Растоварување

Еднаш неделно спијам гола. Аман од сите видови пранги, па макар и памучни. Секој петок кожата ми дише на раат, без кремови и етерични масла, нека биде цената нова брчка над усните. Пред викенд, легнувам без бумбарите во сивата маса и лебарките во левата маса на мозокот. Со гладен стомак, без гасеници и пеперутки. Мојата недела почнува во сабота, кога гладна, соголена и бледа гледам дека светнал денот, без разлика што ми се темни пред очи од талозите на вештачките постоења. Моли да го зграпчам! За Женски магазин, поетесата Тања Кармзова Костиглиола