ПЕЛЕНСКА РЕВОЛУЦИЈА: Предизвик за Законодавецот!

Што ќе донесе Пеленската Револуција? Дали оваа иницијатива е предвремена или навремена? Дали Македонија е подготвена за ваков чекор? Граѓанската инцијатива „450 Породилно (Пеленска револуција) организираше референдум за донесување на предлог Закон за работни односи со кој ќе се зголеми времетраењето на платено отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство од сегашните 9 месеци (за едно дете) и 15 (за повеќе деца, на 18 месеци за сите мајки без разлика колку деца раѓаат. Потребните потписи за почеток на постапката се собрани. Женски Магазин истражува што ќе добиеме, а што ќе изгубиме. Разговаравме со Марија Спиреска, адвокат Женски Магазин Ќе добијат ли мајките право на избор со „пеленската револуција“? Спиреска Интересна тема за размислување и предизвик за законодавецот да донесе практично законско решение, кое нема да ги дискриминира жените, туку ќе им даде право на избор, дали ќе користат породилно боледување од 9 месеци или подолго. Во никој случај не смее да се донесе закон, според кој сите жени ќе бидат обврзани да користат 18 месеци породилно боледување. Законодавецот мора да има предвид дека секоја амбициозна жена која сака да напредува во својата кариера, која се бори за успех во својата професија и која има амбиции да се надоградува, нема да прифати да користи породилно боледување од 18 месеци. Тој период е предолг и за жената ќе значи губење на континуитетот во работните обврски, во актуелни случувања, проекти и слично. Со самото тоа и губење на самодовербата. Жената треба да се реализира како мајка, но за да биде среќна и исполнета како жена, треба да биде реализирана и во својата професија. Државата мора да и го овозможи тоа со други механизми. Еден од тие механизми е подобрување на условите кои ги нудат државните и приватните градинки, како и воведување на сменско работење на градинките. На овој начин ќе и се олесни секојдневното функционирање. Женски Магазин Дали според вас должината на породилното искуство е важна за самодовербата на една жена? Спиреска Јас од моето животно и професионално искуство, одговорно тврдам дека 18 месеци задолжително породилно боледување ќе биде лошо законско решение. Сигурна сум дека законодавецот ќе биде многу внимателен пред да донесе закон, со кој ќе се смени времетраењето на боледувањето кое до сега беше 9 месеци. Според мене тој период е сосема доволен, мајката и детето да бидат спремни за мајката да се врати на работа, а детето да оди во градинка, но, во добри услови и во помали групи. Широка е оваа тема, многу осетлива, но многу важна. Имам многу предлози кои сметам дека би биле конструктивни решенија, но тоа во друга прилика. Се надевам дека кога ќе се изработува законот, ќе се формира исклучително стручен тим, кој ќе создаде модерен и практичен закон, на задоволство на сите. Со оглед на мојата професија, јас не користев породилно боледување од 9 месеци и многу брзо се вратив на работа. И сега, кога би можела да бирам, во никој случај не би одбрала подолго боледување од 9 месеци. За Женски Магазин, Вики Чадиковска