,

Како да препознаете депресија?

Депресијата е стара колку и цивилизацијата. Се вбројува во најрано опишаните болести во медицината. Депресијата најчесто се поврзува за чувство на тага, меѓутоа претставува многу повеќе од обична тага. Некогаш кога сме нерасположени релативно кратко време, тоа не претставува депресија. Постојат периоди во животот кога човекот е тажен поради некоја загуба, смрт на блиска личност, роднина, пријател или претрпел материјален и емоционална загуба, но таа тага трае кратко и постепено слабее. Тоа не претставува депресија. Но, ако тагата се појави без причина, не е сразмерна на причината, не престанува и повторно се враќа, нпр. ако на човек му е тешко да работи, да се дружи, да спие, не може да му се радува на животот, тогаш тоа не е обична нерасположеност, туку е депресија. Депресијата е единствена смртоносна болест во психијатријата, бидејќи само депресивната личност може да направи самоубиство, затоа оваа болест бара озбилен пристап и лекување. Клиничката депресија се опишува како нарушување со физички и ментални карактеристики кои можат да ја нарушат способноста на поединецот да функционира во социјалното и професионалното опкружување. Депресија е состојба која трае повеќе од две недели. Депресијата често се јавува кај личности кои доживеале болни искуства, деградација, понижување, срам или доживеале некоја загуба. Негативните чувства настанале како резултат на разочарување или загуби во детството, лоша регулација на самопочитување, бес насочен кон себе и чувство на беспомошност и безнадежност се типични за депресија. Повторување на искуства од детството и несвесна ранливост претставуваат основа за депресија. Покрај клиничката депресија која претставува сериозно нарушување и бара професионално лекување, постојат и многу поблаги и замаскирани облици на депресија. И покрај тоа што овие поблаги облици на депресија не го загрозуваат секојдневното функционирање, туку го намалуваат квалитетот на животот и ги ускратуваат потребните чувства на радост, мир и задоволство. По овој текст ќе се преиспитате самите себеси и во која мерка можете да ги отфрлите причините на депресија на кои може да влијаете со мал труд и без стручна помош. Изолација Се покажало дека недостаток на контакти со други луѓе е еден од значајните фактори за ризик на појава на депресија или депресивни симптоми. Тешкотијата е во тоа што кога се чувствуваме депресивно, немаме воља и енергија за дружење која тогаш ни е најпотребна. Имајте го следново предвид и не дозволувајте да влезете во заробен круг-депресивен сум, поради недостаток на комуникација-немам воља за комуникација-го избегнувам друштвото-станувам се повеќе депресивен. Тагување Тагувањето не е исто што и депресија. Тага е нормално чувство кое се јавува и го чувствуваме после некоја доживеана загуба и нејзина функција е да ни овозможи да ја прифатиме загубата, да се адаптираме на новонастаната ситуација и да продолжиме понатаму да функционираме во животот. Во зависност од тежината на загубата, потребен ни е одреден период на тагување, можна е намалена енергија и пасивност. Проблем е кога одбиваме да завршиме со процесот на тагување, да продолжиме со животот и на овој начин дозволиме да нормалната тага прерасне во депресија. Депресивни симптоми можеме да имаме и кога поради загуба ќе ја потиснеме тагата и ќе се однесуваме како ништо да не се случило, дека не чувствуваме болка. Недостаток на сон Може да биде и симптом и причина на депресија. Некогаш едниствена причина на нашето намалено расположение е недостаток на сон и неправилни навики (активности во текот на ноќта, премалку спиење). Тоа ќе го знаете кога неколку дена на време или порано од вообичаено време за спиење ќе заспиете, ќе исчезне намаленото расположение. Недостаток на смисла за живот Намаленото расположение, а понатаму и депресивното растројство можат да бидат последица на живеење по автоматизам и недостаток на смисла. Тешко е да чекори во животот и да се извршуваат сите активности кои се пред нас, ако не знаеме зошто ги правиме. Не постои една единствена универзална смисла на животот и затоа е битно да се запрашаме во себе - што е тоа што му дава смисла