Животна училница // Приказни
ПО 9.000 € ЗА ДАРИО, ПРИНЦ, АЛИ БАЈРАМ И АВНИ АЉИЈИ: МРТ ги објави новите субвенционирани песни
Македонската радиотелевизија како носител на конкурсите за финансирање македонска музика објави нов список со примени и одбиени композиции. Пред неполни два месеца Министерството за култура најави дека ќе се укинува Законот за поддршка на домашната музичка продукција. Досега од Буџетот се потрошени 2 милиони евра
[caption id="attachment_12221" align="aligncenter" width="610"] На Дарио треба да му бидат исплатени 9.000 евра[/caption]
Во првите денови од новата година, Македонската радиотелевизија (МРТ) го објави списокот со примени и одбиени композиции од последниот конкурс за музички субвенции. На фолк-интерпретаторот Али Бајрам и на поп-изведувачите Авни Аљији и Дарио Панковски државата ќе треба да им исплати по 9.000 евра за две песни кои ќе ги промовираат во наредниот период. Сите тројца се рангирани во категоријата „ѕвезди“ каде финансиската поддршка е најголема и изнесува 4.500 евра за еден рефрен (3.000 евра за звучно снимање на песната и 1.500 евра за спот).
[caption id="attachment_12222" align="aligncenter" width="642"] Принц ќе претстави три нови песни снимени со народни пари[/caption]
За разлика од претходниот конкурс, жирито овојпат даде зелено светло и за две композиции со кои ќе се афирмираат семејните вредности во општеството. „Родно семе да остане“ и „Се враќам дома за Божик“ се насловите на нумерите со кои Кристијан Тасевски и Денис Димовски ќе лобираат за многудетни семејства. Народни пари се предвидени и за еден патриотски рефрен, темата „Оваа земја убава горда“ во изведба на Анета Василева. Само за овие наменски песни државата годишно исплаќа 60.000 евра.
Одобрени се 32.000 евра и за осум детски композиции, а на оваа листа се повторуваат исти автори. Дури три од овие песни се дело на Ангелина Мицковска. Толку му се одобрени и на Блаже Алексовски. Како „врвен изведувач“ овојпат доминира Александар Ристовски-Принц кој за три нови нумери ќе добие 9.000 евра. Интересен момент во оваа категорија е што Ѓорѓи Крстевски е рангиран како изведувач на народна музика. По 3.000 евра треба да добијат Ристо Самарџиев, Кристијан Габроски и Бајрамаљи Идризи.
Комплетниот список го има на официјалниот сајт на МРТ. Во составот на жирито предводено од Константин Карев, за eстрадното спонзорство одлучуваа Бекир Алиу, Панче Илиев, Благоја Здравковски и Деан Ќурчиев. По неколку реализирани конкурси, финансиската поддршка на домашната музичка продукција наиде на жестока критика кај публиката, но и кај повеќето автори, пејачи и продуценти кои најмногу реагираа на начинот на кој се одбира комисијата која одлучува за субвенционираните песни.
Пред неполни два месеца од Министерството за култура најавија дека ќе се укинува Законот за поддршка на домашната музичка продукција, донесен на крајот од 2013 година во мандатот на министерката Елизабета Канчевска Милевска. Доега од Буџетот се потрошени два милиони евра за создавање македонска музика.
- Имплементацијата на Законот во практика не ги даде очекуваните ефекти, пред сè од причина што иако за избраните композиции се продуцираа аудио и видео записи, истите или не беа воопшто или беа емитувани во мал обем на радијата и телевизиите. Од наведените причини објективно и не може да се направи евалуација на позитивните ефекти од поддршката на создавање на нови композиции. Со оглед на тоа што аудио и видео записите за композициите не беа во доволен обем достапни на пошироката јавност, се поставува прашањето за оправданоста од ваквиот начин на финансирање на создавање на нови композиции од областа на забавната и народната музика со средства од Буџетот на Република Македонија – образложија од Министерството за култура.
За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов
Преземање на текстот е можно само со дозвола од редакцијата на Женски Магазин