Почина поетесата Дирјан

Денес на 64-годишна возраст во Скопје почина поетесата и новинарка Лилјана Дирјан. Таа е родена во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Била на студиски престој во Париз како стипендист на француската влада и Фондацијата Губелкијан. За своето творештво е наградена со признанијата „Студентски збор“ и „Браќа Миладиновци“. Поезијата на Дирјан е преведувана на повеќе јазици и застапена е во антологиите на македонската современа поезија. Долги години Лилјана Дирјан беше главен уредник на списанието „Жена“, а беше и една од основачите на Друштвото на независни писатели на Македонија. Позначајни збирки поезија се „Природна појава“, „Жива мера“, „Пелин поле“, „Тешка свила“, „Приватни светови“, што беше и македонскиот претставник за наградата „Балканика“ во 2008 година, „Саѓе врз снегот“. Лилјана Дирјан ќе остане запаметена како голем соработник за литературното поврзување на регионот и како една од основачите и уредниците на познатото списание „Саревски тетратки“.