,

Светски ден на борба против трговијата со луѓе

Светот денес го одбележува Светскиот ден на борба против трговијата со луѓе. Овој светски проблем, трговија со луѓе е вториот најголем извор на профит за организиран криминал по дрогата, предупредува Организацијата на Обединетите нации (ООН), по повод 18 октомври, Светскиот ден на борба против трговијата со луѓе. Станува збор за модерно ропство, распространет криминал во светот кој ги загрозува основните човекови права. Последните податоци на Обединетите нации покажуваат дека повеќе од три четвртини од децата и младите лица, кои се обидуваат да мигрираат во Европа преку Средоземното Море, се жртви на трговија со луѓе. Со цел да се преземат сериозни мерки за сузбивање на трговијата со луѓе, светската организација спроведе истражување во кое беа опфатени 22 000 мигранти и бегалци, меѓу кои и 11 000 деца и млади лица. Податоците обработени од страна на Детскиот фонд при ОН (УНИЦЕФ) и Меѓународната организација за миграција (ИОМ) покажуваат дека младите мигранти од Северна Африка се најмногу изложени на ризик од злоупотребување. Двете организации истакнуваат дека дури 77 проценти од децата и младите мигранти кои се обидуваат да стигнат во Европа преку Средоземното Море имаат директно искуство со злоупотреба, експлоатација и трговија со луѓе. Со цел подигнување на јавната свест за сериозноста на проблемот со трговијата со луѓе, Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе „Отворена порта“ реализираше едномесечна кампања. Нивните податоци покажуваат дека во Македонија минатата година шест лица биле идентификувани како жртви на трговија со луѓе, додека во соседните држави се идентификувани 100 до 150 лица. Но, тие нагласуваат дека бројот на лица кои се жртви на трговијата со луѓе е многу поголем. „Сите жртви од минатата година се од женски пол, од кои три се малолетнички и три се возрасни лица. Петмина од жртвите се со македонско државјанство и само еден е со странско државјанство. Петмина од нив биле сексуално злоупотребувани и една била присилена на брак. ’Отворена порта (Ла Страда) со цел да ја подигне свеста и да ги охрабри оние што се засегнати од овој проблем организираше кампања за да се актуализира овој сериозен проблем. Едномесечната кампања ’Што гледаш? Биди нивниот глас! е насочена кон севкупната јавност и има за цел да ја подигне јавната свест и да ги поттикне граѓаните да побараат совет, информација и да пријават трговија со луѓе“.