,

РЕЦЕПТ: „Svenska“ лимон чизкејк

Далечната 2012 отидовме во Шведска, поточно Сундсвал. Искрено мислев дека таму времето додека сопругот тренира и патува ќе го поминувам сама. Ладна земја, ладен народ, секој си ја гледа својата работа и никој не го интересира твојот живот или ти. Но, за моја огромна среќа јас не ја запознав Шведска како таква и таму ја запознав Миа. Миа и нејзиниот Том, соиграч на сопругот, беа најтоплите и најкултурни луѓе кои некогаш сум ги запознала. Мојата Миа е другариште, девојка, сега веќе и жена којашто секој слободен миг беше со мене, многу се здруживме. Тоа трае и ден денес, затоа што ние двете како да се знаевме отсекогаш. Нашите ноќи по ладните улици на Сундсвал, да да, беше - 37 … нашето дружење во кујната. И двете сакаме многу да готвиме и секогаш бевме во кујната, пиевме кафе, топло чоколадо, спремавме јадења и непрестајно зборувавме… Од тогаш секое лето наоѓаме време да се видиме. Така ова лето ние бевме во селото на нејзините корени, Дала флода. Присуствуваме на нивната свадба. Се беше прекрасно од свадбата до нивните семејства и најблиски пријатели, селото… каква природа, како од бајките. Кога дојде Миа за 1 роденден и крштевка на ќеркичката, ми помогна да ја спремиме цела слатка маса за роденденот. Повторно приказни и смеа во кујната. Овој пат беше мој ред. Пукав од радост, ние две спремавме 3 чизкејк торти за свадбата. Беа прекрасни и на око и на вкус. Морав да си го прибележам рецептот и решив да го споделам и со Вас. Да не беше толку ладна таа Шведска ќе беше моето живеалиште, ја обожувам природата, системот, регулативите, државата како институција, но не и климата. Морав да изменам некои работи коишто ние ги немаме во Македонија, и успеав да добијам приближна верзија. А да, ако некој не сака чизкејк тоа сум ЈАС, но овој е исклучок навистина. Потребни состојки: За тесто (основа) 150 гр. Путер 150 гр. Овесни снегулки 300 гр. Брашно од спелта 75 гр. Сиров шеќер За фил 500 гр. Маскарпоне 400 гр. Изматена хопла или павлака (но не кисела) 100 гр. Шеќер во прав 1 лажиче ванила екстракт (може и едно стапче) 1 кесичка желатин 1 Зелен лимон 200 мл. Лимонов сируп *оригиналниот рецепт е со сируп од Elderberry цвет, но кај нас го нема. Кој има можност да го најде нека го замени веднаш. Далеку е поздрав. Растопете го путерот и додадете ги сите состојки од основата. Мешајте додека не добиете хомогена смеса. Ставете ја смесата во сад за торта на којшто му се отстрануваат страните (24см). Распоредете ја како на сликата и ставете ја во фрижидер минимум 1 час. Откако ќе се излади печете 15 - 20 мин на 200 степени (во претходно загреана рерна). Треба да добиете златеста подлога. И на крај оставете ја целосно да се излади. Додека подлогата се лади, ставете го желатинот со 2 лажици ладна вода да се раствори. Потоа помешајте ги сите состојки освен сирупот и доколку ставате хопла прво цврсто изматете ја. Изрендајте ја кората од зелениот лимон и исцедете го. Потоа сѐ ставете во смесата и промешајте додека да стане хомогена. Во сад загрејте го сирупот од лимон, но не да зоврие и додадете го желатинот мешајќи да се растопи во сирупот. Готовиот сируп додадете го во филот, а потоа истурете го во тавата со основата. Чизкејкот мора да се лади минимум 4 часа. Потоа декорирајте по желба. Јас едвај издржувам да се излади а Вие?





                    

                    


                </div> <!-- end entry article -->






                




                <div class=