,

Проверете што знаете за прстенот

Прстенот во минатото претставувал симбол на моќ, на достигнување, но исто така и давал посебно обележје на личноста. Го носеле и мажите и жените. Секој сакал посебен прстен, различен од останатите. Порано, најчесто бил изработуван од метал, но денес може да се најде изработен од различни материјали. Се појавува во повеќе култури и цивилизации и кај сите нив има посебно значење. Овој додаток го носеле на прстите на рацете, на нозете, но и на синџирче околу вратот. Овој моден додаток има посебно значење според изгледот, а и според тоа на кој прст се носи. Се верува дека секој прст има посебно значење, а со прстенот личноста го покажувала тоа. Можеби повеќето знаат за венчалниот прстен дека се носи четвртиот прст на левата рака, но малку знаат зошто.  Се смета дека „вената на љубовта“ потекнува токму од тој прст и води право кон срцето, со тоа кажувале дека љубените ги чуваат блиску до срцето. На средниот прст ретко носеле прстени, а кога тоа го правеле тоа бил некој помалку впечатлив прстен. Најчесто го носеле скромни луѓе со неверојатен баланс. На показалецот најчесто носеле наследени прстени или пак прстени со кои можеле да ја покажат нивната моќ и лидерство. Малиот прст бил за презир, се верува дека оние кои не биле толку богати, а сакале да изгледаат богато носеле прстен токму на овој прст. За палецот има едно верување дека луѓето кои имаат големи и исправени палци биле здрави и силни, затоа повеќето носеле прстен на овој прст за да го покажат тоа. Положбата на прстенот сметаат дека е во кратка релација и со астрологијата. Па, според тоа прстите на дланката се во релација со астролошките планети.  Малиот прст е во релација со Меркур, палецот со Марс, показалецот со Јупитер, средниот со Сатурн и четвртиот прст со Венера. Исто така, треба прстенот да биде изработен од материјал карактеристичен со енергијата на таа планета. Па така, на кој прст ќе се ставел прстенот, планетата имала посебно влијание врз личноста. Денес сите овие верувања се занемаруваат, останува само традицијата за венчалниот прстен. Прстените денес се изработуваат во различни дизајни и од различни материјали. Можете да видите прстените направени од дрво, пластика, сребро, злато, платина и од други материјали. Постојат прстени за најразлични намени : прстени за некакви достигнувања, венчални, свршенички, во знак на другарство, семејни. Исто така, има различни дизајни на прстени почнувајќи од обичните прстени, гравирани, топлотни, плетени. За крај, изборот на прстен останува само на вас.   За Женски Магазин идеите ги прави Ана Јордановска-апсолвент на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер