Пијано здравство

Сите ние треба да бидеме пример за своите деца. Само така ќе спознаеме дека сме си ја исполниле својата обврска од нив да создадеме здрави личности. Но, дали во едно вакво општество тоа е возможно? Денешното судење во Гевгелија повторно ни ги освежи сеќавањата. Во Гевгелија пред две години умреа мајка и неродено дете. Умреа, а не беа болни. Умреа, а требаше да се радуваат на убавината на животот. Умреа заради лекарска грешка. Анестезиологот во болницата каде се случи овој чин, бил пијан. Ова беше страшно. Слушнав и други мајки од Гевгелија се пожалија дека на пораѓање заминувале додека низ ноздрите го чувствувале пијаниот здив на анестезиологот. Станевме општество со дисторзирани морални нормативи. Не, не нè допира ни фактот дека едно дете остана сирак без мајка, иако мајката била здрава, полна со љубов и желна да го рашири своето семејство. Пијани лекари убија мајка и неродено бебе. Пијани лекари ја сменија судбината на едно семејство. Пијани лекари оставија едно девојче сирак, без мајчинска топла прегратка, и утешителен збор кога ќе му биде тешко. Пијани лекари одлучија едно петгодишно девојче да биде тажно, да си ја бара мајка си која нема да се врати. Пијани лекари одлучија ова девојче да биде без мајчината рака кога ќе тргне на училиште, без мајчината љубов кога ќе падне или кога ќе биде болно. Пијани лекари одлучија ова девојче да не може да ја сподели со мајка си првата симпатија, првата љубов, тага или среќа. Пијани лекари без срам претходно, на работа доаѓаа такви. Пијани лекари не покажаа ни грам човечност, ни ронка каење и одговорност за она што го сториле. А сите ние сме пијани, зошто не побаравме ова дно да биде крај. Ова е сè уште страшно. Болно и тажно беше да се слуша тагата на разочараниот татко денес. Тагата која не ја препознаа другите татковци и мајки, па да застанат до него и да му дадат поддршка, затоа што и нив, не дај господе, може да им се случи вакво нешто. Пострашно е што овој случај не стана страшен пример кој нема да се повтори. Статистиките се страшни. Само за оваа година на ГАК починале 127 бебиња. Извештајот укажа на недостиг од кадар и лоши услови. Но, ова не допира до јавноста. Таа повеќе сака да зборува дали да се пуши или не. Како тоа да е најгорливиот проблем во оваа земја. Чудно е што не препознаваме приоритети. Страшно е што не нѐ освестува смрт на бебе. Токму и затоа не се пијани само посочените лекари. Пијан е целиот овој систем кој толерира вакво здравство. За Женски Магазин, Вики Чадиковска