,

ПериМак-Надеж за најмалите пациенти во Македонија

Од 21 до 23 ноември во Хотел Александар Палас Скопје, како и 24 и 25 ноември, во зградата на Министерство за здравство на РМ, повеќе од 250 македонски гинеколози, акушери, педијатри, неонатолози и интензивисти како и медицински сестри ќе бидат дел од обуките за најновите методи за клиничка дијагностика како и пред и пост натална грижа. Обуките ќе ги одржуваат истакнати професори од Амстердам. Овој настан е дел од ПериМак Проектот, партнерство помеѓу Министерството за здравство на РМ, Проект ХОПЕ Македонија и Проект ХОПЕ Германија. Обуките се поддржани од страна на Алкалоид АД Скопје. ПериМак Проектот е започнат во почетокот на 2016 година од страна на Проект ХОПЕ во партнерство со Министерството за здравство. Основна цел на проектот е зголемување на стапката на преживување кај пред време родените бебиња во Македонија, во одредени тежински групи и до 30 %. Досега, во рамките на проектот  се започна со подобрување на условите, капацитетите и експертизата во Специјална болница за гинекологија и акушерство “Мајка Тереза“- Чаир и ЈЗУ Универзитетската Клиника за Детски болести, Скопје - оддел за интензивна нега, со цел создавање на “Perinatal Centres of Excellence“. Една од целите на проектот е да се овозможи на медицинскиот кадар во болниците да третираат специфични патологии и состојби на високоризични бремености, како и прематурни и ризично родени новороденчиња што поефикасно. За оваа цел, најсовремена медицинска опрема во вредност од околу 1 милион евра веќе е донирана, од страна на Проект ХОПЕ Германија до двете болници, како и мал дел до Клиничка болница Тетово. Дополнително, неколку доктори од идните експертски центри веќе поминаа обуки од по неколку недели во Универзитетските Болници во Амстердам и Бон. Во планот на ПериМак, е во проектот да се вклучи уште најмалку една болница во текот на наредната година. Со цел во проектот да се вклучат колку е можно повеќе болници и медицински професионалци од целата држава, Prof. Dr. van Geijn и Prof. Dr. Harrie Lafeber од Универзитетската Болница во Амстердам и Ms. Nicolien Lafeber, професор по Респираторна грижа на Amstel Academy, Free University Amsterdam, ќе бидат во Скопје и ќе одржат серија обуки/ работилници за медицински професионалци од различни институции на четири различни теми од полето на пред и пост натална грижа.