Тешко е кога ќе решиш детето да го воспиташ правилно, додека другите родители го прават тоа поинаку

Тешко е да се воспитува детето. Бидејќи многу од тоа што го учиш е спротивно на она што детето спонтано го прави, што му е пријатно и што му е логично. И потоа ги судираш неговите желби со она што е добро за него. И психолозите велат дека токму тоа е најголемата лекција која детето во созревањето треба да ја совлада – дека сѐ што му е пријатно не е за негово добро, како и дека мноштво непријатни активности ќе му донесуваат добро. И така, додека тоа го правиш, на детето не му е јасно зошто му го ускратуваш убавото, а го тераш на тешкото. Но психолозите уште велат и дека тоа детето многу брзо ќе го сфати. И нема да ни замери. Го чекаме тој момент.

Па во истото воспитување, тешко е во секој момент секој ден да ги преиспитуваш своите воспитни методи. Што толерираме, што не. На што треба да работиме во оваа возраст. Дали детето е преуморно, па да замижам овој пат? Па кога згусти, дали да викам, да се исплаши малку, или сепак не, нема да го заплашувам, не сакам таков авторитет? Па потоа, што велат најновите истражувања?

Не принудувајте го детето во парк да ги дели играчките, нека одлучи само … или сепак мора да ги сподели? Не учете го детето да кажува извини, бидејќи тоа уште не мисли така, па тоа нема корист … или нека, сепак нека научи да ги користи тие неколку златни зборови, па со време ќе разбере? Ако следи казна, нека оди во својата соба, но немојте да ја затворите вратата …или сепак да? Покажете му дека сте лути поради некоја постапка, но не смеете да ја прекинете комуникацијата со детето, значи останете достапни, но малку постудени. И секој пат мало сомневање треба ли да забранам, казнам, земам, да го пушам да се исплаче, да го повишам тонот. И без исклучок, веќе истата вечер кога конечно заспие, следи каење што сепак сум била преостра, сигурно тоа и не била некоја причина … Тешко е кога ќе решиш да го учиш на она што е исправно иако другите родители можеби го прават поинаку. И гледано со очите на детето, како тоа изгледа, другарите смеат да ги говорат сите тие забавни грозни зборови, смеат да фрлаат ѓубре, да викаат, да уништуваат нечие цвеќе, да се туркаат за време на игра, да јадат брза храна, и слатки …само јас не смеам, само јас морам поинаку, само јас ќе си одам дома ако не слушам, баш сега, кога е најинтересно…не е фер. Толку што и јас го чувствувам неговото чувство на „нефер“. Да се издржи неговиот поглед „мамо, зошто ова ми го правиш“ во текот на сите оние морања. Мора да измериме температура, мора да се разладиме под туш, мора да го испиеш овој невкусен лек, мора да го чистиме носот, мораме на вакцина, морам цврсто да те држам за да те прегледа лекарот …списокот е бесконечен. „Мамичке, не оставај ме …“ Тешко, најтешко. Првите денови во градинка. Да, многу помага ако добро се подготвите себе и детето, па се тоа убаво ќе помине за неколку недели. Сепак, страшно е. Го предавате детето во раце на непозната личност, која низ минута ќе мора да му го сврти вниманието бидејќи плачат уште десетмина деца. И повторно тој поглед! Тешко е што не смеам пред него да ставам премногу слатки. Па од милина му се развлече најшироката насмевка над сите тие шарени хартиички, па не знае кој попрво да го изеде и му паѓа на памет да престане! Ех, да, би било тоа баш лесно. И баш неодговорно кон неговото здравје. Тешко е од време на време да одлучите дека детето е подготвено за следното ниво. Како да е игричка. Бидејќи со сите негови самостојни чекори, за чекор си му помалку потребен. Тешко е да се прекине доењето. Веќе никогаш нема да бидам незаменлива. Тешко е да гледате како се менува. Па додека трепнеш, веќе не ти дава рака на прошетка. Време е сам да јадеш, време е сам да одиш надвор, време е да престанеш тоа да го правиш, време е да почнеш ова да го правиш …Одеднаш, сите оние активности кои ни одземаа многу време и мечтаевме за денот кога тоа само ќе почне да ги прави, толку ни недостасуваат што одвреме на време го молиме детето да ни дозволи да го чешламе, облечеме, гњавиме и да бидеме негово друштво за игра. И како што расте, најтешко е тоа каков свет мора да гледа. И секој ден е се потешко, бидејќи секој ден тој свет му станува се подостапен. Што сѐ гледа, и што сѐ ќе мора да види. На кои се прашања нема да имам одговор. Бидејќи и јас немам одговори зошто некои работи уште постојат. Зошто не го решивме тоа. Се срамам што сум дел од генерацијата која требала да обезбеди да растат во почист, поубав и љубовен свет. Зошто не успеавме подобро. Ние, и оние пред нас. Па посакувам да може вечно да остане дете и вечно да живее во шаренилото на својата соба, да се скрие меѓу топлината на меките кадифени играчки, да расте во безбедна околина каква што правевме за неговите први чекори и само во близина на оние кај кои ќе биде добредојден како кај нас кои го дочекавме на овој свет.