Утринско кафе со Анкица Стојановска Митровска: Секое утро бистриме детска политика

Денот секогаш ми започнува со насмевка, со мнооогу гушкања, со најпрекрасните прегратки од кои зрачи топлина и љубов надополнети со безброј бакнежи. Марко и Ива ми ги прават утрата најубави, најпозитивни и најсмешни. Сега сме во фаза на многу прашања и бисерчиња особено во утринските часови. И да секое утро бистриме детска политика: Зошто не е сабота? Кој ден е? Мора ли денеска во градинка? Кога ќе дојде викенд? ........ 1000 зошто 1000 затоа: -) Кафето ми е задолжителен пијалок во утринските часови и тоа онака убаво горко, топло со кајмак македонско кафе. Обврските во текот на денот темпираат и каде и со кого ќе го испијам првото кафе. Честопати ми се случува откако ќе ги оставам моите близначиња во градинка да се вратам дома и сама и како што се вели на раат да си го испијам кафето покрај компјутер со подготовка за емисијата АлфаСкоп, и без брзање да се подготвам за на работа. Во деновите од викендот првото утринско кафе го пиеме со сопругот Иван, уживаме четворицата секој одделно во своите ритуали, некој со кафе некој со овошна каша 

Во текот на денот ме мотивира животот, целите што си ги имам поставено, идеите и соништата кои ми се мотаат во глава и кои треба да се реализираат. Ме мотивира љубовта кон семејството, кон работата. Во се наоѓам инспирација и мотивација. Верувам во себе имам доверба во нештата кои ги правам и токму тоа ме охрабрува да ги надминам сите пречки, да ги истраам сите лоши мигови, да бидам трпелива но и храбро да стасам до посакуваната цел. Ме мотивира и поддршката од најблиските, особено од семејството. Мотивацијата ја „црпам“ и од некои мои блиски личности кои се успешни во својот приватен и деловен живот, ме мотивираат со своите дела, постапки, позитивни примери. Но главната мотивација се роди пред 3 години и три месеци за нив и светот би го сменила, чинам дека и невозможното би го направила возможно, тие се причината и насоката за која треба да се борам, создавам и живеам.

Обврските секогаш се различни во работните денови, согласно договорените активности. Најчесто се состои од подготовка за емисија а тоа подразбира телефонски контакти, подготовка на синопсис за АлфаСкоп, одење на фризер во Cut and Cut и сл. Сето тоа до 10.30, потоа кога ќе стасам во телевизија, ја посетувам шминкерницата, се шминкам и во 12 часот започнувам со емисија. Во деновите кога на АлфаСкоп е мојата драга колешка Ирена, извршувам некои состаноци, одам во Скај радио 102,5фм, да снимам неколку емисии за емисијата Радио Метаболизам, го посетувам салонот за убавина Силуете, по облека во Ada Gatti и задолжително порано ги земам од градинка моите драги „индијанци“ со нив деновите попладне се динамични, одиме на англиски, цртаме, боиме, играме со коцки, возиме колички, ги храниме неумните бебиња, посетуваме игротеки или гости, ја трошиме максимално целата енергија и така изморени се бањаат и во кревет. Навечер (откако ќе заспијат децата) имам време да го средам нередот по дома, да работам на компјутер и доцна во ноќта да си легнам. За време на викендите ми е многу релаксирано зошто сум посветена на семејството, на шетање и уживање во прегратките на сопругот и на Ива и Марко.

Денот ми завршува со капење деца, приказна пред спиење, и глумење дека веќе сум заспала (а понекогаш кога сум преморена и не е глума: - D). Откако ќе заспијат тогаш имам време за себе, за моите обврски по дома или за работа, за да се видиме со сопругот да разговараме за тоа кому како му поминал денот или за некој филм.

Многу сакам да читам книги, љубовта кон книгите е огромна и жалам што имам многу малку време за нив. Последната книга која ја прочитав минатата недела беше книгата на мојата омилена авторка Тереза Ревај – Другиот брег на Босфор. Во моментов ја читам книгата Ана, Хана и Јохана на Маријане Фредриксон, не ги читам со толкава брзина како порано но сепак не сум ги запоставила. Сакам да гледам филмови, претежно во деновите од викендот се резервирани за патувања и филмови, последниот филм кој го гледав минатиот викенд беше „Atomic blonde“ со Шарлиз Терон.