ПОЗНАТИТЕ СЕ СЕЌАВААТ НА 2017: Возбудливи моменти зад камерите

Последниот месец во календарот е време за рекапитулација. Ги преиспитуваме своите постапки, сопствените достигнувања, но и разочарувања. Даваме ветувања и кон себе и кон другите, си поставуваме нови цели. Ги прашавме познатите по што ќе ја паметат 2017, а ова е нивното годишно резиме ПЕТАР ГЕОРГИЕВСКИ – КАМИКАЗА (Актер и музичар)  Со мотор на најсеверната точка на Европа Годинава секако ми ја одбележа спектакуларниот повратнички концерт на „Меморија“ на кој присуствуваа 5.000 луѓе. Тоа е мојот најголем успех. Ќе ја паметам по мото-турата „Нордкап“, авантура на најсеверната точка на Европа, 12.000 километри поминати на мотор. Мисија посветена на нашиот починат колега моторџија од клубот „Букефал“, Жарко Ристов. 2017-та ќе ја паметам и по скопскиот маратон. Учествувам секоја година. Овојпат со потечено колено истрчав под два часа. Наредната сигурно ќе имам подобро време. АНА ЈОВКОВСКА (Новинарка, авторка и активистка) Научив да го користам речникот на срцето На приватен план ми беше година на многу љубов во сите нејзини облици и форми. Како тазе мајка, која не направи пауза од работните ангажмани, во 2017 влегов хронично уморна. Мојот интимен календар брои куп бессони ноќи и бебешки плач, но и денови полни радост. Најмногу ќе ја паметам по првите насмевки и првите чекори на Алекс, по нашите нови улоги како родители, по незаменливите гушкања секое утро, како и долгите прошетки во паркот. Оваа година научив нов есперанто јазик - бебешкиот (се смее). Научив да разбирам без зборови и да го користам речникот на срцето повеќе од апстрактните филозофии. 2017-та ќе ја паметам како нова учителка во мојот живот. Ме научи дека да сакаш значи безрезервно да даваш, дека можам да бидам силна и да издржам повеќе од што сум мислела, а најважно од сè е што научив дека човек може да биде добар цело време. Децата те прават зен мајстор (се смее). Во новата 2018-та би сакала да бидам не само добар родител на моето дете, туку и негов духовен гуру. РОСАНА САРИЌ ТОДОРОВСКА (Естраден уметник)  Ќерка ми кажа „ДА“ Годината што изминува ми донесе многу радости, убавини и среќа. Се вработив во издавачката куќа „Култура“, ми посакаа топло добредојде во светот на книгите. На манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“ ми беше врачена наградата за трајни музички вредности. И најважното од сè, ќерка ми кажа „ДА“, стапи во брак со Џејмс. Сестра ми Маријана за оваа прилика допатува од Австралија и повторно застанавме заедно на сцена. Животот носи многу радости, но и таги. ЖАРКО ДИМИТРИОСКИ (Водител и претприемач) Заеднички одмор со девојка ми и семејството Ќе ја паметам по тоа што не одвоив многу време за приватен живот, лекција што се надевам сум ја поднаучил и ќе ја применам во 2018-та. Имав успешна година со маркетинг-агенцијата и ме избраа за претприемач на годината. Секој слободен момент го трошев со семејството и најубаво си поминав за време на летото кога отидов на два одмори. Еднаш со девојка ми и мајка ми и еднаш со девојка ми и семејството на брат ми каде кралица е внуката Ана. Тука нема мрдање, што таа сака, тоа се прави. ВЛАТКО ГРОЗДАНОВСКИ (Спортист) Ја завршив фудбалската кариера По 144 официјални натпревари се збогував со црвено-црниот дрес. Во „Вардар“ ја завршив фудбалската кариера, затворив едно животно поглавје и прилично емотивно го доживеав целиот настан. Продолжувам по истата патека, фудбалот и понатаму останува во фокусот. Имам своја школа и моја желба е понатаму да се реализирам како успешен тренер. Мојата следна мисија е да ги натераме младите да се занимаваат со спорт, да создадеме услови од клубот да излезат квалитетни играчи кои подоцна би нè претставувале и надвор од границите на нашата земја. ГАРО ТАВИТЈАН (Музичар) Научив повеќе животни лекции Се случија професионални патувања, откривање на нови предизвици, осознавање повеќе за животот. Иако проектите се дел од мојот живот, изминатата година ги поврзав во духовното зреење и развивање на свест со што секое наредно создавање во музиката за мене има духовна вредност исклучиво со порака која пред сè треба да допре до мене. Разбрав нешто повеќе за природата на луѓето и убеден сум дека над сè и пред сè на луѓето им недостасува љубов и почит. Но, со упорност и молитви можеме да стигнеме до осознавање емпатија кон другите кои заслужиле. 2017-та беше моќна на многу полиња. За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов