Сите сакаме она шо го немаме

Чоек ко чоек, пуст да остани

Секогаш го сака она шо го нема

Та на душата мака си клава

Да го јади однатре

Да го толчи мислата

Оти туѓото поарно е

Па очите ќе му истечат

Од џарење во дворот на комшијата

Чија трева е позелена

А и поуба кола имал

И куќата поголема му била

Жената поуба

А децата со појќе петки на училиште

Чоек секогаш го сака она шо го нема

Таква природата на сите ни е

Та ќе потпулуваме под око

Или ќе зјаеме во туѓото

Замислувајќи како би било

Мажот да ни е ко оној на онаа

И косата колку поуба ќе беше

Да беше сета извиткана и руса

Та нозете подолги и без целулит

Градите угоре ко на млада мома

Задникот потркалезен

И кожата мазна

Та чанта ко на онаа сакам

Види и’ ги челите шубај и’ се

Пусто

Пусто да остани окото ненаситно кај чоека

И душата алчна шо е

Шо сите сакаме она шо го немаме

И со завист гледаме на туѓото

Без да се завртиме околу себе

Кротко да седниме мадро и спокојно

И да си кажиме

Фала ти Боже оти жива и здрава сум

Оти најмилите тука, до мене се

Оти умот ме служи

И снагата ме крепи

Оти очиве гледаа

И ушиве слушаат

Фала ти шо овој до мене

Раката не ми ја пуштил тешко ко било

И децата

Нека растат ко шо треба

Та со петка појќе или помалку, налет

Фала ти Боже за сите саглам луѓе околу

За оние со кои срцата без збор ни се разбираат

Кои на среде ноќ за мене ќе дојдат

Од спање и по пижами

Бушави во глајте и со грижа

Сполај ти за рацеве шо знаат да гушнат

И за усниве шо знаат убав збор да проговорат

За животов шо даден ми е

Со надеж дека и смртта нежна ќе е

И налет

Налет секоја мисла која умот ни го мачи

Да сме побогати

Поубај

Да имаме се’ шо со пари се купва

Ако во нас душа останато нема

И црвот во умот ни делка

Оти секојпат поарно некаде ќе биди

А животот во трка треба чоек така да го мини

Туку дај да се напиеме по една

Да се насмееме

Еве една стара наша да запееме

Со три реда муабет, три векој да врзиме

За убо

За арно

За живот и љубов да е

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска