ТЕМПЕРАМЕНТОТ КАЈ ДЕЦАТА – КАКО ДА СЕ СПРАВИМЕ

Децата се раѓаат со одредена реакција на светот околу себе, предметите, луѓето. Ова е типичен начин на реагирање кој е вроден и се нарекува темперамент. Го имаат и возрасните, но кај нив темпераментот и животното искуство се испреплетени, а резултатот од тоа меѓудејство се нарекува личност. Темпераментот во текот на животот може да се обликува со искуството, но кај децата го гледаме во своето најсурово“, необработено издание. Постојат три типа на детски темперамент:
  • претпазливи деца, деца кои споро реагираат-тоа се деца кои се релативно неактивни или нервозни имаат тенденција да реагираат со повлекување и тешко ги прифаќаат промените. Меѓутоа со време, со постојана стимулација почнуваат да се интересираат за нови работи и да ги прифаќаат. Во овој случај воспоставувањето рутина и придржувањето кон истата, оставање доволно време на детето да се приспособи на новите односи и ситуации е неопходно за да се развие независност кај детето.
  • Лесни и флексибилни деца - се генерално смирени и среќно расположени, ритмични во навиките за хранење и спиење, лесно се адаптираат на промени и не се возбудуваат лесно. Родителите треба да иницираат комуникација со ваквите деца затоа што тие самите нема да се пожалат на своите фрустрации и незадоволства. Ова е многу важно заради развојот на комуникацијата со детето и јакнење на меѓусебниот однос. Тоа е единствен начин да се дознае што мисли и чувствува детето.
  • Тешки, активни, импулсивни деца-тоа се импулсивни деца, немаат ритам во навиките за спиење и хранење, се плашат од непознати личности и лесно се возбудуваат доколку настане бука или друга сетилна стимулација, генерално тие реагираат штом нешто се случува околу нив. Секогаш се напнати и имаат силни реакции и на позитивни и на негативни случувања. На ваквите деца треба да им се обезбеди место во куќата или на отворен простор за нивната вртоглава игра и празнење на енергија, треба да им се даде слобода при изборот (кога тоа возможно) за да се смири нервозата после некоја фрустрација. Промените на места, луѓе и предмети треба многу внимателно да се изведуваат.
Постојат и комбинирани типови на темпераменти во кои спаѓаат многу деца. Не може да се повлече прецизна линија, но најважно е во кој тип на темперамент да припаѓа детето, родителите своите очекувања, цели, барања, дисциплински постапки треба да ги приспособат на детето и неговите потреби. Ако знаеме дека темпераментот е вроден, ние поинаку ќе гледаме на детските реакции и причините поради кои тие се однесуваат на одреден начин. Знаењето за темпераментот ќе ни помогне да ги разбереме и предвидиме детските реакции и благовремено да реагираме. Темпераментот е нешто што се протега од детството до возрасни години и цел живот. Важно е родителот да осознае повеќе за својот темперамент затоа што во семејството сите се во интеракција - секој на секого влијае. На пример активен и љубопитен родител може да биде исфрустриран од мирно и незаинтересирано дете.   За Женски МагазинРужица Митровиќ-Дипломиран педагог