Утринско кафе со Александра Илиевски: Малите нешта ме прават среќна

Џамбо е прекар кој го носам од основно училиште и секогаш ќе ме поврзува со моите родители и сестра ми …хахаха, на многу Александри во една генерација, нормално беше таа што се презива Џамбазовска да ја викаат Џамбо. Јас сум сопруга и Мајка на две деца, Мила 11 години и Тара 8. Стрелец со позитивен дух, ведра, енергична и активна, отворена за промени, вечно во трка со времето, и според ХР профилерите амбициозна, вредна, спремна во своите работни предизвици, самодисциплинирана и друштвена со високо развиени социјални вештини. Денот ми почнува некаде пред 7 наутро, со ритуал сличен како на секоја мајка со училишни деца. Откако ќе ги испратам децата во училиште, седнувам сама со убаво турско утринско кафе. Тоа е половина час во денот одвоен само за мене. Тука уживам во утринската тишина и распоредот на денот се средува во тие мои минути со подредување на приоритети, агендата на обврски, состаноци и ангажмани. Во нашата работа секој ден е нов предизвик и клучните белешки ги средувам во глава пред да стигнам на работа и да ме изненади некоја нова порака и ново барање.   Непоправлив оптимист сум и сите мали нешта ме прават среќна. Најчест мотив ми се насмевките на Мила и Тара, нивната радост, фамилијарните моменти во домот. Патувањата и посета на нови градови, концерти, било да сме сами со сопругот или заедно со децата, или со пријателите. Професионално ме мотивираат колегите од тимот, тимската работа, продуктивните средби и состаноци, успешно реализираните проекти и задоволните клиенти. Дневните планови и обврски ми се секој ден нов предизвик. Уште од рано утро може да стигне имејл на телефон со кој денот започнува како возење со ролеркостер. Најчесто работните обврски ми се зависни од барањата на клиентите: бриф за нови кампањи, истражувања на Медиа пазарот во Македонија или во регионот, нови медиски стратегии, следење на тековните кампањи на клиентите, анализа на конкуренцијата, состаноци со медиуми или клиенти. Дирецт Медиа е водечки Медиа систем во регионот на Југоисточна Европа па најчесто сме на релација Скопје-Белград. Изминатиов период бевме фокусирани на многу тренинзи и обуки на сите вработени и надградба на сите знаења, како и следење на светските трендови во адвертајзинг бизнисот. Сега во овој период при крај на годината е бурно поради обврските околу затворањето на годината со планирани vs. реализирани планови и со спремање на нови стратегии за наредната година Моите родители се одличен репер и тој принцип се трудам да го применам и во воспитувањето на моите деца. Ако ги прашате дома ќе ви кажат дека сум строга мајка со многу правила и прописи:) Моментално сме во фаза кога стануваме другарки, и баш поради тој факт сум најсреќна што и двете се девојчиња и тој однос со мајката е малку полесен. Јас би сакала овој период да потрае малку подолго, сега тие две се доволно големи за сами да ги завршуваат обврските и сѐ уште мали за да бидат независни од мене и сопругот. Работниот ден ми завршува некаде после 17 часот, а потоа во афтерворк периодот сум бесплатно такси за обврските и ангажманите на ќерките. Навечер после 21 часот сме најчесто дома, со завршени домашни работи и се подготвуваме за утрешниот ден. Сакам спонтани дружби и друштво за време на викенд, а доколку сме сами најчесто сопругот спрема поголем сад со пуканки и се паркираме сите пред ТВ. Многу сакам да читам книги, но најчесто тоа го правам за време на летните или зимските одмори, кога сме надвор од државата и кога нема интернет:) Понекогаш ми се случува за време на одмор да прочитам 4-5 книги во период од 2 недели. Филмови гледаме скоро секој викенд, ги имаме изгледано сите анимирани филмови, а сега најчесто тоа е некоја фамилијарна комедија. Со доближување на празниците се знае дека сите божиќни филмови ќе бидат на репертоар. *Алекандра Илевски е Медиа Менаџер  во адвертајзинг агенцијата Дирецт Медиа во Скопје