Пеленска револуција, придобивки или штета

Што ќе донесе Пеленската Револуција? Дали оваа иницијатива е предвремена или навремена? Дали Македонија е подготвена за ваков чекор? Граѓанската инцијатива „450 Породилно (Пеленска револуција) организираше референдум за донесување на предлог Закон за работни односи со кој ќе се зголеми времетраењето на платено отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство од сегашните 9 месеци (за едно дете) и 15 (за повеќе деца, на 18 месеци за сите мајки без разлика колку деца раѓаат). Потребните потписи за почеток на постапката се собрани. Женски Магазин истражува што ќе добиеме, а што ќе изгубиме. Разговаравме со Драгана Клопчевска, менаџер на Сити Хол Центар Женски Магазин: Ќе добијат ли мајките право на избор со „Пеленската револуција“? Клопчевска: Мајките и до сега имаа право на избор. Некои го користеа целосно, некои се враќаа на работа порано. Имам неколку другарки кои со врски по доктори го продолжуваа и до 12 месеци. Ама работеа или по банки или во државна администрација. Оние кои работеа или работат во приватни или сопствени фирми, секогаш пред време се враќаа од породилното отсуство. Женски Магазин: Дали постои можност за дискриминирање на жените на работа? Клопчевска: Ако и до сега бевме дискриминирани, ова ќе биде уште понагласено доколку се донесе закон со кој породилното се зголемува на 18 месеци. Тргнувам од себе. Како работодавец, не ми одговара да вработам девојка од која имам потреба, за после 6 месеци да ми отиде на породилно 18 месеци. Имав другарки кои чекаа решение во администрација за да останат бремени. На тие истите, овие 18 месеци ќе им одговараат најмногу. Да, јас сум за 18 месеци, но да се користат од оправдани причини. Да биде дефинирано кој ќе може да користи 18 месеци, на пример мајки на предвремено родени деца, деца со одредени синдроми, деца со церебрална парализа… Во принцип, деца на кои им е потребна поголема нега. Женски Магазин: Дали ова ќе донесе социјална сигурност за идните мајки? Клопчевска: Па и пред предлог законот за 18 месеци жените и мажите немаа исти шанси за исти работни позиции. Се сеќавам на ситуација кога еден директор вработи актуарка која требаше 2 години да работи за да го стекне искуството, па после да ја прими кај него, ја праша дали планира уште деца. Мислам дека доколку се донесе ова со 18 месеци, многу тешко ќе биде да се вработи жена во приватна фирма. Па макар и била со 10ки на факултет. За Женски Магазин, Вики Чадиковска