Реквием за еден сон

Секоја прва среда од месецот ѕвоната различно ѕвонат во малата катедрала... Од тој ден, кога ја осакативме моќта на која било религија што вечна љубов се дрзнала да благословува. Ако ние не дотрајавме, каква материја би можела барем до глужд да ни се мери, ако ние сол и вода се сторивме, каков минерал би можел да нѐ раздвои, за да се споиме одново, без технички грешки? Та ако ние не издржавме, сурови и пркосни ко две златести житарки сред лоши тревки, ако ние куртул не најдовме, погани и јалови к’о проколнати свекрви во рана менопауза, ако ние начин не најдовме да му испружиме јазик и да му покажеме среден прст на општествово што одлучило без природа да си ја тера волјата, кој ќе ни ги заврши расплетените судбини? Двата совршени пара, мажите во сини пижами, жените во розови ноќници, со сиви јоргани и студено утринско кафе чекајќи нетрпеливо, заеднички, а оддалечено да го компонираме нашиот реквием за еден сон...
За Женски магазин, поетесата Тања Кармзова Костиглиола