Снежана Стојчевска: Македонска поетеса и автор на делото ,,Треба да е лесно“

Пишувањето е богатство што не секој го поседува, се троши лесно, но и се раѓа одново. Низ редовите градиме кула од болка и љубов, нудиме патување низ времето, се среќаваме со различните возрасти на самите нас, поставуваме прашања што одамна сме сакале да ги одговориме, се среќаваме со ликови од минатото, запознаваме нови човечки приказни и создаваме свои. Снежана Стојчевска е родена во 1980 година во Скопје, каде што подоцна и дипломира на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет. Зад себе оваа македонска поетеса има богато творештво, во 2012 година ја издава својата прва книга „Шеќер по подот“, а за второто дело, „Под нулата“ ја добива и наградата „Бели мугри“ во 2013 година, доделена од Домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје. Две години подоцна, во 2015 година, таа ја издава и својата трета поетска книга, „Модри фантазии“, во издание на издавачката куќа „Темплум“. Оваа година, Снежана Стојчевска ја издава и својата четврта книга, „Треба да е лесно“ во издавачката куќа „Антолог“, поддржана и од Министерството за култура на Република Македонија. Таа е застапена и во повеќе антологии на младата македонска поезија, но и учесник на многу домашни и меѓународни фестивали како во земјата така и во странство. Денес зборуваме со Снежана Стојчевска, македонската поетеса и автор на последното нејзино книжевно дело, „Треба да е лесно“. Женски Магазин Пишувањето е алатка што не ја владее секој. Од каде љубовта кон пишувањето? Снежана Не е самата љубов кон пишувањето колку што е љубовта кон поезијата. Сите луѓе што се наклонети кон уметноста го избираат својот медиум во кој најдобро би се изразиле, за мене тој медиум е поезијата и тоа дојде сосем природно, како да сум родена за поезија. Женски Магазин Зад себе имате доста дела, но и учество на многу фестивали. Кој Ви е најдраг спомен и зошто? Снежана Првото учество на Струшките вечери на поезијата во 2011 година бидејќи таму ги запознав моите колеги поети, кои денес се моја втора фамилија, и првиот фестивал надвор од границите, „Млади рими“ во Љубљана, Словенија, каде што ја запознав Лара Миховиловиќ, со која имам успешна соработка и блиско пријателство, имено таа ја преведе „Под нулата“ на словенечки јазик, за која се надевам наскоро ќе дојдеме и до печатено издание. Женски Магазин Велат дека она што ќе те воодушеви како дете подоцна се пласира и низ повозрасните години. Дали Снежана беше фасцинирана од некој автор, случка во детските години за да почне да твори? Снежана Како дете многу сакав да фантазирам, да измислувам светови и приказни. Морам да признаам дека повеќе сакав да си играм отколку да читам, но сакав и детски песнички и приказни. Имав една омилена книга што и денес ја чувам, „Страчка каша варела“ од Ненад Џамбазов, од која голем дел знаев наизуст, и една книга песни за деца од Ванчо Николески во која ја имаше и поемата „Мице“. Исто имав и една омилена книга бајки од Браќата Грим, опширна верзија, која постојано ја пречитував. Женски Магазин Вашата книга „Треба да е лесно“ беше промовирана минатиот месец во склоп на Фестивалот на европската литература „Букстар 2017“ во МКЦ. Колку сте Вие задоволна од тоа како помина промоцијата и кои се реакциите на сите оние читатели што веќе имале можност да ја прочитаат ново издадената книга? Снежана Презадоволна сум од соработката со „Антолог“, кои ја издадоа оваа книга и кои ми ја дадоа таа чест мојата книга да биде промовирана на Фестивалот на европската литература „Букстар 2017“. Презадоволна сум од тоа како помина промоцијата, врвно организирана и посетена во огромен број. Публиката уживаше, поезијата допре до луѓето и тоа е најголема радост за мене како автор. Женски Магазин Во вашата песна „I’ll never Stop“ ги спојувате балетот и емотивната болка. Дали е лесно и може ли грациозно да се поднесе емотивната болка, и тогаш кога насмевката е присутна на лицето?   Снежана „I’ll never Stop“ е водечката песна во книгата, од чиј стих е изваден самиот наслов на книгата. Во неа правам споредба на физичката и духовната болка, балетот наспрема поезијата, два уметнички израза толку различни, а толку симболички поврзани. Во двете уметнички форми од авторот се бара безрезервна искреност и посветеност, дури и кога болката е силна, мораме да се соочиме со неа целосно. Болката е таа што нè освестува и може да се издржи грациозно ако од неа се извадат духовните поуки и лекции што ќе нè направат помудри и посилни личности. Животот е секојдневна борба и мора да се оди напред, со упорна работа и со многу љубов ќе се пребродат многу премрежија. Женски Магазин Кому повторно би сакала Снежана да го даде своето време, доколку би можела да го врати? Снежана Мојот живот не бил секогаш песна, но е поезија полна тага и радост. Ако повторно се родам, сакам да го родам истиот син и нему би му го подарила моето време, и би сакала да ги имам истите родители и брат и истите пријатели што веќе ги имам. Би прескокнала неколку непотребни љубови, но онаа љубов што сега ја имам би сакала да ја имам во сите мои животи. Женски Магазин Вашата песна „Генетика“ зборува за огледалото од минатото и огледалото од иднината. Колку е силна оваа борба на човековиот израз на душа помеѓу два различни света? Снежана Тоа огледало се нашите предци и нашите потомци. „Генетика“ е сведоштво дека ние живееме додека живеат нашите гени пренесени на идните поколенија, како што нашите предци живеат низ нас. Таа песна е последователна и е поврзана со песната „Мајковина“, која говори за сето она што се пренесува по женска линија со генерација, таа врска е силна и нераскинлива и ја истакнува моќта на жената, на матерот, родилка на животот. Женски Магазин Која е вашата најголема инспирација при создавањето книжевно дело? Снежана Љубовта, семејството, желбата за постигнување баланс помеѓу материјалното и духовното, потрагата по духовен мир. Женски Магазин Дали сметате дека пишувањето е еден вид терапија, која нè ослободува од неубавото и ја чисти душата за една нова поубава ведрина во животот? Снежана Да, верувам дека поезијата ни ја враќа чистината на душата, таа е мој психијатар и моја исповедилница. Неограничена е моќта на зборовите, иако не секогаш сме свесни за тоа. Женски Магазин Каде би можеле нашите читатели да ја најдат вашата книга и што би им препорачале за крај? Снежана „Треба да е лесно“ може да ја најдете во книжарниците на „Антолог“. Новоотворената книжарница на „Антолог“ е лесно пристапна и се наоѓа веднаш до средното училиште „Јосип Броз Тито“. Сè што сум сакала да порачам и да кажам сум го направила во моите четири книги. Сега само би им порачала на читателите да читаат македонски автори и да го поддржат новиот бран македонска поезија и проза, ќе бидат позитивно изненадени.   За Женски Магазин, Нина Беадер Fb strana : https://www.facebook.com/BeaderHristina/ Web Strana : https://ninabeader.wixsite.com/styleinmotion