Родители не се разведуваат

Замислете дека сте дете. Еден ден, вашите сакани родители ви објаснуваат дека повеќе не можат да живеат заедно. Решиле да го прекинат бракот. Ве уверуваат дека ве сакаат највеќе на цел свет и тоа никогаш нема да се смени. Најважно им е среќно да го продолжите животот. Замислете го најцивилизираниот развод. Нешто што често може да се види на екран, а ретко во живо. Замислете, ама… Ќе ви се сруши цел еден детски свет. Ќе боли! Ќе ви треба време да ја одработите загубата. Дури и во тој идеален случај… Децата тагуваат на различни начини. Понекогаш не користат зборови, но зборуваат преку своите постапки, погледот, играта, учењето, јадењето, сонот. Некои истражувања покажуваат дека поголеми последици по нивното ментално здравје остава разводот, отколку смрт на родител. Тогаш се соочуваат не само со опасност од „загуба“ на татко или мајка, туку и со мултиплицирани загуби заради можната промена на домот, населбата, врсничката мрежа, градинката, или училиштето. Преголем e списокот со што сè разводот ги повредува децата, но разбирливо е дека и емоционалната состојба на возрасните е незавидна. Тие се најчесто лути, загрижени, исцрпени, депресивни и исплашени. Сето тоа може да влијае на квалитетот на родителството, но никого не го оправдува да биде злобен кон сопствените деца. Не замислувајте, препознајте:
  • Не, не може да го купиме тоа, татко ти не дава пари!
  • Кажи ѝ на мајка ти да не ти ја полни главата со глупости.
  • Ако вистински те сакаше, сега ќе беше тука…
Оние кои се најповикани во секоја ситуација да ги заштитат и да им помогнат на децата да ги надминат и најтешките проблеми, одеднаш се нивниот најголем проблем, без разлика колку и дали воопшто се свесни за таа своја „родителска“ улога. Решиле да не живеат заедно, но не разбрале дека во родителството остануваат доживотно поврзани. Го поткопуваат коренот кој мора да биде доволно цврст, за безбедно и среќно да се расте. Родителот кој се обидува да го отуѓи детето од другиот родител, предизвикува мачен внатрешен конфликт на лојалност. Му ги пренесува пораките:
  1. Јас сум единствениот кој те сака и се грижи за тебе!
  2. Другиот е недостапен, па дури и опасен!
  3. Или си со мене, или си против мене!
Каков родител е тој човек кој прави неговото дете да се чувствува отфрлено и несреќно? Кој е тој возрасен кој војувајќи против екс партнерот, посега по дете како по топовско месо? Па макар и тој бившиот да е навистина пациент број еден, зошто мора да докаже дека е преку прекрасната варијанта? Може ли кога ќе рече – „Јас ја кажувам вистината", да помисли дека со неа фрла сол на раните на детето? Свесен ли е дека неговата потреба да каже некоја вистина или да докаже дека е во право, станува поважна од детското ментално здравје? Знае ли дека манипулира и злоупотребува? Непаметни едни големи, мајки и татковци на некои избезумени, тажни и мали, не водете војни во кои ги убедувате сопствените деца дека едниот од вас им е вишок во животот! Па секое дете е пола мама, пола тато! Како да ја избрише едната половина и да биде пола мама, а пола ништо? Или обратно, пола тато, а пола нула. За да не ве лути двајцата, можеби најдобро ќе биде да ги избрише двете половини. Што ќе биде тогаш вашето дете? Човече со едно големо празно ништо во себе? Секако дека ко-родителството може да биде многу тешка задача која значи стрес и предизвик. Сепак, тоа не е невозможна мисија и има многу луѓе кои успеваат да научат како заеднички добро да функционираат, за време и по разводот. Имаат конфликти, но ги решаваат без злоба. Остануваат компетентни родители, бидејќи се фокусираат на тоа што е во најдобар интерес за нивните чеда. Преку родителското партнерство им покажуваат дека љубовта кон нив ќе надвладее и покрај менувањето на семејната организација. Ние возрасните, знаеме за некое дете да речеме – Има разведени родители. Да научиме веќе еднаш-родители не се разведуваат. Брак се разведува. Непаметни едни големи, родителството е ЗАСЕКОГАШ! Среќното растење е привилегија на децата кои имаат добри родители, иако тие двајца најважни луѓе во нивниот живот, можеби веќе не се сопруг и сопруга. За Женски Магазин, Елизабета Петровиќ, семеен и системски психотерапевт