е важно да се диктира модата на пазарот? Папаз: Од финансиска гледана точка, е важно, но далеку сме ние од тие светски стандарди. За почеток не е лошо да се сконцентрираме во рамки на нашата држава, без да се чукаме во гради поради некоја инцидентна екскурзија во странство. Убава вест е online купувањето на разни интернет страни, каде забележувам дека кај нас тој начин на пласирање на производот е во подем, а тоа ме радува.