,

ТАКСИРАТ 20 ви ги претставува: Култните LAIBACH во Скопје!

ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ во низата концертни настани со кои во 2018-та го одбележува своето 20-то издание, ви го претставува концертот на култната словенечка група LAIBACH (ЛАЈБАХ) која пред македонската публика, на 27-ми март 2018-та ќе го претставуви фантастичниот нов студиски албум „Also Sprach Zarathustra“! По три години, една од највлијателните групи од југословенските простори со убедливо најголем меѓународен успех, се враќа во Скопје и тоа првпат во МКЦ, на ексклузивен концерт со строго ограничен капацитет и во многу поинтимна атмосфера од било кога досега. Музиката за новиот албум, LAIBACH ја компонираше за театарската претстава „Така зборуваше Заратустра“, основана на едно од најзначајните филозофски дела на Фридрих Ниче, а која ја режираше Матјаж Бергер во Антон Подбевшек театарот во Ново Место. Групата го најави овој албум и со два видеоспота, за нумерите „Das Nachtlied I“ и „Vor Sonnen-Aufgang“. Од светската критика пак, овој албум собра исклучителни пофални рецензии оценувајќи го делото како „проект кој е толку многу лајбаховски што е чудо дека не го реализирале порано“ (The Wire). Порталот „Cryptic Rock“ го нарекува овој албум сонично ремек-дело, а угледниот австриски Wiener Zeitung едноставно заклучува „LAIBACH се извонредни“. Скопскиот концерт на LAIBACH е во рамки на европската турнеја за „Also Sprach Zarathustra“, на која бендот изведува целосно нова концертна програма, песните од актуелниот албум, но и класиците од својот репертоар во нов аранжман, а кои не ги изведувале со години. Влезниците за овој концерт се достапни преку продажната мрежа на МкТикетси само во органичен број! Најповолната цена од 500 денари е ограничена само за првите 300 билети, а по нивното распродавање, вториот и третиот подеднаков контингент влезници ќе бидат достапни по цена од 600 и 700 денари. LAIBACH уште на почетокот на 80-тите години стана гордост на бунтовните и прогресивни луѓе во регионов и пошироко, а останаа запаметени како прототип за голем број бендови, меѓу кои и славните Германци „Рамштајн“. По 35 години кариера, тие сѐ уште важат за најголемиот меѓународно признат бенд од поранешните комунистички земји од Источна и Централна Европа, а и покрај светскиот успех, LAIBACH успева да стои настрана од секаква поп-одредница и до ден денес е верен претставник на музичката авангарда. Како вистински легенди тие важат за едни од најгенијалните индустријал уметници на сите времиња, кои воведоа нов пристап кон музиката. Нивната музика и идеи ги поставија корените на она што денес се смета за „милитаристички индустријал“, со извонредни дела кои важат за силна критика на механизираноста и оркестрираноста. Стилот на LAIBACH е пред сѐ критикувачи уметнички перформанс кој постојано посочува кон уметноста која станува алатка на тоталитаризмот и си поигрува со крајните граници на естетиката на фетишизмот и милитаристичката моќ, а може да ве натера да размислувате, да танцувате и да марширате на истата музика. Покрај концертот на LAIBACH, во веќе потврдените настани на ТАКСИРАТ за 2018та се и настапите на KRAFTWERK на 27-ми февруари и LORD OF THE DANCE на 11-ти април во Вип Арена „Борис Трајковски“, GOGOL BORDELLO на 29-ти мај во МКЦ, но и уште многу исклучителни концерти со кои Фестивалот ќе го прослави своето јубилејно 20-то издание, а кои наскоро ќе бидат објавени.