на нашиот живот? Што е тоа што за нас е битно и што е тоа што не иницира во животот? Критичкиот внатрешен глас Ако го приметувате само лошото од сето направено, па уште да го потенцирате и максимизирате, на добар пат сте кон намалено расположение и депресија. Обратете внимание на тоа што секојдневно си кажувате себеси и запрашајте се: дали тоа истото што си го кажувам себеси би му го кажала на мојот пријател / моето дете/или на некоја личност која ја сакам? и „дали покрај себе би трпела некоја личност која постојано ќе ме критикува и омаловажува? Недостаток на физичка активност Некогаш намаленото расположение е последица исклучиво на намалено движење и премногу време во затворен простор? И кога причините се подлабоки, се покажало дека физичката активност, секојдневно пешачење е тоа што потпомага и го забрзува лекувањето. Понекогаш не се виновни лошите настани од детството, туку премногу седење и недостаток на физичка активност. Намален контакт со природата Престојот во затворена просторија и бетонско опкружување влијае на намалување на нашето расположение. Природата е моќна сила и извор на енергија. Ако редовно престојување во природата не помогне во повлекување на депресивните симптоми, во овој случај ќе биде потребен третман за депресија кај стручно лице. Неправилна исхрана Нередовни оброци, недоволен внес на течности, недостаток на витамини и минерали кои се внесуваат преку овошје и зеленчук, брза и индустриска храна се покажале како причини на намалено расположение. Внесување на доволна количина на течности и консумирање на овошје и зеленчук можат да придонесат до подобрување на расположението. Стрес Какво изненадување! Кој би рекол! Шега на страна, но предолга изложеност на стресни настани и периодичен недостаток на сон, недостаток на стратегии за надминување на стресот со текот на времето, можат да доведат до трошење на нашите резерви на енергија, што пак доведува кон намалено расположение и депресија. Премногу работа, а малку активности Не сме машини и не можеме бесконечно да работиме, без одмор, забава и задоволување на некои наши потреби. Но, ако упорно продолжуваме да работиме и после долгочасовно работење, не направиме пауза, продуктивноста ни се намалува и правиме грешки. Наспроти ова активностите кои ни причинуваат задоволство и радост ни ги полнат батериите и ни го враќаат чувството дека сме живи и дека постоиме. Не сме автомати кои само ги извршуваат задачите. Работата нема да заостане, ако секојдневно си дозволиме нешто што ни причинува мало задоволство. Хормонски дисбаланс Понекогаш депресијата не е во потиснатите чувства или непријатни настани од детството туку во хормоналниот дисбаланс или како последица т.е се јавува секундарно како резултат на некое физиолошко заболување или на некоја друга болест. На пр. Анемија може да доведе до депресивно расположение. Во овој случај би требало да се третира причината. Потиснување и игнорирање на чувства Емоциите се важен дел од нашето психичко функционирање и нивна цел е да не алармираат кога во нашата средина се случуваат некои наши животни промени или промени кои нас ни значат, за да ни дадат енергија како би се приспособиле на тие промени. Се случува и тоа наместо емоциите да ги прифатиме, разбереме и да ги покажеме ние ги потиснуваме и игнорираме така што со тек на времето доаѓа до тоа да немаме доволно енергија за живот бидејќи сѐ повеќе ја користиме за потиснување. Направете план на акција! Преку претходно наведените фактори проверете дали нешто од нив го предизвикува вашето намалено расположение. До промени и подобрување на вашето расположение ќе донесе само промена на животен стил и активности! Воведување здрави и конструктивни навики. Ако сето ова не ви помогне или не е доволно или ви е претешко и невозможно, можеби би било добро да се обратите за помош кај стручно лице (психолог, психијатар или психотерапевт) кој ќе постави права дијагноза и ќе направи план на третман. Обраќањето кон стручно лице не е знак на слабост, туку напротив тоа знак на сила и храброст. За Женски Магазин Маријана Станковиќ, специјалист по медицинска психологија, Кабинет за Деменција при ЈЗУ Клиника за Психијатрија Скопје