Софијанова: Реакцијата на вакцината не предизвикува аутизам

Често сме сведоци на различни мислења за вакцинацијата. Некои се за, други се против. Ова е актуелна тема постојано, па токму и затоа решивме да ја третираме. На оваа тема, за прашањата кои кај родителите  создаваат дилеми  и стравови, разговаравме со д-р Аспазија Софијанова. Женски Магазин Кои се придобивките од вакцините? Софијанова  Вакцините се едно од најголемите откритија во медицината и секако најголема придобивка. Превенцијата на болестите преку колективна имунизација донесоа најдобри резултати во борбата со заразните болести кои имаа висок морталитет. Колективната имунизација придонесе  до тоа голем број болести кои практично беа лесно преносливи и смртоносни денес во голем дел од светот да се искоренети. Полио, морбили, црна кашлица и многу други денес речиси и да ги немаме. Женски Магазин Кои се несаканите ефекти кои може да уследат? Софијанова  Несакани ефекти секако дека има и истите тие се опишани во упатствата за употреба на вакцините. Лекарите знаат што можат да очекуваат како несакан ефект  и како да се справат со истиот. Најчести несакани ефекти се покачената телесна температура, понекогаш осип, раздразливост. Несаканите ефекти се појавуваат само кај одреден дел од вакцинираните деца. Женски Магазин Дали постои врска меѓу вакцините и аутизам? Софијанова  Врската помеѓу аутизмот и вакцините, односно помеѓу еден тип на вакцини е нешто за што години наназад се расправа во медицинскиот свет но за жал и надвор од него, што пак ја прави целата дискусија многу широка и неоснована. Заклучоците покажаа дека аутизмот не се појавува како последица на вакцините. Тоа е состојба иницирана од низа фактори. Да постои можност вакцината да биде еден вид тригер, но доколку истата се дава,  а по препорака на лекар, по претходно направени анализи и преглед кај детето, ризикот за тоа речиси и да не постои.. Женски Магазин Може ли реакцијата на вакцина да придонесе за аутизам кај децата? Софијанова  Не. Реакцијата на вакцината не може да предизвика аутизам. Тоа не е опишано како случај до сега во медицината. Женски Магазин Дали лекарите или медицинскиот персонал имаат должност да ги информираат родителите за составот на вакцината, пред детето да ја прими? Софијанова  Лекарите се должни пред да го вакцинираат детето да им одговорат на сите прашања на родителите поврзани со вакцините. Дали се работи за нивниот состав, несаканите ефекти или придобивките. Женски Магазин Дали вие ги вакцинирате вашите деца? Софијанова  Да моите деца, сега веќе возрасни девојки, се вакцинирани согласно календарот за вакцинација на Р. Македонија.  Женски Магазин Дали сите вакцини мора да се примат? Софијанова Да, важно е детето да ги прими сите вакцини кои се во календарот за вакцинација и да се направи ревакцинација на истите согласно препораките. Само комплетната вакцинација значи комплетна имунизација и заштита. Женски Магазин Треба ли родителите самоиницијативно да одлучуваат за вакцинирање на своето дете или не? Софијанова Родителите треба да одлучуваат за се што е поврзано со нивното дете, но имунизацијата е нешто што е важно за сите граѓани. Тоа е посебна категорија во јавното здравство. Невакцинирањето на едно дете може не само да му наштети на тоа дете туку и на децата кои се околку него. Невакцинирањето го намалува колективниот имунитет и може да ги врати болестите кои со години ги немавме. Женски Магазин Постои ли разлика во квалитетот на вакцините? Софијанова Секако дека постои разлика во квалитетот на вакцините зависно од производителот или местото на производство. Државата е таа која го регулира и гарантира квалитетот на вакцините. Кај нас Бирото за лекови е тоа кое ја гарантира безбедноста на вакцините кои се даваат кај децата. За Женски Магазин, Вики Чадиковска