Тања Кармзова Костиглиола: Јас ќе останам човек

Немој да се чудиш кога денот ќе ти дојде и ќе те оплакувам како црна вдовица. Не вџасувај се што по стопати ќе ги повторувам добрите ти дела што никогаш не си ги направил. Не кокори ми очи што без прекор те гледам кога животот си го минав колнејќи те. Остани кроток. Не вознемирувај се што љубовни елегии ти редам крај главата иако те пцуев посочно од маж. И кога ќе ти кажам „благодарам“ на безусловното сакање и неуморната борба, немој, немој, сакан мој, иронија да бараш во исповедите на една лудачка. Оти ти не можеш да бидеш толку студен, колку што мене ми се врели пазувите. Не знаеш да болиш толку, колку што јас умеам да заздравувам. Не успеваш да бидеш коцкар колку што јас знам да се вртам ко зар. Не, не ќе бидеш ни доволно мал за да видиш колку сум јас голема. И никогаш, ама никогаш не ќе си онолку скот, колку што јас ќе останам човек. За Женски магазин, поетесата Тања Кармзова Костиглиола