,

„Погледни од мојата страна“–добротворен настан за Светскиот ден на борбата против ХИВ/СИДА

По повод Светскиот ден на СИДА, ќе се реализира добротворен настан за подигнување на јавната свесност и прибирање на средства „ПОГЛЕДНИ ОД МОЈА СТРАНА“. Настанот го организира Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, во склоп на активностите за одбележување на Светскиот ден на СИДА, а ќе се одржи во MKC Club & Restaurant денес, 1 декември 2017 во 20:00 часот. Овогодишната кампања водена од ЗАЕДНО ПОСИЛНИ со партнерите е целосно развиена од заедницата на луѓе што живеат со ХИВ во Македонија. Целта на нашата кампања е да се подигне јавната свесност во Македонија дека ХИВ денес е состојба која релативно лесно се третира благодарејќи на антиретровирусната терапија која шт оим овозможува на луѓето со ХИВ да имаат здрав, квалитетен и долг живот. Настанот за одбележување на Светскиот ден на СИДА ќе вклучи кратки пригодни обраќања и музички настап на гудачки квартет на Пламенка Трајковска. Ќе присуствуваат високи претставници на Владата на Република Македонија и на дипломатскиот кор, јавни личности и претставници на бизнис заедницата и на граѓанскиот сектор. Настанот ќе го води Ана Јовковска. Средствата собрани за време на настанот ќе придонесат за одржување на редовните активности за поддршка на лица со ХИВ во неповолна социјална положба, а кои вклучуваат покривање на патни трошоци за редовно подигнување на терапијата и редовна здравствена проверка (единствено достапни во Скопје), скромна месечна поддршка во основни прехранбени и хигиенски производи, како и за итни здравствени потреби.